Отворена уникатна книжарница во Пекинг - се поминува низ тунели од книги
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Не постои ништо подобро од поминувањето време во книжарница. Но, искуството на пребарување низ инспиративните наслови и интересни автори е уште подобро ако книжарницата е уникатна.
Еден таков пример е неодамна отворената книжарница „Џонгшу“ во Пекинг, која има премин преку магични тунели направени од
книги и вклучува мирни оддели за учење.
Сместена во стоковната куќа „Галерис Лафајет“ во Ксидан Плаза, книжарницата има оддел за учење, каде што посетителите можат да учат, работат или да читаат нова книга. Исто така, книжарницата нуди и културно и креативно катче, а помладите гости можат да се сместат во удобните ќошиња. Подот има прекрасен дизајн од мапата на светот.
Инспирацијата за книжарницата е добиена од изгледот и чувството на класичните кинески градини, додека полиците за книги се платно и ѕид, со што заоблените тремови на вратите изгледаат како слики исполнети со шарени книги, носејќи ги посетителите во лавиринт. Другите елементи вклучуваат површини од огледало, додека изгледот на кафулето е инспириран од класичното кинеско сликарство наречено „Ку Шуи Лиу Шанг“. Зад секоја врата се наоѓа бамбусова шума со поедноставени дрвени гранки.
- Сите книжарници што ги дизајниравме се инспирирани од локалната култура. Класичните градини и просторот за читање се судираат од три различни перспективи, и мислам дека тоа е она што ја прави оваа книжарница различна од традиционалните. Поврзуваме разни функционални области со различни формати. Посетителите се позаинтересирани и пољубопитни во вакви простори и се чувствуваат поповрзано - вели претставник на „Екс+Ливинг“, архитектонската компанија што стои зад проектот.
Компанијата соопшти дека оние што имале можност да го видат просторот имале позитивна реакција.
Фотографии: X+Living