„Губење година“ звучи како крај на светот, ама не е! Како да го изберете вистинскиот факултет?

„Губење година“ звучи како крај на светот, ама не е! Како да го изберете вистинскиот факултет?

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Учениците треба да се запознаат себеси, да ги откриваат афинитетите, талентите, да се испробуваат во разни вештини, без прекин. Комбинацијата од училиште, хобија, карактер и сништа го создава човекот


Кога ќе заврши средното образование, младите се исправени пред крстосница – кој пат да го фатат? Поголем дел од нив ќе изберат некој факултет, дел ќе го завршат образованието. Во време кога факултетите се многу достапни за младите, како 18-годишник да одбере каде да се запише? Факултети.мк ќе се обиде да му помогне.

- Матурантите се често збунети и уплашени пред носењето толку голема одлука, немаат доволно информации за различните можности, ниту јасно изградена слика за своето идно занимање. Тие сакаат и да докажат дека се доволно возрасни за самостојно да носат важни одлуки. Некогаш таа одлука се носела еднаш за целиот живот. Добро е што денес повеќе не е неотповиклива, што можеме да смениме повеќе работни позиции, а некогаш и радикално да зачекориме во сосема нова област – вели Алберта Гулицовска, психолог во средното училиште „Св. Климент Охридски“ од Охрид.

Алберта Гулицовска, психолог

Учениците треба да се запознаат себеси, да ги откриваат афинитетите, талентите, да се испробуваат во разни вештини, без прекин. Комбинацијата од училиште, хобија, карактер и сништа го создава човекот.

- За одговорно носење одлуки, потребно е да знаеме што сакаме, како можеме да го оствариме и кои се алтернативите, доколку тоа е невозможно. Усогласувањето на желбите и можностите би значело познавање на своите способности, постојните услови, стремеж кон остварување на потенцијалите, односно поседување развиена свесност за себеси. Сепак, во текот на растењето често се губи контакт со вистината за себе. Причините се многубројни, а способноста за донесување одлуки не е развиена и често резонираме емотивно – вели Гулицовска.

Очекувања и вредносни системи

„Најопасни“ се очекувањата за тоа како некоја професија изгледа во реалноста, што добиваме со неа и колку тоа нешто ни е важно - пари, статус, комуникација и динамика со патувања, можност за напредување, сигурност и познат канцелариски простор, редовна плата, работното време, простор за индивидуалност и независност при работењето или, пак, тимска работа и интеракција, вели таа.

- Затоа се корисни посетите на компании и професионалната пракса, особено за учениците од стручните училишта. Гимназијалците се наоѓаат во привидна предност со тоа што имаат проодност до повеќе факултети, но имаат помалку пракса. Учество во различни проекти кои почесто се спроведуваат од невладиниот сектор, училишни размени со училиштата од странство, учење странски јазици, волонтерско искуство, сите тие искуства придонесуваат да ги осознаеме нештата околу нас – нагласува нашата соговорничка.


Дијана Насева, советник за квалитет на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, пак, смета дека последниот месец од средното образование не треба да биде моментот кога средношколците ќе одлучат кој пат да го изберат.
- Голема улога во овие одлуки имаат и нивните пријатели и нивните наставници во средно. Се надевам дека во иднина и основното и средното образование ќе имаат малку поиндивидуалистички пристап кон секој ученик и на тој начин би го препознале најдоброто во него и би го стимулирале дополнително да се развива во она во што е најдобар. Засега – имаат голем избор на факултети, многу студиски програми, сѐ е достапно – смета таа.

Критериуми за избор


Еве некои критериуми според кои младите треба да се водат при упис на факултет, а кои ги предлага Гулицовска:

- критериум на афинитет;
- критериум на практичност (колку за нивната иднина е практично и исплатливо да се студира нештото, дали ќе може да се најде работа);
- критериум на изводливост (дали имаат можности за студирање во друг град, дали можат да работат паралелно со студиите, што на некои факултети со многу вежби е практично невозможно, итн.);
- тежината на факултетот е субјективна работа, не треба да се базираме на туѓи искуства и мерила;
- репутација - дали впечатокот што ќе го оставиме врз другите со студирање на прочуен универзитет е доволно вреден за да учиме нешто што не нѐ привлекува до тој степен? Или студирање во странство по секоја цена ако не сме емоционално подготвени за тоа;
- круг на пријатели – честа причина за запишување на одреден факултет како единствен начин да продолжи пријателството. Дали е доволна причина да донесете одлука која ќе се одрази врз голем дел од идниот живот?

Најважно е одлуката да биде лична, категоричен е охридскиот психолог.
- Дури и да донесат погрешна одлука при избор на факултет, што ако! Сите имаме право на грешка и погрешен избор. Промена на факултет по првата година – ништо страшно. „Губење година“ звучи како крај на светот, ама не е! Практика во развиените земји е паузирање една година, помеѓу средно и запишување на факултет, која обично се користи за патувања. Разгледајте ја и таа опција! – предлага Гулицовска.


Улогата на родителите и професорите

Таа посочува дека доколку младиот човек „се навлекол“ на некој предмет, може да поразговара со професор, да се информира за факултетот онлајн, да посети студентски саеми и презентации и таму да разговара со студенти и професори.
Родителот треба да му биде поддршка на своето дете, треба да му даде релевантни информации и да го поттикне на самостојно донесување на одлуката за упис на факултет. Родителите најчесто грешат со потпирањето на личното искуство (кое повеќе не мора да е релевантно) при советувањето на детето, како и со несвесно проектирање на своите лични амбиции преку детето, смета Гулицовска.

- Професорите, од друга страна, треба да го поттикнуваат она што го препознале како потенцијал, треба да ја негуваат таа искра и жед за знаење што ја запалиле и да упатуваат на ресурси каде што ученикот може понатаму самостојно да истражува. На младите не треба постојано да им се зборува какви биле нештата во минатото, ниту да им се заканува со иднината. И така е сѐ запишано во секоја нивна клетка како извор или потенцијал, треба само да им се покаже како самите себе да се „читаат“. Минатото е минато и нема да се повтори. Државните претпријатија нема да оживеат „како некогаш“, стопанството нема да се врати како што било во времето на Титова Југославија и никој нема да смета дека вредиш само затоа што ја имаш дипломата. Поседувањето знаење е друга работа, тоа носи вистинска моќ, додека незнаењето е извор на секое зло! – категорична е Гулицовска.

Дијана Насева, советник за квалитет на Универзитетот „Гоце Делчев“

Искрениот разговор и близината, покажувањето почит кон мислењето на сопственото дете и носењето заедничка најдобра одлука би придонеле за најдобар избор, вели Насева.

- Иако веројатно тие имаат посубјективен пристап кон процената на сопствените деца, еве и јас сум родител, па постојано се воодушевувам како моите деца се најдобри во сѐ, сепак, понекогаш треба да ги тргнеме настрана суетата, егото, амбицијата, неостварените желби и нереализираните планови и да видиме во што реално нашето дете ужива кога го прави и што би можело да биде негова животна професија – вели Насева.

Со цел да добијат релевантни податоци за мислењето на средношколците по овие прашања, тим на УГД лани направи истражување во средните училишта во десет македонски града.
Од вкупниот број испитаници 988, 470 лица одговориле дека ќе го продолжат своето образование на УГД, 471 одговориле дека ќе го продолжат своето образование во друга високообразовна установа, а 47 одговориле дека нема да го продолжат своето образование. Најпосакувана професија била медицината.