Каде патуваат Македонците во пандемија: Агенциите едногласни - каде што не се бара ПЦР-тест

Каде патуваат Македонците во пандемија: Агенциите едногласни - каде што не се бара ПЦР-тест

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Границите на многу земји се затворени, а некои ги променија мерките и почнаа да примаат туристи. Патувањата се намалени за 80 отсто и агенциите сè уште дишат на респиратор

Веќе шест месеци светот функционира со речиси затворени граници. Патувањата добија нова димензија. Патувачите се со сосема поинакви идеи и желби за патување. Туристичките агенции со модифицирани аранжмани. Сè функционира поинаку откако коронавирусот почна да ни ја менува животната динамика.
Границите на многу земји се затворени. Некои ги променија мерките и почнаа да примаат туристи. Но агенциите сè уште дишат на респиратор. Периодов се патуваше главно во Турција и во Албанија. Со отворањето на границите се шири и понудата на агенциите.

Понуди малку, цените исти

- Откако заврши пропаднатото лето, сè уште сме многу ограничени со можноста да нудиме богати и многубројни понуди. Интерес постои, но продажбата е падната на речиси 95% од тоа што било порано. Луѓето сакаат да патуваат, но тука е стравот од короната. И покрај тоа што максимално се придржуваме до протоколите, навистина е многу тешко да се работи во овие невозможни услови. Досега бевме ограничени само на Турција и Албанија, па сакале-нејќеле, тие беа опциите и местата каде што се патуваше. Свесни сме дека интересот во зимските денови ќе биде речиси сведен на минимум - вели Силвана Јовановска од туристичката агенција „Гоу тревел“.
Таа додава дека во зима најбарани се околните зимски центри, особено Банско, Боровец, па се надева дека ќе може да се патува и во Бугарија.



Екскурзии за 23 Октомври

Оваа агенција претежно имала понуди за Италија, Грција, Турција и Бугарија, па кога за 8 Март се откажаа сите аранжмани за Италија, останала во шок.
- Сега бидејќи дел од овие земји сè уште се затворени, мораме да се приспособиме, па така продолжуваме со аранжманите за Истанбул како порано, а новост ни се Сараево и Белград за претстојниот празник 23 Октомври. Се надеваме дека ќе наидеме на интерес од страна на патниците - вели Јовановска.

Таа додава дека со последни сили се борат да не пропаднат.

- Навистина е тешко да се одржи ликвидноста на компаниите, немаме можност да исплатуваме плати, а имаме вработени... Моментален спас гледаме во четвртиот пакет мерки со кои се покриваат последните 3 плати од годината и грантовите за кои сè уште чекаме детали и апелираме веднаш да ни бидат доделени. Целосен спас гледаме со целосно отворање и непречено патување во светот, без протоколите за превоз. Свесни сме дека тие денови се далеку, па затоа се надеваме дека државата ќе продолжи да му помага на нашиот сектор - вели Јовановска.

Преориентација на домашен туризам

Елизабета од „ЈК травел“ ни изјави дека со оглед на состојбата и затворените граници, периодов најмногу се патуваше во земјава. Во Охрид, Струга, Дојран, Маврово, а на крајот на летото и во Албанија.

- Многу наши клиенти таму го поминаа летниот одмор, користејќи наши аранжмани за Валона, Ксамил, Дерми, Драч. Перцепцијата за ризикот е директно поврзана со одлуката дали и каде да се патува. Луѓето сè уште се плашат од големата бројка на позитивни случаи во земјата, но и од одлуките што се носат секојдневно во однос на границите и мерките кои се преземаат за кризата со Ковид-19 - вели Елизабета Кочева-Јосифовска.

Додава дека се патува таму каде што не се бара негативен ПЦР-тест. Токму периодов најактуелни се екскурзиите за 23 Октомври.
- Истанбул и Будва беа најбарани. Посебни барања клиентите немаат, но секако дека се интересираат за здравствените протоколи во другите земји и мерките што таму се активни, а ние се трудиме да им ги овозможиме сите потребни информации - вели таа.

Најактуелни спа-понудите, но...

- Сакавме да покажеме дека туризмот не е само плажа. Филмските локации низ Мариово ги ставивме на посебна понуда, тура со олдтајмери „буба“ за крстосување на североисток на Македонија се на нашата понуда, готвење на камена плоча и зајдисонце на Кокино, планински велосипедизам со електрични велосипеди на Шара, јавање коњи во Крушево и параглајдинг се само дел од понудите - вели Кочева-Јосифовска.



Како најактуелни периодов ги издвојува спа-понудите кај нас и надвор од нашата земја. Банско и Сандански се најбарани есенски и зимски пакети.

- Понудите ги имаме, но со оглед дека за патување во Бугарија потребен е тест, ретко кој се одлучува да резервира во моментот. Глобалната пандемија го размрда цврстото убедување на западната цивилизација дека целиот свет е наше игралиште, приземјен е авионскиот превоз, границите се затворија, сето тоа со намалена куповна моќ на луѓето доведе до големи промени со кои ќе мора да се носи нашата туристичка индустрија. Она што мора да го форсираме и за кое треба да наоѓаме решенија е да бараме поинаква, оригинална и безбедна понуда за нашите клиенти, а во тоа очекуваме сериозна поддршка од државата, која со одреден сет мерки помогна, но потребни се уште поконкретни заложби од сите надлежни страни за овој наш ресор да опстои во време на тешка состојба за еден бизнис кој ако прикажеме преку бројки колку донел низ годините во оваа економија, ќе знаеме колку е значајно да опстои - додава Елизабета.

Патувањата намалени за 80 отсто

Ивона Јакимовска од Стопанската комора за туризам информира дека според нивните искуства и анализи, споредено со минатата 2019 година, патувањата се намалени за 80 отсто. Патувањата се реализираа само во доцниот летен период и тоа на три дестинации, Албанија, Турција и Египет, кон кои имавме слободен проток на границите без ПЦР-тест.

- Изненадува фактот дека населението има голем интерес за патување и излез од ова тешко време. Интересот е различен кај одредени возрасни групи. Имено, во овој период на есенски празнични аранжмани годинава помладата популација ги бара подалечните дестинации за патување, а повозрасната клиентела ги бара поблиските дестинации и тоа најчесто од културниот и здравствениот туризам, како што се бањите во Србија, Бугарија и во Грција - ни изјави Јакимовска, која веќе триесет години работи како туристички менаџер.

- Во овој период моментално се патува само во Турција, а помалку во Албанија. Зимскиот период е на прагот, а Бугарија како соседна земја многу често ја посетуваат нашите туристи - вели Ивона.

Над 5.000 туристички работници без работа

Додава дека пандемијата нанесе неизбришливи негативни последици и ќе им требаат години да се повратат од ударот што им го нанесе на туристичката индустрија, туристичките агенции, туристичките работници, хотели, превозници, водичи и сè што е поврзано со туризмот.

- По мое мислење, од досегашното искуство резултатите ќе може да ги видиме дури по две години, а за изгубениот период се надеваме на помошта за одржливост од страна на државата. Дел од агенциите претрпеа големи загуби поради инвестирање во закуп. Автоматски на сето тоа беа принудени да не можат да плаќаат режиски трошоци кон државата, да ги плаќаат вработените, па мораа да ги затворат капацитетите и да ги отпуштат вработените. Тоа резултира во голема невработеност. Туристичките работници бројат околу 5.000 вработени, што е загрижувачка бројка, па затоа се надевам дека Владата и Министерството за економија, кои се надлежни за економските мерки за помош кон туристичкиот сектор особено кон туристичките агенции, ќе ги земат предвид сите предложени мерки од страна на коморите до Министерството за економија, бидејќи прифатени се само дел од предложените мерки. Понатаму треба да се предложат сет мерки кои ќе ги ублажат тековните состојби во туризмот, како и градење и зајакнување на довербата помеѓу туристичкиот сектор и државата, која ќе ни овозможи раст и развој во ова несигурно време, а за опстанок потребно е субвенционирање на агенциите кои веќе вложиле во нивното долгогодишно работење. Секако ги цениме напорот и мерките на Владата, која го вброи нашиот сектор во 4. сет мерки, а кои допрва треба да се реализираат - објаснува Јакимовска.