Наташа Божиновска, просветен работник на годината: „Ги следам сите повици и конкурси, па со учениците заедно истражуваме, правиме трудови и иновации“

Наташа Божиновска, просветен работник на годината: „Ги следам сите повици и конкурси, па со учениците заедно истражуваме, правиме трудови и иновации“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Божиновска вели дека за неа е голем предизвик секојдневно да биде меѓу младите, како и можноста да го пренесе своето знаење и да остави трага врз идните генерации.

Домашни и меѓународни семинари, обуки, менторства, студиски престои на Балканот, во Бразил, Швајцарија и уште многу други места на светот, десетици освоени први, втори и трети места од ученици кои ги менторирала, обуки и тренинзи на други просветни работници, публикувани десетици учебници и стручни трудови, како и голем број стручни написи во списанија. Вака изгледа преобемното професионално досие од 50 страници на Наташа Божиновска, наставник по стручни предмети од областа на електротехничката струка во СЕТУГС „Михајло Пупин“ - Скопје.

Нејзината долгогодишна посветеност на работата беше препознаена и признаена од Сојузот на просветни работници во Македонија, кој ја прогласи за просветен работник на годината за 2023/2024 година од областа на средното образование. Признанието ѝ беше врачено на 5 октомври, Светскиот ден на учителот, за постигнати видни резултати во воспитно-образовната работа и други активности поврзани со училиштето каде што е работно ангажирана.

Придонес за развој на македонското образование

- Можам да кажам дека покрај редовната работа како наставник и координатор за практичната настава, активно сум вклучена во реформите на образовниот систем, учествувајќи во изработка на наставни програми, стандарди за квалификации, обуки на наставници и возрасни, како и авторство на нови учебници, по реформирани модуларни програми со цел подобрување на образовниот систем и воопшто образованието во Македонија. Исто така, имам напишано стотина стручни написи во македонското списание за популаризација и примена на науката и техниката „Емитер“ - вели Божиновска.



Дипломирала во далечната 1991 година на Електротехничкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има 31 година работен стаж во образование, седум години во „Орце Николов“, до 2000 година, кое поради реформите се трансформира во гимназија и оттогаш предава во СЕТУГС „Михајло Пупин“ - Скопје. Професорската работа како да ѝ била предодредена со оглед на тоа што нејзините родители исто така работеле во образованието.

- Пораснав во семејство во кое моите родители, во одреден период од нивниот работен век, беа вклучени во образовниот процес (основно, средно и високо образование). Духовната и интелектуалната клима во семејството придонесе да размислувам за професорската работа. Животот е патека која најчесто сами ја избираме. Ми беше голем предизвик секојдневно да бидам меѓу младите, како и можност да го пренесам моето знаење и да оставам некаква трага врз идните генерации - вели Божиновска.

Другар со учениците

Со оглед на тоа што работи во средно училиште со ученици кои се тинејџери, односно во еден доста сензитивен период од нивниот живот, Божиновска вели дека со нив постапува како со пријатели.

- Кога ќе дојдат во прва година, тие сѐ уште се деца, а кога завршуваат четврта година, веќе се оформени млади личности. Ги поттикнувам да ме препознаат како пријател и така заедно да поминеме низ сите препреки и предизвици со кои се соочуваат во текот на нивното школување - додава таа.

Нема генерален пристап кон сите ученици. Применува современи техники и методи, како резултат на многубројните поминати обуки, како и нагледни средства со кои полесно и поинтересно се совладува наставната материја. Училиштето во кое работи располага со современи кабинети: лаборатории по електроника, електротехника и роботика, каде што учениците имаат можност да истражат и да научат повеќе. Учениците што се поамбициозни ги поттикнува на истражувања и заеднички работат на иновативни проекти.

- Во секоја генерација има ученици кои се поамбициозни, имаат различни афинитети, сакаат да направат нешто повеќе и да научат повеќе. Секако, со вакви ученици е уште поголемо задоволство да се работи, па заедно истражуваме, изработуваме трудови и креираме иновации со кои учествуваме на разни натпревари. Ги следам сите повици и конкурси за разни натпревари од нашата струка и соодветно подготвувам/менторирам ученици. За секоја добиена награда најзаслужни се моите ученици и нивниот вложен труд - вели Божиновска.



Освоени многу награди

Долга е листата со ученици што освоиле награди под нејзино менторство. Ќе посочиме неколку: прво место во областа на електротехниката на 51. Државен натпревар на младите истражувачи од Република Македонија во 2015 година. На 52. и 53. натпревар во 2016 и 2017 година повторно нејзини ученици освојуваат прво и второ место во областа автоматика и роботика. Прво место на 36. Меѓународна изложба нa прoнajдoци, тeхнички унaпрeдувaњa, нoви прoизвoди и твoрeштвo нa млaди – МАКИНОВА со изработен функционален модел - роботска рака. Прво место на натпревар по роботика, вештачка интелигенција и електроника „RoboMAC Junior 2022“. Втори места во категоријата најдобар филм на „Образовно рандеву“ во 2013 година, па на државен натпревар на електротехничките, машинските и сообраќајните средни училишта, на 59. Државен натпревар на млади истражувачи во областа „Примена на софтвер“ во 2023 година и многу други.

Надградувањето е составен дел од нејзината работа. Посетувала многу обуки за развивање нови методи на оценување базирано на квалификациони стандарди, за интеграција на информатичката технологија во наставата за наставници од средните училишта, за учење во училница, преку проекти и работа. Обуки за изготвување објективни тестови на знаење, за програмирање на ПЛЦ и роботика, за тоа како наставниците да ја поттикнуваат и развиваат претприемчивоста кај учениците, за активно вклучување на учениците и поттикнување на нивната креативност во средните училишта, за настава и учење во 21 век и уште многу други.



- Секако, обуките и семинарите се значен дел од нашата професија. Методите и техниките за работа се менуваат како што се менуваат генерациите, како што се менува општеството, па ние, наставниците, мора да ги следиме промените за соодветно да им пристапиме на потребите и интересот на новите генерации. Секоја обука има своја цел. Неминовно е следење и на стручни обуки, поради брзиот развој на електротехничката струка - вели Божиновска.

Учениците не мора да ги имаат сите петки

За македонското образование, вели дека произведува добри кадри. Но, можеби е време да се смени начинот на вреднување, односно оценување на знаењето како во средното така и во основното образование. „Не мора сите ученици да бидат одлични и да ги имаат сите петки и тоа да биде репер за добро совладано градиво“, додава наставничката на годината.

Фото: приватна архива