Македонија треба да реши дека сака да ја има Шангајската листа. И да одвои пари
Подготвил:
Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
На прашањето како да нѐ има на оваа листа, професорот Петрушевски вели дека тоа е научна фантастика ако не се создадат предуслови за тоа
Како да нѐ има на
Шангајската листа? Ова е прашање што си го поставуваме секоја година кога ќе се објави рангирањето на најдобрите светски универзитети. Листа на која ги има Белград, Загреб, Љубљана, Солун, Атина, Софија, Нови Сад...
- Ние како држава треба прво да решиме дека сакаме да нѐ има на таа листа. Потоа треба да издвоиме голема маса на средства за таа цел. Треба да се прави контрола на средствата, што се купува, како се набавува, како се вложуваат и да се следи напредокот. Напредок сигурно ќе има. Работата е да се влезе меѓу првите 500. Тоа не може да се случи за една година, ама може за три-четири – вели проф. д-р Владимир Петрушевски, проректор за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
На Шангајската листа не се стигнува спонтано, само од себе
На прашањето како да нѐ има на оваа листа, Петрушевски вели дека тоа е научна фантастика ако не се создадат предуслови за тоа. Како позитивен пример го посочува примерот со Србија, односно Белградскиот универзитет.
- Владата во Србија издвои неповратно 300 милиони евра само за Белградскиот универзитет. Тоа е сума за почит. И се разбира дека таа сума треба да се искористи рационално. Прво тоа е неопходно, да издвоите средства за да може да се обезбедат неопходните материјални услови. Второ, достапноста до литература. Откако тоа ќе се стори, да верувате дека тие пари ќе бидат рационално употребени. На Белград му требаа неколку години по одвојувањето на овие средства да го постигне тој успех. Тој е сега меѓу првите 500. Не може да очекувате тоа да се направи спонтано, само од себе – вели Петрушевски.
Шест индикатори за квалитет, нобеловците најмногу креваат рејтинг
„Шангај ренкинг“ ја прави листата врз основа на
шест индикатори за рангирање, вклучувајќи го и бројот на добитници на Нобелова награда, број на високо цитирани истражувачи, бројот на статии објавени во списанија со импакт-фактор итн.
Проф. д-р Владимир Петрушевски
- Нобеловци што работат на универзитетите или се школувале таму најмногу го креваат рејтингот. Ние тоа нема да го имаме. Но, може да го кренеме рејтингот со објава на публикации, видни проекти. Тука професорите имаат голема улога. Но, почеток на сѐ се парите. Многу е просто.
На листата со десетте најдобри годинава се најдоа исклучиво универзитети од САД и од Обединетото Кралство.
Универзитетите од САД доминираат оваа година, со 8 во топ-10, 46 во топ-100 и 139 во топ-500. Петрушевски вели дека тоа е така бидејќи едноставно САД се светлосни години пред сите други во сѐ.
- Затоа и во првите стотина едвај ќе најдете неколку европски универзитети.
Дали треба да се стремиме кон Шангајската листа?
Ако Македонија се реши да стане дел од шангајското семејство, тоа може да го постигне за неколку години.
- Ако сега решиме, под услов дека ќе добиеме доволно, дека ќе биде добра инјекција за повеќе членки и дека тоа ќе се вложи паметно, тоа може да се случи за четири години.
Во светски рамки постојат и други рангирања на светските универзитети. Го прашуваме Петрушевски дали треба да се стремиме токму кон Шангај?
- Искрено речено, не сум сигурен дека токму Шангајската листа е почеток и крај на работите. Да ја земеме за пример листата на
Вебометрикс. Таа е многу обемна, има околу 28 илјади универзитети и тоа е предност. Битно е да се види човек каде е со сите други. А оваа листа е баш тоа. Таа е драгоцена.