Момчиња учат да пеглаат, шијат и да готват во училиште во Шпанија
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Пеглањето, шиењето и готвењето се основните задачи што повеќето луѓе ги учат дома. Но, сосема е различно кога училиштето нуди дополнителни часови за децата, особено момчињата, да изградат вредности во однос на родовата рамноправност и да ги срушат стигмите со кои се соочуваат кога ги извршуваат овие активности.
Токму ова го учат децата во училиштето „Монтокастело“ во Шпанија, под мотото „Еднаквоста се учи со акции“.
Во 2018 година училиштето објави дека ќе воведе часови по домашна економија меѓу другите предмети. На овие часови машките ученици ќе учат да извршуваат задачи низ дома, како што се пеглање, шиење, готвење и други активности - столарија, ѕидарство, водовод и електричарство.
Часовите ги држат веќе вработените наставници и претставници на училишниот кампус, како и некои татковци на учениците.
- Се чини дека е многу корисно нашите ученици да научат да ги извршуваат овие задачи за кога ќе формираат семејство, да бидат вклучени уште од самиот почеток. Треба да знаат дека куќата треба да ја одржуваат и мажот и жената, а не само жената да чисти, да мие садови и да пегла. Ова ќе им помогне да станат свесни и да научат да се справуваат со задачите низ дома - вели Габриел Браво, координатор на установата.
Идејата се родила кога училишната администрација барала начин да ги промовира критериумите за родова еднаквост. Проектот подоцна им бил претставен и на родителите и на учениците. Родителите немале никакви проблеми со прифаќањето на идејата, додека учениците негодувале кога слушнале дека треба да шијат и да пеглаат. Но, кога почнале да ги извршуваат задачите, тие сфатиле дека станува збор за едноставни активности што можат лесно да ги направат и мажите и жените, ако ги следат едноставните чекори.
- Некои од нив првпат држеа
пегла в рака, па беше и забавно и поучно истовремено. Изненадени сме од позитивната реакција, а родителите се многу среќни - вели Браво.