Студентите немаат пари да живеат под кирија, отворете ги студентските домови, вели Борјан Ефтимов, претседател на УСС при УКИМ
Универзитетското студентско собрание бара отворање на студентските домови, како и средба со министерот за здравство Венко Филипче и со претставниците на Комисијата за заразни болести
Затворањето на студентските домови ќе претставува тежок удар за студентскиот животен стандард во услови на голема економска криза.
Институциите сè уште размислуваат дали да ги отворат домовите за претстојната академска година, иако колебањето се коси со секоја логика. Ова е ставот на првиот човек на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Борјан Ефтимов, кој бара институциите да ги отворат домовите за своите станари.
„Од безбедносен аспект, сместувањето во студентските домови, според соодветни протоколи, е далеку побезбедно од сместувањето под кирија. Сместувањето во студентски дом би се одвивало во контролирани услови согласно соодветни протоколи. Намалувањето на капацитетите (1 студент во соба) и забраните за посети во собите и групирања, проследени со постојана дезинфекција, значително го намалуваат ризикот за ширење на вирусот. Од друга страна, сместувањето во приватни станови под кирија се одвива во услови кои не се под реална контрола на државата, најчесто во групи од 3 или 4 студенти, и најважно од сè, без применлива забрана за организирање собири и забави во становите, кои досега се покажаа како најголем извор за ширење на вирусот. Од финансиски аспект, затворањето на студентските домови ќе придонесе за влошување на и така нискиот студентски животен стандард. Сместувањето во студентски дом претставува значајно олеснувањето на финансискиот товар со кој се соочуваат студентите и нивните семејства. Сместувањето во студентските домови е неспоредливо поевтино од сместувањето во станови под кирија“, напиша Ефтимов, нагласувајќи дека затворањето на домовите ќе ги остави на улица студентите и ќе им предизвика големи дополнителни трошоци, во време кога целиот свет се соочува со економска криза.
Оние 3.000 денари што студентите ги добија во јули не би ги покриле ни месечните дополнителни трошоци што студентите ќе ги имаат од затворањето на студентските домови. Ефтимов предлага да се воведе санкција за оние станари што нема да ги почитуваат протоколите - губење на леглото.
„Институциите мора да се однесуваат одговорно и да престанат да го бараат најлесното, за нив, решение, притоа избегнувајќи да ги согледаат последиците од нивните дејства. Доколку институциите сметаат дека не можат да го обезбедат почитување на протоколите во десетина објекти кои се користат за домување на студентите, тогаш најдобро е да се самоукинеме како држава. Смешно е да дискутираме дали државата може да воспостави ред во десетина објекти во кои 99 отсто од станарите се исклучително совесни академски граѓани. За оние помалку од 1 отсто што не би ги почитувале протоколите, се разбира, потребни се најригорозни санкции и губење на леглото“, предлага тој.
Со оглед на тоа дека високото образование не може 100 процентно да се префрли онлајн, домовите треба да се отворат за студентите што ќе посетуваат настава или практични вежби со физичко присуство.
„Државата мора да одговори на потребите на овие студенти. Во спротивно, повторно студентите ќе бидат жртви на гнилиот систем кој со години ги остава на последното место, притоа гледајќи ги единствено како гласачка машинерија која може да се поткупи со евтин популизам.
Универзитетското студентско собрание побара отворање на студентските домови од МОН, како и средба со министерот за здравство Венко Филипче и со претставниците на Комисијата за заразни болести за да ги изнесеме нашите аргументи во однос на ова прашање“, најави Ефтимов.