Ана Михаиловска, добитник на „Инженерски прстен“: „Младите умови ѝ се потребни на земјава за да градиме европска држава“

Ана Михаиловска, добитник на „Инженерски прстен“: „Младите умови ѝ се потребни на земјава за да градиме европска држава“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Можности за прогрес има кога инвестирате во себе. Сакам животната средина да стане движечка сила за развој, здравје и благосостојба на луѓето. Убаво е кога знаењето се надградува и од други граници, токму затоа сакам да растам и да соберам искуство од други институции, преку постдипломски престој, изјавува Михаиловска

Ана Михаиловска, студентка на Факултетот за природни и технички науки при УГД, е дел од годинашните добитници на „Инженерски прстен“. Вели дека да го прочиташ своето име помеѓу најдобрите во својата држава е доказ дека трудот секогаш те издигнува на врвот.

- Свесни сме дека патот дотука беше трнлив и тежок, затоа не ја кријам гордоста што ја чувствував на денот кога го видов моето име на листата. Да си на врвот, значи да си студент-борец кој покрај сите падови и предизвици, излегол на вистинскиот пат. „Инженерскиот прстен“ ги закитува сите непроспиени ноќи, испишани спомени низ студентските клупи, како круна на една вечна љубов кон инженерството и заштитата на животната средина - вели Ана.



Балансот е важна алка во студирањето

Ана уште од мала негува љубов кон книгите и има желба да се надминува себеси.

- Одличниот успех го градев од почетокот на моето образование, секогаш стремејќи се кон нешто различно и свое. Бев дел од повеќе области кон кои се темели секојдневното живеење, посетував курсеви, натпревари и покажував љубов кон јавното говорење. Можеби тоа што секогаш сум своја ме правеше да сакам нешто различно, така гледајќи во каков динамичен свет живееме, секојдневните предизвици со аерозагадувањето, климатските промени и глобалното затоплување, како составен дел на сите сектори, а кои кај нас допрва ќе се чувствуваат, ме натераа да бидам дел од инженерството на животната средина, да се борам за чист воздух и здрава животна средина за која е потребно сериозно инвестирање - вели Ана.

Студиите бараат огромни жртвувања, но носат неповторливо искуство кое треба да се искористи, вели таа.

- Не целев кон 10-ка никогаш, можеби затоа и никогаш не преполагав испит. Јас уживав во целиот процес бидејќи ја сакам професијата што ја избрав. 10-ката е само една алка во тој процес на мотивација за повеќе и лична сатисфакција ако знаете дека сте поминале цели ноќи над предметот. Поттикот и мотивацијата се првично од професорите, но и од себеси. Понекогаш и безброј фактори да ве туркаат напред, нема успех доколку немате желба и визија за себе. Дипломирав со просек 9,51 на ФПТН. Знаете, кога го сакате патот кој го одбирате, сѐ е полесно, иако знае да биде неправеден и полн со пречки. Желбата и љубовта се секогаш крилја за големи нешта. Сум се откажала од многу работи и никогаш не се покајав. По секој семестар има простор да се распоредат обврските и ако добро го менаџираш времето, ќе постигнеш сѐ. Затоа многу пати повторувам дека балансот е важна алка во студирањето, одев и на забави и патувања бидејќи научив дека кога навреме ги планираш работите, имаш време и за себе, и тоа е дел од животот. Студентот учи да созрева сам, да се социјализира и да се запознава себеси - вели Ана Михаиловска.



Спасот на човештвото е во човечкото срце

Животната средина е поврзана со сите сектори на едно општество и бара комуникација меѓу сите сфери. Токму овде инженерите имаат клучна улога за креирање одржливи технологии за квалитетна животна средина и грижа за човековото здравје, споделува нашата соговорничка.

- Почнувајќи од прва година, спектарот на учење беше широк, запознавајќи нѐ со сите предизвици на иднината. Можноста да учествувам во реален проект за време на студиите беше можност да се пронајдам себеси, фокусирајќи се на загадување и заштита на воздухот. ПМ-честичките како едни од најчестите загадувачи во воздухот беа и истражувачка тема на мојот дипломски труд под менторство на проф. д-р Дејан Мираковски, а бескрајно сум им благодарна на сите професори од ФПТН кои ми всадија љубов кон инженерството и академската кариера. Секојдневните предизвици ме насочија кон делот на загадување и заштита на воздухот, а токму научноистражувачката работа како темел за решавање инженерски предизвици е делот каде што припаѓам, сакајќи притоа да бидам стимул кој на факултет ќе ги образова младите инженери - објаснува Ана.

Како што вели таа, наградата отвора многу врати во поглед на професионалната кариера, можности и нови значајни членства, како членството во клубот на млади инженери.



- Моментално сум запишана на постдипломски студии од областа на заштита на животна средина. Работам како демонстратор на ФПТН и дел од тимот на AMBICON, лабораторија за животна и работна средина. Имам амбиции за студиски престој во странство и мислам дека со труд и поддршка од факултетот се движам по вистинскиот пат и постојано се развивам. Инженерството е динамичен процес кој бележи брзи промени, а самото тоа значи постојано следење на најновите методи и интелектуално вложување во себе. Сакам да ја заокружам мојата магистерска патека со ново истражување за загадувањето на воздухот и, се разбира, да продолжам понатаму. Како интердисциплинарна наука, животната средина постојано се движи напред барајќи многу истражувања и труд. Да бидам искрена, имам неколку клучни цели кои се однесуваат на професионален план, со оглед на тоа дека се одвиваат појави кои тешко се контролираат, се испуштаат големи количини на загадувачки супстанции. Ова се ефектите од пребрзиот технолошки развој, развојот на индустријата, зачестените хаварии и другите активности диктирани од современиот живот на човекот, како и природните катастрофи. Земајќи ги предвид сите овие показатели, потребно е да се преземат мерки за подобрување на квалитетот на воздухот. Спасот на човештвото е во човечкото срце и љубовта кон нашата планета. Верувајте дека сѐ почнува од нас, секое фрлено шише значи. Во потрага сум по акција за зелен енергетски живот, чиста околина, но имам уште многу да учам, да стекнувам искуства и да создавам промени. Простор за промени секогаш има, затоа сакам амбициите да одат една по една, до бесконечност - вели Ана.



Додава дека „Инженерскиот прстен“ на некој начин докажува дека трудот се цени.

- Чест ми е што во мојата држава добив ваков мотив и обврска да придонесам кон промени. Младите умови ѝ се потребни на земјава, со млади капацитети да градиме европска држава. Можности за прогрес има кога инвестирате во себе. Сакам животната средина да стане движечка сила за развој, здравје и благосостојба на луѓето. Убаво е кога знаењето се надградува и од други граници, токму затоа сакам да растам и да соберам искуство од други институции преку постдипломски престој - изјавува Михаиловска.

Фото: приватна архива