Нови правила што ве чекаат на следното летање со авион

Нови правила што ве чекаат на следното летање со авион

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Коронавирусот смени многу работи во нашето секојдневие. Најголемите промени се забележуваат во патувањето. Патниците треба да очекуваат одредени промени при следното летање, како задолжително физичко дистанцирање и задолжително носење маски.

Маски

Од „Туркиш ерлајнс“ изјавија дека сите патници ќе мора да носат маски во текот на летањето. Дополнително, од компанијата бараат и менување на маските на секои четири часа на долгите летови, а сите патници мора да носат и хигиенски марамчиња за време на летањето. Некои авионски компании не ги следат овие протоколи, но повеќето се придржуваат.

Физичко дистанцирање на аеродромот

Пред и по летањето од патниците се бара да задржат физичка дистанца од другите. Овие правила се следат на одредени аеродроми, па може да ги очекувате на следното летање.


Фото: Pexels

Автоматизирано чекирање

Многу авионски агенции имаат апликации за чекирање, а едно од новите правила предвидува користење на технологијата за автоматизирано чекирање наместо хартиени билети.

Проверка на температура

Некои авионски агенции и аеродроми веќе ја проверуваат температурата на патниците. „Луфтханза“ бара од патниците да гарантираат дека се доволно здрави за да летаат.

Одвојување на храната

На некои аеродроми се бара одвојување на храната што се носи во авионот во посебна проѕирна торба за да се намали проверувањето на торбите од страна на вработените. Прехранбените продукти честопати бараат дополнителна проверка од страна на вработените при безбедносното проверување на багажот.

Автоматизирано чекирање на багаж

„Туркиш ерлајнс“ овозможува автоматизирано чекирање на багажот преку киосци поставени на одредени аеродроми. Со ваквиот метод се намалува контактот помеѓу патниците и вработените. Сите аеродроми не се подготвени да го имплементираат овој начин на чекирање, но во иднина тоа ќе се промени.


Фото: Pexels

Физичко дистанцирање во авионот

Повеќето авионски агенции го оставаат средното седиште празно за патниците да имаат повеќе простор додека се во авионот.

Нови ограничувања за течности

Некои аеродроми може да дозволуваат носење поголеми количества течности во авионот во споредба со претходно. Причината за ова е да се поттикне носењето гелови за дезинфекција.


Фото: Pexels

Помал рачен багаж

Некои авионски агенции не дозволуваат рачен багаж кој би се ставал во делот над седиштето. „Туркиш ерлајнс“ дозволува само лаптоп и чанта.

Промени во излегувањето од авионот

Повеќето патници сакаат да излезат од авионот што побрзо, но ова повеќе нема да биде овозможено. „Туркиш ерлајнс“ дозволува излегување на десет патници истовремено со пауза од две минути помеѓу секоја група патници.

Автор: Џеф Богл
Извор: rd.com