Банка по грешка му префрлила 81 билион долари, а требало само 280 долари
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Американската банка „Ситигруп“ по грешка префрлила неверојатни 81 билион долари на сметката на еден клиент, иако човекот побарал да му бидат префрлени само 280 долари, пренесуваат странските медиуми.
Грешката се случила во април 2024 година, но јавноста дозна за неа една година подоцна. Според информациите на „Фајненшал тајмс“, ниту вработениот кој ја направил трансакцијата ниту неговиот колега задолжен за проверка не ја забележал грешката. Ја открил трет вработен, околу еден час по извршената уплата. Неколку часа подоцна, трансакцијата била поништена.
Според изјави од банката, парите не ја напуштиле банкарската институција и инцидентот бил пријавен до Федералните резерви и Канцеларијата за контрола на валута. „Ситигруп“ истакнува дека грешката била откриена благодарение на внатрешните контролни механизми и дека никогаш не би дозволиле средствата да излезат од системот.
- Инцидентот нема последици ниту за клиентот ниту за банката. Оваа ситуација уште еднаш ја потврдува нашата заложба да преминеме кон автоматизирани проверки и да се оддалечиме од рачни внесувања - соопштуваат од банката.
Стара технологија, нови проблеми
Грешката се должи на комбинација од заостанат технички систем и неинтуитивен кориснички интерфејс.
Поради неможност за автоматска обработка, на еден вработен му било наложено рачно да ги внесе податоците во стар систем што ретко се користи. Проблемот бил во тоа што полето за внес на сума автоматски содржело 15 нули, кои не биле избришани – и така наместо 280 долари, биле внесени 81 билион долари.
Не е прв ваков случај
Ова не е првпат „Ситигруп“ да направи сериозна грешка со трансакциите. Според интерен извештај, во 2024 година биле регистрирани 10 случаи на погрешни уплати во вкупна вредност над една милијарда долари. Сите тие биле навремено откриени и поништени.
Извор:
Atvbl.rs
Фото: Pixabay