Во „Еснаф“ се менува светот на занаетчиите, но се задржуваат традицијата, мирисот на детството и душата на рачните изработки

Во „Еснаф“ се менува светот на занаетчиите, но се задржуваат традицијата, мирисот на детството и душата на рачните изработки

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Македонија низ историјата била позната по вредни занаетчиски производи, од керамика до филиграни, а особено познат е охридскиот бисер, но со индустријализацијата тие занаети замреле. „Еснаф“ е социјално претпријатие и е самоодржлив бизнис

Мирис на детство, весел поглед што го мамат различни бои на рачно изработени предмети, спој на вековна традиција со модерна и уникатна уметност. Не може да влезете во продавницата на „Еснаф“, сместена во близина на грчката амбасада во Скопје, а да не го почувствувате токму ова. Истиот впечаток ќе го добиете и ако ја разгледувате онлајн-продавницата на www.esnaf.eu, каде што веднаш ќе можете да најдете севременски подарок за себе или за некого, проткаен со емоциите на 100-ина ентузијасти кои решиле да го сменат светот на занаетчиите.

Насмевка на лицето ќе ви предизвика и ведрата Изабела Соколовска, основач на „Еснаф“, кога ќе ве пречека во продавницата. Ни раскажа за емотивниот, необичен тек на раѓањето на „Еснаф“ и вели дека целата приказна почнала кога почнала да учи за квилингот, техника за изработка на предмети од хартија.



- Не можев да ги најдам потребните материјали и кој да ме подучи. Потоа, при пласирањето на производите наидов на повеќе предизвици и така решив да почнам да ги решавам еден по еден. Почнав со организирање базар, потоа одржував работилници каде што го пренесував моето знаење за квилингот и на крај го создадов „Еснаф“, местото каде што се продаваат само рачни изработки од сите занаетчии - раскажува Изабела.

Социјално претпријатие и поддршка на луѓе од ранливи категории

Одлуката „Еснаф“ да биде социјално претпријатие, а не обичен, традиционален бизнис, е водена од лично искуство на творец што повеќе од осум години се соочувал со предизвиците со кои се соочуваат сите изработувачи на ракотворби во земјава.

- Директно ја искусив потребата да се создаде модел на бизнис што ќе ги обедини сите на едно место, а истовремено да им ги обезбеди потребните обуки и настани каде што ќе можат да ги промовираат и продаваат своите изработки. Во текот на работата поддржавме голем број лица од ранливите категории за кои овој модел се покажа како одличен за нивниот развој и вработување - вели Соколовска.

„Еснаф“ почнал со работа со производи од 50-ина занаетчии. Секојдневно интересот за учество растел и досега бројката надминала 100.
Она по што се издвојува од другите е начинот на кој ги комбинира бизнисот и социјалната еднаквост. Во „Еснаф“ се продаваат рачни изработки од занаетчии, но и од лица од ранливите категории. Настанал како логичен след на развојот на Институтот „Креативна Македонија“.



Занаетчијата не калкулира со заработката

Во време кога техниката и технологијата се толку развиени и кога многу работи можат да се произведат во огромни количини за малку пари, според Соколовска, тоа треба да му биде поттик на секој секој млад иден креативец (занаетчија, ракотворец) предизвикот да го најде во себе, да учи и да се надградува, а со труд, љубов и посветеност доаѓаат резултатите.

- Еден креативец работи и твори зашто чувствува порив да ја искаже својата креативност, која извира од неговата душа. Тој не мери, не вага, не калкулира дали она што го создава ќе биде конкурентно и ќе му се исплати. Замислете колку би била сиромашна ликовната уметност без делата на Ван Гог. Дали Ван Гог би творел и би бил она што е денес само ако очекувал да му се продаваат сликите?! Но, квалитетот секогаш извира на површината - посочува Соколовска.

Сепак, колку младите го гледаат занаетот како хоби или професија за основна егзистенција и колку занаетот може да ја разбуди мотивацијата кај нив, особено затоа што со занаетот нема брза и голема заработувачка, Соколовска смета дека секој занает, пред сè, може да биде и добро хоби.

- Тоа може да биде и начин да се релаксирате, да уживате и истовремено да создавате. Во животот имаме многу обиди да се занимаваме со различни нешта, но во одреден момент налетуваме на нешто што ни лежи, што нè освојува и нè заробува за цел живот. Тогаш комплетно му се посветуваме и хобито станува начин на живот и основа за егзистенција. Прашајте ги занаетчиите, доколку не го наследиле занаетот од родителите, во колку вештини и занаети се пробале пред да го најдат вистинскиот за нив - вели Соколовска.



Таа посочува и дека луѓето треба да имаат поголема почит кон рачните изработки, особено поради фактот што вредноста на рачните творби се должи на тоа што се единствени, уникатни и не се произведуваат во големи количини. Но, смета и дека сè зависи од индивидуата, колку сака да е посебна и единствена во она што го носи, во она што сака да се кити или да го уреди домот.
- Сложеноста, тежината и времето за изработка само додаваат на квалитет и ја подигнуваат вредноста. Квалитетот и уникатноста повлекуваат парчето рачна творба да има повисока цена од сериското производство, што е нормално и очекувано. Но, како што на шега вели една наша занаетчика, „секој производ има свој муштерија“, така секоја рачна творба си го наоѓа својот сопственик - додава таа.

„Хендмејд“ вредност на занаетот

Низ историјата занаетчиите биле едни од најбогатите луѓе. Соколовска анализира колку тие денес можат да се носат со предизвикот на современото општество.

- Парите се потребни за егзистенција, но постојат времиња во кои парите не ви значат многу. Како што рекле старите - луѓето што знаат занает и вредно работат никогаш нема да умрат од глад. Заклучокот е дека иако занаетчиите денес не се најбогатите луѓе, се носат со предизвиците, промените и превирањата на современото општество. Лично сметам дека не постои поголемо богатство од тоа да се креира, да се создаваат творби кои се барани, кои се носат, кои предизвикуваат да бидат подарени и кои радуваат кога се добиваат како подарок - вели таа.

Најчести купувачи во „Еснаф“ се оние што претпочитаат да подаруваат оригинални подароци, кои имаат свој стил, сакаат да остават впечаток или да испратат некоја порака или тоа се млади кои едноставно се свои, посебни и оригинални и со својот изглед даваат отпор на униформноста. Но, Соколовска вели и дека има такви што добро ја разбираат вредноста на рачниот производ, па би штеделе и цела година за да купат едно парче „хендмејд“ наместо десетина индустриски парчиња.
Рачната изработка има голема вредност, но и инспирацијата во вложеното. А, тоа на крајот од денот треба и да се исплати. Соколовска вели дека сите ние во животот работиме за некое признание, за морална и материјална сатисфакција.
- Кој вели поинаку, не е искрен. Прашањето е дали тоа што го работам придонесува не само за подобрување на мојот живот, туку и на животите на другите. Доколку успеам да му помогнам барем на еден занаетчија (се надевам и на многу повеќе), сум успеала во мојата мисија. Наједноставно е да отворите бизнис или фирма каде што ќе вршите продажба. Разликата е што „Еснаф“ е социјално претпријатие. „Еснаф“ не генерира профит. Тој е наменет за обуки за занаети за лицата од ранливи категории и нивно вработување - вели младата креативка.

Иако Македонија низ историјата била позната по вредни занаетчиски производи, од керамика до филиграни, а особено познат е охридскиот бисер, според Соколовска, вистината е дека со индустријализацијата тие занаети замреле.

- Некои од нив се приспособиле на современоста и успеале да го задржат своето место. Покрај охридскиот бисер, познати сме и по изработките од срмен конец, филигранот од сребро, производите од кожа, накит од мониста, резба. Со текот на времето и посовремените занаети, како што се накит од епоксидна смола, полимерна глина, бакар, месинг, стануваат позастапени - нагласува таа.

Самоодржлив бизнис, но погоден од пандемијата

Децидно тврди дека во Македонија има пазар за рачно изработени предмети.
- Фактот што сите базари се посетени и луѓето купуваат покажува дека има пазар во земјава. Проблемот е што базарите се ретки и луѓето немаат навика да купуваат. Другата можност за продажба преку социјални медиуми и не е така сигурна опција, бидејќи не сите се регистрирани занаетчии.



Изабела вели дека во „Еснаф“ сите занаетчии се со договор.
- Го плаќаме данокот и секој процес е легален. Полека луѓето се навикнуваат на нас и знаат што да очекуваат и нивниот број постојано се зголемува - вели таа.

Сепак, посочува дека изостанува помошта од државата за ваков тип занаети, особено сега во време на пандемија на коронавирусот.

- Помош побарав на почетокот кога ја основав „Креативна Македонија“, но не добив поддршка. Затоа решив „Еснаф“ да биде самоодржлив. Да опстане со продажбата на ракотворбите и да не зависи од проекти и грантови. Ризикот со нив е што штом завршат, завршува и постоењето на „Еснаф“. Во овој момент, поради пандемијата, сме страшно погодени и прашање беше дали воопшто ќе продолжиме да постоиме. Бевме затворени неколку месеци и не добивме никакви олеснувања - заклучува Соколовска.

Рачната изработка мами допир

Изабела смета и дека интернет-платформите се добра шанса за македонскиот занаетчиски производ да стаса до европскиот пазар, но Македонците претпочитаат прво да го видат производот во живо, па потоа да го купат.

Според неа, магијата во рачно изработениот предмет е токму во допирот со купувачот.

- Интернет-платформите се добра шанса за пласирање на продуктите надвор од државата. Нашата платформа за продажба www.еснаф.еу е достапна на сите континенти и буквално од секаде може да се нарачаат и достават производите. Но, кај нас, поголем број од луѓето доаѓаат во продавничката и сакаат да ги видат изработките во живо. Рачната изработка е сосема поинаква кога ќе ја земете в раце и ќе ја почувствувате целата енергија и креативност на креаторот - додава Соколовска.