Хотел на отворено во Швајцарија - нема ѕидови, прозорци, врати

Хотел на отворено во Швајцарија - нема ѕидови, прозорци, врати

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Привремен хотел во Швајцарија е совршен за патници што сакаат социјално да се дистанцираат и не можат да одлучат дали сакаат луксузна ноќ во хотел или кампување под ѕвездите.

Уникатното сместување им дозволува на гостите да спијат во удобен кревет без ѕидови (или покрив), кои би им го попречиле погледот.

Проектот наречен „Зиро риал естејт“ потекнува од „Нул стерн хотелс“, кој првпат во 2017 година отвори ваков проект.

„Собата“ била создадена од концептуалните уметници Френк и Патрик Риклин заедно со професионалецот за гостопримство, Даниел Чарбониер.

1
Фото: Patrik Riklin/Zero Real Estate

„Нул стерн“ се најде на насловните страници во 2008 година откако создаде хотел во нуклеарен бункер во Швајцарија. Хотелот „Севелен“ тогаш добил ознака „првиот хотел во светот со нула ѕвезди“, но проектот оттогаш еволуирал во сегашната титула „Нул стерн - единствената ѕвезда си ти“.

Собите ќе бидат достапни за изнајмување во швајцарските туристички дестинации Св. Гален-езеро Констанца, Тогенбург, Хајдиланд, Апенцел, Тургау, Шафхаузен и кнежеството Лихтенштајн.

хотел
Фото: Patrik Riklin/Zero Real Estate

Со хотелот управуваат мештаните, а има и група модерни батлери кои ги пречекуваат гостите и им доставуваат храна и пијалаци. Ноќевањето чини 275 евра, но треба да знаете дека во „собата“ нема бања, ни туш.

Извор: Lonely Planet