Греење: Не играјте си со децата, може да се разболат

Греење: Не играјте си со децата, може да се разболат

Вчера сите јавни медиуми објавија дека грејната сезона започна. Ова се однесува за објектите поврзани на градскиот централен систем на греење во Скопје, кој сите го нарекуваат „парно“, а не е парно греење, туку топловодно (нема пареа во цевките). Во медиумите беа дадени неколку разговори со граѓани дали утрово имале парно, па некои потврдија, а некои рекоа дека немало кај нив.

Полемика предизвика изјавата на градоначалникот на Општина Карпош дека нема да го пуштат парното во училиштата на 15 октомври, туку на 1 ноември. Тој вели дека Министерството за образование и наука (МОН) нема префрлено пари (блок-дотации) за претходните месеци и затоа денес нема да се пушти греење во училиштата. Плус, надвор е топло и нема потреба за греење. Министерката за образование изјави дека парите за греење се префрлени, но градоначалникот С. Јакимовски објасни дека се префрлени само дел од парите итн.

Во врска со оваа проблематика, во официјален документ објавен во „Службен весник на РМ“ пишува:
ПРАВИЛA ЗА СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНСКА ЕНЕРГИЈА (од РКЕ во 2019 г.)

- Снабдувањето на потрошувачите по правило се врши во периодот од 15 октомври во тековната до 15 април во наредната календарска година.
- По исклучок од став (1) на овој член, снабдувањето со топлинска енергија може да почне и пред 15 октомври, но не и пред 1 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 °C, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи на РМ...
- Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите пред 15 октомври и по 15 април ја донесува Регулаторната комисија за енергетика, ...
Не знам дали има понов правилник каде што горниве услови се променети.

Според овој документ, грејната сезона и официјално е започната на 15 октомври. Но ЕСМ (снабдување со топлина) ќе го вклучува системот во зависност од надворешните температури.

Но да преминам на главното: ЕСМ мора да обезбедува работа на парното така што температурата во просториите треба да биде 20 (до 21) °C. Се разбира дека претходно треба да бидат обезбедени услови за нормална работа (правилно проектирање, изведување и балансирање на цевководната мрежа; да нема дефекти и сл.).

Ако децата во училниците седат на температура пониска од 20 °C, тие може да се разболат. Особено малите дечиња се почувствителни да седат во студени простории. Тоа најдобро може да се согледа со мерење со обичен термометар на височина од 1,5 метар над подот.

Затоа, апелирам до инволвираните страни да седнат и да си ги расчистат сметките и да не ја вознемируваат јавноста. Децата се многу чувствителна тема, особено ако се работи за нивното здравје.

ОБЕЗБЕДЕТЕ 20 °C (ИЛИ 21 °C) ВО УЧИЛНИЦИТЕ!

Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет - Скопје