Во друштво на нобеловци: Проф. д-р Зоран Поповски е првиот научник од Македонија што стана член на Европската академија
Подготвил:
Антонија Поповска
За мене ова претставува сатисфакција за сето она што сум го работел досега, нешто како круна во кариерата. Иако станува збор за област во која треба да се вложуваат многу пари, сепак успеваме да покажеме дека оваа држава има капацитет, вели проф. Поповски
Македонски научник влезе во елитното друштво на академици на Европската академија (Academia Europea). Од 1 септември
член на престижната Европска академија е научникот проф. д-р
Зоран Поповски од Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Како член на секцијата за биохемија и молекуларна биологија, својата пристапна презентација Поповски требаше да ја има на 20 октомври на годишната конференција во Барселона, но поради пандемијата предизвикана од Ковид-19, таа е одложена за 2021 година.
Проф. Поповски во оваа асоцијација на научници, академици и нобеловци е номиниран од страна на претседателот на aкадемијата, Сирд Клотинг од Холандија.
- Убаво е да се биде во друштво на 3.800 врвни научници и 72 актуелни нобеловци. Со ова, како држава ни се отвораат врати и за други научници од Македонија да станат членови на Европската академија. Беше тешко да се влезе, треба да ве номинираат двајца научници од постојните членови. Ова е паневропска академија, зашто овде една третина од членовите се од Русија, Америка, Кина, Канада, Австралија, односно не се само луѓе од Европа, туку од целиот свет, а две третини од членовите се од европскиот континент. Членуваат 72 добитници на Нобеловата награда, а значителен дел од нив ја добиле најпрестижната награда откако биле избрани за членови на академијата. За мене ова претставува сатисфакција за сето она што сум го правел досега, нешто како круна во кариерата. Иако станува збор за област во која треба да се вложуваат многу пари, сепак успеваме да покажеме дека оваа држава има капацитет - вели проф. Поповски за „Факултети.мк“.
Членството во академијата ќе му овозможи пристап до стотици отворени повици и различни проекти.
- Јас како најнов член од нова земја морав да имам опус, односно објавени трудови, студиски престои, искуство во пренесување иновации, технологии, трансфер. Имаше многу компоненти и критериуми врз чија основа се прави избор - додава професорот.
Поповски, кој освен на Факултетот за земјоделски науки и храна каде што е вработен, предавал и на Технолошко-металуршкиот факултет, Природно-математичкиот и Фармацевтскиот факултет на УКИМ, е и визитинг-професор на Државниот универзитет Охајо во САД и Универзитетот Лунд во Шведска, кои се рангирани меѓу првите 100 универзитети во светот според Шангајската листа. Тој е професор и на Универзитетот Туша во Италија, Новосибирскиот државен земјоделски универзитет во Русија, Универзитетот во Сараево, Босна и Херцеговина, а одржал предавања и на Државниот универзитет на Тенеси во САД и универзитетот Case Western Reserve во САД.
Својот научен пат го започнал уште како студент со организирање истражувачки кампови, а првиот научен ангажман пред 30 години го имал во Центарот за генетичко инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов“ при МАНУ.
Единствениот македонски член на Европската академија - проф.д-р Зоран Поповски досега има објавено над 120 научни и стручни трудови претежно во меѓународни списанија, а како поканет или воведен предавач учествувал на над 30 меѓународни научни собири. Во еден мандат бил државен секретар во Министерството за образование и наука, бил член на Научниот комитет на НАТО, а од 2017 година е член на Одборот на директори на СОЅТ, која е најголемата научна мрежа во Европа, како прв претставник надвор од ЕУ.
Инаку, Academia Europea (Academy of Europe - АЕ) e паневропска асоцијација на научници од земјите-членки на Советот на Европа, основана во 1988 година. Мисијата на Европска академија е да ја шири извонредноста во сите дисциплини во природните, егзактните, општествените и хуманистичките науки преку унапредувањето на стандардите во науката и високото образование.
Императивот на АЕ е да обезбеди научно фундирани одлуки за развој на општеството како во земјите од каде што доаѓаат нејзините членови така и во меѓународните организации и асоцијации. Од земјите во регионот, Словенија има 18 члена, Србија 16, Хрватска 15, а Босна и Херцеговина и Црна Гора по еден.
Процедурата за избор на член на АЕ е објективна и строга, а изборот на новите членови е заснован исклучиво на придонесот кој го има кандидатот во одредена научна дисциплина. Номинацијата на кандидатите се врши по предлог на двајца постојни членови на академијата или по предлог на претседателот на академијата, кој има право да номинира кандидат за кој проценува дека ги исполнува неопходните услови за членство. Кандидатите што се номинирани од претседателот на АЕ поминуваат низ поригорозна процедура и дополнителни филтри при изборот кој треба да го поддржи соодветната секција, а го потврдува Одборот за доверба на АЕ.