Ова се кандидатите за ректор на УКИМ
Шестмина професори се кандидати за следен ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Универзитетската изборна комисија денеска ги објави нивните имиња. Во наредните три дена незадоволните кандидати можат да достават приговор. Комисијата констатирала дека проф. д-р Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања немал поднесено комплетна документација согласно условите од јавниот оглас.
- УИК не беше во можност да пристапи до содржината на електронски поднесената програма за работа бидејќи истата е заштитена со лозинка - стои во објаснувањето на комисијата, со која претседава проф. д-р Пламен Тројачанец.
Кандидатите наведени по азбучен ред се: проф. д-р Јане Ацевски, проф. д-р Коле Василевски, двајцата од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженерство „Ханс Ем“, проф. д-р Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна, проф. д-р Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет, проф. д-р Вујица Живковиќ од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и Никола Јанкуловски од Факултетот за медицински науки од Скопје.
- Универзитетската изборна комисија постапува според надлежностите утврдени во
Законот за високото образование и Статутот на УКИМ. Дејствијата се преземаат според динамика определена со Роковникот што е јавно достапен, а во контекст на објавеното упатство за работа.
Според роковникот за работа на Комисијата, новиот ректор треба да биде избран на 26 јуни, откако претходно ќе бидат промовирани програмите на сите кандидати.
Новиот ректор се избира за мандат што ќе важи од 15 септември 2020 до 15 септември 2023 година.