Дали Етиопија навистина успеа да засади 350 милиони дрвја за еден ден?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во морето вести за климатските промени, Етиопија соопшти дека за еден ден засадила 350 милиони дрвја, што, ако се потврди, ќе биде нов светски рекорд.
Но дали воопшто е можен таков подвиг?
Зошто засадуваа дрвја?
Владата на Етиопија почна проект за пошумување вреден повеќе од 1,1 милијарда евра за да го намали уништувањето на шумите и да ги спречи климатските промени.
Обединетите нации соопштија дека покриеноста на Етиопија со шума паднала од 35 отсто во 20 век на 4 отсто во 21 век.
Иницијалната цел била да се засадат 200 милиони дрвја за 12 часа на 29 јули, но Гетан Мекурија, министерот за технологија и иновации, изјави дека на земјата ѝ е потребно да се засадат повеќе од 350 милиони дрвја.
Како било организирано?
Доставувањето садници до волонтерите низ светот почнало три дена пред засадувањето. Некои вработени во владата добиле слободен ден за да помогнат во засадувањето, а се вклучиле и вработени во ОН, Африканската унија и странски дипломати. Повеќето садници биле автохтони, а имало и овошни садници и авокадо. Официјални лица биле задолжени за броење на садниците што ги засадувале волонтерите.
Колкава е веројатноста да бидат засадени толку дрвја? Експерт вели дека е возможно само со соодветно планирање.
- Не е невозможно, но би била потребна доста добра организација - вели Тим Кристоферсен, кој ја координира работата околу шумата и климатските промени во ОН. Според него, еден волонтер може да засади околу сто стебла за еден ден.
Во засадувањето учествувале повеќе од 23 милиони од вкупно 105 милиони жители на Етиопија, вели д-р Тефера Менгисту, координатор на националната програма од националниот шумски сектор.
Фото: Freepik
Ако сите тие луѓе засадиле по 100 дрвја, тогаш лесно би се надминала бројката од 350 милиони. Но, нема податоци за тоа колку дрвја засадила секоја личност.
За засадување на 350 милиони стебла се потребни 350.000 хектари земјиште, вели Кристоферсен. Но, не е познато колку површина била искористена за овој 12-часовен подвиг.
Шеф на една организација поврзана со владата изјави дека им било наредено да засадат 10.000 дрвја, но дрвјата морале да ги платат од сопствен џеб. Затоа засадиле 5.000, но пријавиле дека засадиле 10.000.
Исто така, постои разлика меѓу податоците што ги изнел министерот за иновации и технологија и бројките објавени на веб-страницата на министерството.
ОН ја пофалија етиопската влада и го повикаа регионот да го следи нивниот пример.
- Другите африкански земји треба се забрзаат - вели Џулијета Биао Куденукпо, директорка на африканската канцеларија за животна средина на ОН.
Но, некои од овие тврдења се сомнителни за многу луѓе.
- Лично, не верувам дека успеавме да засадиме толку дрвја. Би било невозможно да се засадат толку дрвја за еден ден - вели портпаролот на опозициската партија, Езма.
Некои критичари на премиерот велат дека тој ја користи оваа кампања за да го пренасочи вниманието од предизвиците со кои се соочува неговата влада, вклучувајќи го етничкиот конфликт поради кој 2,4 милиона луѓе останале без домови.
Дали ова е официјален рекорд?
Претставниците на Гинисовата книга на рекорди не добија барање од Етиопија за потврда на нивниот рекорд.
- Но, ние секогаш сме во потрага по нови рекордни достигнувања, па би ги охрабриле организаторите на овој настан да достават пријава - вели Џесика Дејвс, портпаролка на оваа организација.
Етиопија треба да обезбеди точни податоци за бројот на засадени дрвја, за луѓето што учествувале во настанот, местото и времето. За потврда на рекордот се потребни и два независни сведоци.
Моментално рекордот го држи Индија. Во Утар Прадеж, држава што се наоѓа во Западна Индија, во 2016 година 800.000 луѓе засадиле 50 милиони стебла.
Ако се прашувате кој е рекордот во бројот на дрвја што една личност ги засадила за еден ден, тоа е човек од Канада. Овој човек во 2011 година успеал да засади 15.170 стебла на црвен бор.