Тетово нема ниту море ниту езеро, но има одлични нуркачи
Во водите крај Шибеник 120 нуркачи извадиле 4,5 тони ѓубре за еден час, претежно пластика, а крај Дубровник нуркале 125 колеги, меѓу нив седумтемина членови на екоклубот „Пена“ и осуммина од Охрид
Тетово нема ниту море ниту езеро, но тоа не е никаква пречка за ентузијастите од еколошко-нуркачкиот клуб „Пена“ да се занимаваат рекреативно со нуркање и да дадат мал, но мошне значаен придонес во одржувањето на екосистемот на домашните езера и регионалните мориња.
Благодарение на искуството и обуките на Охридското Езеро кај Радожда и Калишта во Струга и кај Трпејца во Охрид, нуркачкиот тим „Пена“, составен од 12 члена, подготвено ја дочекува новата нуркачка сезона, која почнува оваа недела, и се надева дека ќе биде исто толку успешна како ланската кога беше ангажиран да ги исчисти коритата на реката Пена, потоа на езерото Матка, велешкото езеро Младост, како и Дојранското и Мавровското Езеро.
Горан Видачек
Ретко кој знае дека нуркањето е можеби најскапиот индивидуален спорт, поскап од скијањето и тенисот, поради инвестирањето во опремата. Горан Видачек, член на нуркачкиот клуб „Пена“, претседател на Македонско-хрватското друштво (МХД) во чии рамки функционира клубот, вели дека за да може еден почетник да нурка најмногу до 50 метри длабочина, потребни се навистина многу средства. Сепак, малкумина знаат дека нуркањето е благородно и општествено корисно затоа што со ниту еден друг спорт не може да се сочува животната средина како со него.
- Оној што сака да се занимава со нуркање, било аматерски било професионално, треба да издвои најмалку 1.500 евра за опремата, во која влегуваат компјутерскиот систем за следење на длабочината и притисокот и околу 500 евра за полагање на курсот. На првиот курс за нуркање можете да се симнете најмногу до 24 метри. Да, скапо е, но малкумина знаат дека за да станете инструктор за нуркање, треба и да учите и да положите 20 категории, односно да имате помеѓу 2.000 и 3.000 нуркања. За инструктор за автомобил, полагате само неколку категории. Згора на тоа, додека нуркаме, го чистиме и ѓубрето од длабочините на езерото или морето - потенцира Горан Видачек.
Првото правило на нуркачите е дека не смеат веднаш да излезат од водата затоа што самиот азот кој се вдишува преку боцата со кислород е отровен. Таа содржи 21 % кислород, еден отсто гасови како аргон, јаглероден диоксид и хелиум, а останатото е азот кој станува отровен и опасен. Притисокот може да направи сериозни проблеми ако се брза кон површината на водата, особено промената на крвниот притисок во организмот.
Видачек истакна дека за нуркање секогаш треба да се има партнер, односно не е препорачливо сам да се нурка во длабочините. Секој нуркач со себе има два регулатори под вода, еден за себе, а другиот за партнерот во случај да снема кислород.
– Ние не сме професионален клуб и функционираме со помош на средства и проекти. Околу 500 до 600 денари чини едно полнење на боцата со кислород. Сега набавивме компресор за кислород, кој чини 2.500 евра и работи на 220 бари, што во превод значи дека е посилен од тенковска граната. Ние, нуркачите, често велиме: „Подобро да ме удри граната од тенк отколку да ми експлодира боцата со кислород“ – објасни тој.
Круна на нивниот подводен ангажман беа двете екоакции лани на хрватското крајбрежје во Шибеник и Молунат близу Дубровник.
Во водите крај Шибеник 120 нуркачи извадиле 4,5 тони ѓубре за еден час, претежно пластика, додека крај Дубровник биле 125 колеги, меѓу нив седумтемина членови на екоклубот „Пена“ и осуммина од Охрид.
- За еден час и нешто, колку што имавме кислород, на само 11 метри длабочина собравме 3,5 тони ѓубре крај Молунат, пред сѐ, пластика која поради силните струи во Јадранот е надојдена од албанското крајбрежје. Би можеле да собереме и повеќе, но проблем е полнењето на боците со кислород за стотина нуркачи одеднаш. На последниот ден од турнејата нуркавме на длабочина од 30 до 50 метри каде што потонал бродот „Кајзер Франц Јосиф“ во 1918 година. Глетката беше прекрасна. Присуствувавме на историја. Со оглед на тоа дека поминале 103 години од потонувањето, бродот е во добра форма и целиот негов труп е зачуван – нуркачите ги раскажаа импресиите од нуркањето на Јадранот.
Нуркачите постојано ги документираат своите подводни подвизи со фотографии и видеа, а знаат да направат и понекој невообичаен потег во сините води како играње табла во длабочините на Охридското Езеро или кршење со велигденски јајца под вода.
Фото: Орце Костов/Еколошко-нуркачки клуб „Пена“