Стеван Субиќ, српски стрип-уметник: Добивањето на довербата од „Ди-Си комикс“ само по себе е успех и задоволство

Стеван Субиќ, српски стрип-уметник: Добивањето на довербата од „Ди-Си комикс“ само по себе е успех и задоволство

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во сите земји од поранешна Југославија живеат и работат неверојатни уметници, кои наизменично се потпишуваат за водечки публикации, што нè прави многу значајни учесници во уметничкото создавање на стрипови на глобално ниво, истакнува Стеван

Стеван Субиќ во последните години е едно од најпопуларните имиња на светската стрип-сцена. Откако ги илустрира стриповите на безвремените херои Конан, Тарзан и Шерлок Холмс за странскиот пазар, сега посветено работи на проект за светската компанија „Ди-Си“, за која го илустрира ликот Ридлер - еден од најголемите негативци на Бетмен. „Ди-Си комикс“ е издавачка куќа за стрипови и една од најголемите и најстари компании за стрипови, подружница на „Ворнер Брос“.

Стеван е главен гостин на број 1 изданието на „Стрип трип фестивал“ – Скопје, кој се одржува викендов во МКЦ. Тој вели дека со нетрпение ќе ги сподели своите искуства од деветтата уметност со публиката и своите колеги.

Главен гостин сте на „Стрип трип фестивал“ - Скопје. Какви искуства сакате да споделите на фестивалот?

- Бидејќи првпат престојувам во Скопје, со нетрпение очекувам да дојдам и да се сретнам со моите колеги и читатели во Македонија. Тоа е голема чест. Сакам да разговарам со сите што се заинтересирани за стрипови и илустрации, да разменувам идеи во пријателски разговор меѓу колегите, секако, би сакал да научам нешто ново за време на овој прекрасен фестивал. На прво место се моите помлади колеги и се надевам дека споделувањето на моето искуство со нив ќе биде од корист.



Вашето име станува сѐ поприсутно на светската сцена за стрип-уметност. Накратко споделете ни кој беше Вашиот развоен пат и кој лик/проект Ве направи препознатливо име?

- Мојата кариера трае релативно кратко, мојот прв стрип беше објавен во 2015 година. Од тој прв стрип со Серџио Бонели Едиторе следуваа наслови и соработки, секој доаѓаше во свое време, кога беше потребно. Работев на моите стрипови со сѐ што тогаш имав на располагање и затоа сите ми се исклучително драги. Италијанските книги ме позиционираа во Италија, не надвор од неа, додека делата од тие книги стигнаа до Франција, но не и понатаму. Титулите што ги направив во Франција, од друга страна, всушност лансираа кариера што може да се нарече европска. Мислам дека Шерлок Холмс ми ја отвори таа врата за признание како уметник и доведе до тоа мојата работа да биде препознаена како нешто што големите француски издавачи сакаат да го имаат во нивната продукција. Тоа значеше и дека може да ми даваат наслови со поголема одговорност, прво Тарзан, а потоа Конан, кои во тие ривалски издавачки куќи беа истовремено и наслови од кои издавачот очекуваше многу, прва постава во таа комерцијална смисла. Ова навистина не се мали предизвици, потребно е многу знаење, работна дисциплина и љубов кон она што го работите за да се постигне и заврши и сите да се гордеат со овие книги. Сигурно не можев да го направам тоа што го направив без сите тие одлични искуства направени за помали наслови во Италија и во Франција. Меѓутоа, бидејќи тоа е прашањето и треба да издвојам некои, тогаш тоа би биле Moriarty (Fra), Le Storie #65 (Ita).



Тарзан, Конан, Ридлер, Шерлок Холмс се дел од Вашето богато портфолио, а се потпишувате на големи проекти. Што би издвоите како нешто со кое особено се гордеете?

- Тешко е да се издвои таков наслов затоа што секој е драг и важен сам по себе, личен, затоа што поминувате речиси една година со нив во вашето студио. Секој од нив е создаден во момент кога давав сѐ од себе и мислев дека тешко можам да дадам нешто подобро од она на што моментално работам. Се разбира, многу брзо сфаќате дека постојано учите, дека вашиот израз се развива, вашата камера и начинот на кој составувате визуелна приказна за вашите читатели исто така се менуваат и растат, а со тоа вашите наслови стануваат поквалитетни, подлабоки, посеопфатни, колку занаетчиски колку и уметнички. Во моментов, тоа е дефинитивно Ридлер, насловот во кој го ставам целиот мој потенцијал и знаење и длабоко верувам во оваа серија. Можам да кажам дека сум благодарен што имам одличен тим за работа и, конечно, што сам визуализирам книга, заедно со сценаристот Пол Дан. Мислам дека овој наслов со право зазема многу важно место во мојата досегашна кариера.



Добивањето доверба од „Ди-си“ (DC) е успех и задоволство, а создавањето креативно решение за „Ридлер“, за еден од најголемите негативци на Бетмен - секако е поголем предизвик. Што значи овој проект за Вас?

- Добивањето на довербата од „Ди-си“ само по себе е успех и задоволство. Големо задоволство е да се работи на наслов како „Ридлер“, кој воедно го претставува и официјалниот приквел на новиот филм за Бетмен. Значи, одговорноста е навистина голема бидејќи вниманието што го следи она што го правиме не доаѓа само од публиката, не само од „Ди-Си комикс“, туку и од светот на филмот, од Холивуд. На вакви наслови, кои се навистина многу ретки, очекувањата се огромни и сѐ што не ги исполнува тие очекувања е веќе промашување, на почетокот, иако квалитетот е непобитен. Критериумите на публиката се веднаш превисоки и имаат огромни очекувања, што не е случај со стриповите и сериите со кои секојдневно се среќаваме и кои на почетокот се анонимни. Пред сѐ, затоа што нашиот стрип оди рака под рака со хит-филмот кој е популарен кај светската публика. Од друга страна, правилно завршената работа најпрво се прифаќа со изненадување бидејќи публиката е изненадена од нивото на квалитет, посветеност и веродостојност на сè што е на страниците, односно не е верна копија на филмот на кој се заснова. Првата епизода беше распродадена во Америка за само 6 дена од објавувањето. Потоа, веќе со втората епизода, публиката и индустријата стануваат свесни дека не се работи за инцидент, туку дека знаењето, ставот и дека знаеме што правиме се посредувани, па очекувањата и довербата растат како што се нижат епизодите. Многу сум благодарен за оваа година досега и за сѐ што направивме јас и Пол со оваа серија. Можам да кажам дека сум горд на нас како тим и на сето она што го создадовме досега.



Во што ја вложувате Вашата креативна енергија периодов, на какви скици, стрип-цртежи сте посветени?

- Целосно сум посветен на Ридлер, тукушто завршивме со работа на петтата, претпоследна епизода и по моето враќање од Македонија ќе започнеме со работа на последната епизода од нашата серија. Инаку, секогаш работев по неколку наслови, на пр., Конан и Тарзан беа создадени во исто време во текот на 2020 година, но сега немам време за ништо друго освен за соработка со „Ди-Си комикс“ бидејќи на овој наслов работам и на поставките, и на тушот и бојата на сите панели, додека во некои епизоди, особено оваа претстојна петта, работев дури и внесување текст. Ги правам насловните страници исто така, па затоа и да сакав, немаше да имам време за друго. Во моментов работам на многу интересна насловна за „Ди-Си“ која нема никаква врска со Ридлер, за жал, не можам да кажам што е тоа, но ќе биде изненадување.

Омилен дел од работата?


- Тоа дефинитивно би било тушот, односно кога по цртање со молив или поставување ќе почнам да работам со пенкало и четки. Навистина уживам да работам со мастило, во голиот цртеж, без разлика дали е традиционален на хартија или дигитален.

Како ја оценувате актуелната стрип-сцена?

- Во регионот сцената е многу силна. Во сите земји од поранешна Југославија живеат и работат неверојатни уметници, кои наизменично се потпишуваат за водечки публикации, што нè прави многу значајни учесници во уметничкото создавање на стрипови на глобално ниво. Во последно време стриповите значително се повлекуваат пред гејмингот, многу суперталентирани и амбициозни млади луѓе кои некогаш можеби зачекорија во стрипот, сега одат во таа индустрија, која всушност е многу блиска до стрипот, и остануваат таму. Не мислам дека стрипот како уметност долгорочно ќе исчезне како израз или издавачки деликатес на Балканот, туку дека ќе биде сериозно потиснат од игри и нови видови изразување кај младата публика, тоа е сигурно… Бидејќи стрипот се создава за публиката, а тешко се доаѓа до нова публика за стрип, тоа ќе предизвика промена и адаптација на самиот стрип кај нас, и ќе успее во намерата, за тоа не се сомневам ни малку.

Фото: приватна архива