Изјавата досега ја потпишаа 30 реномирани професори и научници од земјава
Повеќе од десет години државата не финансирала национални научноистражувачки проекти. Високото образование и науката во Македонија се во исклучително тешка состојба. Има голем недостиг на научен кадар, а академскиот има низок социјален статус. Неопходни се итни суштински промени.
Од работилницата што се одржа на ФЕИТ
Ова се неколку поенти од заедничка изјава која произлезе од работилницата под наслов „Предизвици на патот на македонските универзитети кон европската истражувачка зона и Шангајската листа“, која на почетокот од месецов се одржа на Факултетот за електротехника и информациски технологии, а ја иницира алумни-асоцијацијата „Хумболт и ДААД клуб – Македонија“. Изјавата досега ја потпишаа 30 реномирани професори и научници од земјава, а бројката се зголемува. Тие ги повикуваат надлежните институции во Македонија, Владата, Министерството за образование и наука, Министерството за финансии, МАНУ и раководствата на универзитетите да ја согледаат алармантната состојба во високото образование и науката и неодложно да ги имплементираат препораките на овој академски форум.
Ова се ставовите на научната заедница во Македонија:
ТЕКОВНА СОСТОЈБА
Аларм во високото образование и науката
Високото образование и науката во Македонија се во исклучително тешка состојба повеќе децении наназад, а особено се изразени проблемите во научноистражувачката дејност.
Најмалку финансиски средства за наука во Европа
Во Македонија постои хроничен недостиг на јавно и приватно финансирање на науката и истражувањата. Повеќе од десет години државата не финансирала национални научноистражувачки проекти. Според податоците на Светска банка, во 2017 година во Македонија во наука биле вложени 0,35% од БДП, додека во Бугарија биле вложени 0,77%, во Хрватска 0,87%, во Србија 0,93%, а во Словенија дури 1,85% од БДП.
Недостиг на научен кадар
Мал број луѓе се вклучени во научни истражувања во Македонија. Според Институтот за статистика на УНЕСКО, во 2017 година на еден милион жители во Македонија бил вработен академски кадар чиј број одговара на 728 истражувачи со полно работно време, додека во Бугарија биле вработени 2.130, во Хрватска 1.865, во Србија 2.079, а во Словенија дури 4.467 истражувачи на еден милион жители.
Одлив на мозоци
Одливот на мозоци и отсуството на поддршка на младиот академски кадар се едни од најголемите ризици за идниот развој на високото образование и науката, а и на државата во целина. Државата не нуди вработувања и стипендии за магистерски и докторски студии со цел да ги задржи талентираните млади научници.
Мал број објавени научни трудови
Македонските универзитети и научни институти објавуваат релативно мал број научни трудови. Според Глобалниот иновациски индекс, во 2018 година бројот на објавени научни трудови во списанија со импакт-фактор (на една милијарда долари државен БДП) во Македонија изнесувал 8,1, додека во Бугарија изнесувал 10, во Хрватска 22,7, во Србија 33,1, а во Словенија 35,4 труда.
Неспособност за користење средства од меѓународни фондови
Високообразовните институции не можат ефикасно да ги користат средствата од меѓународни фондови поради трезорскиот систем за финансиско работење, административната преоптовареност и бирократија, што го дестимулира академскиот кадар да пријавува и да раководи со меѓународни проекти.
Недостатоци на Законот за високото образование
Новиот Закон за високото образование донесен во 2018 година ги засили универзитетската автономија и внатрешната демократија во управувањето со високообразовните установи. Но, Законот не ги реши проблемите во делот на: (а) финансирање на високообразовната дејност, (б) обезбедување научен подмладок и (в) дефинирање меѓународно прифатени и релевантни критериуми за избор во звања, како и за избор на раководен кадар.
Неинтегрирана академска заедница
Финансиската зависност од студентската партиципација на високообразовните институции оневозможува нивна суштинска интеграција во рамките на универзитет и целење кон заеднички и меѓународно прифатени академски вредности.
Низок социјален статус на академскиот кадар
Просечната плата на академскиот кадар во високото образование во Македонија е најниска меѓу балканските земји, односно во цела Европа. Платата на редовен професор во Македонија исплатена од државниот буџет изнесува околу 1,5 просечна плата, додека платите на вонреден професор, доцент и асистент се уште пониски.
Отсуство на дијалог меѓу науката, политиката и општеството
Политиката и општеството не ги ползуваат стекнатите знаења и искуства на научниците. Независната академска заедница најчесто е изолирана од општествените текови и од креирање современи политики за академски, научен и општествен развој.
ПРЕПОРАЧАНИ РЕШЕНИЈА
Градење општествена култура за важноста на науката
Во Македонија треба да се гради политичка и општествена култура која ќе ја согледа важноста на науката и ќе ги користи научните резултати за поттикнување на социо-економскиот развој на државата. Дијалогот меѓу науката, политиката и општеството треба да се институционализира.
Зголемување на вложувањата во науката (најмалку 1% од БДП)
Државните инвестиции во науката треба да достигнат барем 1% од БДП, што сè уште е далеку под зацртаната цел од 3% за државите во ЕУ.
Реформа на финансирањето и инвестициите
Со цел да се ефектуира зголеменото инвестирање во наука, неопходна е реформа на начинот на финансирање на високообразовните и научните институции. Финансирањето мора да биде законски регулирано, во насока на поддршка на научноистражувачката работа, ослободување од трезорскиот систем на финансиско работење и минимизирање на зависноста од студентската партиципација. Распределбата на средствата треба да биде според приоритетите на државата, а во согласност со стандардите во Европската Унија. Клучен елемент е осовременување на научната инфраструктура, вклучувајќи го пристапот до лабораториска опрема и бази на податоци.
Формирање Национален фонд за научни истражувања
За ефикасно користење на новите вложувања во науката, државата треба да основа Национален фонд за научни истражувања. Фондот треба да биде професионално и независно тело, со законски дефинирано финансирање, кој ќе осмислува и управува со програми за финансирање на науката. Процесот на оценување и избор на научните проекти треба да биде транспарентен и објективен, базиран на меѓународни стандарди, мериторни и мерливи критериуми, и да биде насочен кон постигнување врвен квалитет во истражувањата.
Поддршка на научен подмладок
Особено е важна поддршката на научен подмладок, без кој е невозможен академскиот развој. Државата мора да вработува определен број асистенти на високообразовните и научните институции, како и да финансира стипендии за најдобрите магистранди и докторанди. Треба да се воведат т.н. „докторски позиции“ кои ќе се пополнуваат со најдобрите кандидати избрани од самата високообразовна институција. По нивното докторирање, новите доктори на науки може да се интегрираат во академските институции (доколку е тоа возможно) и во останатиот дел од општеството, а докторските позиции треба да се пополнуваат со нови докторанди.
Привлекување афирмирани научници од дијаспората
На универзитетите треба да се негува „култура на добредојде“ со цел да се привлечат истакнати академски научници од дијаспората и меѓународната научна заедница.
Дефинирање порелевантни критериуми за напредување во звања и избор на раководен кадар
Критериумите за академско напредување треба да се усогласат со стандардите на земјите во регионот, вклучувајќи и утврдување на посебни критериуми за секое од шесте научноистражувачки подрачја. Неопходен критериум за унапредување во звање на академскиот кадар треба да бидат објавените трудови во списанија со импакт-фактор. Заради компетентно управување и унапредување на академските институции, неопходно е воведување академски мериторни критериуми за избор на раководен кадар на универзитетите и независните тела во високото образование и науката.
Унапредување на меѓународната соработка
Универзитетите во Македонија треба да се стремат кон отвореност и да иницираат регионална и меѓународна соработка со цел интеграција во Европската истражувачка зона и меѓународната афирмација на македонската наука во светот.
Зголемување на учеството и раководењето со меѓународни проекти
Неопходно е да се воведат конкретни мерки за финансиска и административна поддршка на македонските научници и академски институции за пријавување и учеството во меѓународни проекти и европски научни програми. Неопходни се административни олеснувања при управување со финансиските средства од меѓународни извори. Финансиските средства за научните проекти од меѓународни извори не смее да се третираат како дел од државниот буџет.
Подобрување на компетенциите на универзитетската администрација
Неопходно е подобрување на ефикасноста на административниот персонал и обука за научен менаџмент, со цел обезбедување поддршка на научниците за менаџирање на научни проекти, регулирање на авторски права и соработка со индустријата.
Дебитирање на Шангајската листа
Влезот на барем еден македонски универзитет на Шангајската листа со 500 најдобри светски универзитети треба да биде стратешка цел на државата при спроведување на реформите во високото образование и наука во Македонија.