Гоце Цветановски го отвори фестивалот Киненова, лауреатот Улрих Зајдл порача: „Кога се загрозени слободата на уметноста и слободата на филмската уметност, човек мора да даде отпор“

Гоце Цветановски го отвори фестивалот Киненова, лауреатот Улрих Зајдл порача: „Кога се загрозени слободата на уметноста и слободата на филмската уметност, човек мора да даде отпор“

Во времиња како овие, слободата на уметноста е загрозена. Во времиња како овие, загрозена е и слободата на филмската уметност. Но тоа не е сè. Во времиња како овие, следната генерација режисерки и режисерки понекогаш ги обзема страв. Тие не се плашат дека ќе потфрлат како режисерки и режисери, не, не се работи за таков страв. Туку се плашат дека ќе создадат погрешен филм, имено филм што за некого е правилен филм, а кој според владејачкиот дух на времето и според тие што ни го диктираат духот на времето е погрешен филм, рече во своето обраќање годинешниот лауреат на МФФ Киненова, австрискиот режисер, сценарист и продуцент Улрих Зајдл.

- Наградата ми претставува голема чест и голема радост и особено признание на мојата досегашна филмска дејност. Инаку, се надевам дека моето „животно дело“ сè уште не е завршено. Се надевам дека ќе продолжам да ги создавам токму оние филмови што сакам да ги создадам. Филмови за кои се чувствувам обврзан да ги создадам, филмови што брануваат и предизвикуваат немир. Според тоа, оваа награда ја разбирам како повик да продолжам да предизвикувам немир.
Срдечно ви благодарам - рече Зајдл, примајќи го признанието за животно дело.



Фестивалот приреди изненадување со македонскиот филм „Јон Вардар против галаксијата“ на режисерот Гоце Цветановски. Оваа бескрајно имагинативна филмска анимација е всушност првиот долгометражен анимиран филм во Северна Македонија.

Филмот ќе биде дел од главната натпреварувачка програма на Киненова 2024, натпреварувајќи се со уште 5 други филма за наградата Гран при, најдобар филм на деветтото издание на фестивалот.

Наредните денови публиката ќе има можност да ужива во богатата програма која ќе изобилува со неверојатни, субверзивни и дефинитивно непознати филмски приказни. Покрај шесте филма во главната програма каде што ќе има филмови од: Израел, Хрватска, Грција, Иран, Црна Гора и Северна Македонија, првпат во нашата земја ќе се претстави и финската кинематографија, а ќе може да се проследи и творештвото на лауреатот Улрих Зајдл преку филмовите од неговата филмска трилогија РАЈ.