Од крвната група може да зависи дали ќе се заразите со коронавирусот и колку тешка ќе биде болеста
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Луѓето со крвна група О може да имаат помал ризик за инфекција со Ковид-19 и не многу тешка форма на болест, покажуваат две нови истражувања објавени во средата. Експертите велат дека се потребни дополнителни истражувања.
Истражувањата даваат докази дека крвната група може да игра улога во чувствителноста на лицето кон инфекцијата и можноста да има сериозен напад од болеста. Причините за оваа врска не се јасни.
Данско истражување покажа дека помеѓу 7.422 луѓе што биле позитивни на Ковид-19 само 38,4 отсто имале крвна група О. Во група од 2,2 милиона луѓе што не биле тестирани оваа крвна група сочинува 41,7 отсто од населението.
Спротивно на тоа, 44,4 отсто од луѓето со крвна група А биле позитивни, додека кај пошироката данска популација оваа крвна група сочинува 42,4 отсто од населението.
Во друго истражување, научниците во Канада откриле дека кај 95 пациенти тешко болни со Ковид-19 поголем процент ја имале крвната група А или АБ - 84 отсто, и тие барале механичка вентилација, во споредба со 61 отсто од крвната група О и Б.
Исто така, канадското истражување открило дека оние со крвна група А или АБ имале подолг престој на интензивна нега: просек од 13,5 дена, во споредба со оние со крвна група О или Б, кои престојувале 9 дена.
- Не мислам дека ова ги надминува другите фактори на ризик, како возраста и коморбидитетите. Ако некој има крвна група А, не треба да паничи. И ако имате крвна група О, сигурно дека не можете слободно да шетате по пабови и кафулиња - вели д-р Мипиндер Сехон, лекар на интензивна нега во Општата болница во Ванкувер и автор на канадското истражување.
Повеќето луѓе спаѓаат во една од четирите крвни групи: А, Б, АБ или О. Ова прави многу мала разлика во секојдневниот живот на повеќето луѓе, освен ако не треба да имате трансфузија на крв.
- Не знаеме дали ова е некаква заштита на крвната група О или дали станува збор за некаква ранливост кај другите крвни групи. Мислам дека ова има научен интерес и кога ќе дознаеме кој е механизмот, можеби ќе можеме да го искористиме проактивно во однос на третманот - вели д-р Торбе Барингтон, виш автор на данското истражување и клинички професор на Универзитетската болница во Оденезе и Универзитетот во Јужна Данска.
Фото: Pixabay
Во данското истражување биле анализирале податоци за лица што биле тестирани помеѓу 27 февруари и 30 јули, а распределбата на крвните групи меѓу тие луѓе била споредувана со податоците од луѓе што не биле тестирани. Истражувачите откриле дека крвната група не е ризик-фактор за хоспитализација или смрт од Ковид-19.
Иако постојат неколку теории, истражувачите сè уште не знаат кој механизам може да ја објасни врската помеѓу различните крвни групи и Ковид-19.
Сехон вели дека тоа може да е така затоа што луѓето со крвна група О имаат помала веројатност за згрутчување на крвта, што ги прави помалку склони кон проблеми со коагулација во крвта. Згрутчувањето е главен двигател на сериозноста на Ковид-19.
Други можни објаснувања вклучуваат антигени во
крвната група и како тие влијаат врз производството на антитела против вирусот. Или, можеби сето тоа е поврзано со гените поврзани со крвните групи и нивното влијание врз рецепторите во имунолошкиот систем.
Наодите од двете нови истражувања обезбедуваат конвергентни докази дека крвната група може да игра улога во чувствителноста на лицето кон инфекција со Ковид-19 и шансата да има сериозен напад од болеста - вели д-р Амеш Адаља, постар научник во Центарот за здравствена безбедност во Балтимор, при Универзитетот „Џонс Хопкинс“, кој не бил вклучен во истражувањата.
Друго истражување откри генски податоци кај некои пациенти со Ковид-19 и здрави луѓе, што посочува дека оние со крвна група А имаат поголем ризик да се заразат, а оние со крвна група О имаат помал ризик.
Адаља вели дека крвните групи и претходно биле проучувани, како и нивната подложност на разни инфекции. На пример, во истражувањето се вели дека луѓето со крвна група О се подложни на инфекција со норовирус.
Што се однесува до новиот коронавирус што предизвикува Ковид-19, потребно е да се разбере механизмот и да се разбере на молекуларно ниво за да може со сигурност да се каже како се случува тоа - дека навистина станува збор за крвната група О.
Извор:
Edition.cnn.com
Фото: Freepik