Ако пандемијата продолжи: Буџетската проекција за раст од 4,1 отсто ќе стане ОПТИМИСТИЧКА
Проф. Марјан Петрески вели дека долгот веќе ја проби психолошката граница од 60 проценти од БДП годинава, која се сметаше за критично прашање во нормални услови, а поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека ќе има многу непродуктивни трошења и оти повторно немаме развоен буџет
Поддршката на здравствениот сектор како прв приоритет, а економското заздравување - втор, заедно со мерките за социјално ранливи категории. Овие елементи ги посочија надлежните како најбитни при формирањето на буџетот за следната 2021 година. Беше истакнато дека фокусот следната година ќе биде насочен кон политики кои ќе поддржат инвестиции и ќе ја зголемат конкурентноста, и истовремено ќе ја поддржат реализацијата на капиталните инвестиции, што на среден рок би значело одржлив раст.
Според домашните економски експерти, иако плановите за предлог-буџетот за следната година изгледаат коректно, сепак, се проследени со голема неизвесност поради пандемијата.
Проф. Петрески: Долгот ја проби психолошката граница
- Од информациите што ги презентира министерот за финансии, предлог-буџетот за 2021 ги зел предвид информациите со кои располагаме. Со оглед дека падот на економската активност годинава се очекува да биде околу 5 проценти, проекцијата за раст на БДП од 4,1 отсто во 2021 изгледа коректна, меѓутоа, проследена е со огромна неизвесност. Првенствено, предлог-буџетот прави претпоставка дека пандемијата значајно ќе ослабне или ќе ја снема до април 2021, што може да се случи доколку вакцината, која деновиве е актуелна тема, е ефикасна и доколку брзо ја прими доволен дел од населението за да се создаде колективен имунитет. Во спротивно, доколку пандемијата продолжи, без оглед дали во силна или слаба форма, претпоставките за економската активност ќе се влошат, а со тоа и проекцијата од 4,1 отсто ќе стане оптимистичка. Во секој случај, буџетските приходи кои се базираат на оваа претпоставка за раст на економијата ќе бидат предмет на константна преоцена во текот на 2021 и ќе следува соодветно прекројување на буџетот - објаснува професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“.
Проф: Марјан Петрески / Фото: „Американ колеџ“
Петрески додава дека долгот веќе ја проби психолошката граница од 60 проценти од БДП годинава, која се сметаше за критично прашање во нормални услови.
- Условите во кои се наоѓаме сега секако дека се вонредни, па во тој контекст, задолжувањата најдуваат свое оправдување, првенствено за да се осигури непречено финансирање на здравствените трошоци, а потоа и да се обезбеди соодветна помош за погодените бизниси и граѓани. Буџетот за 2021 предвидува постепена фискална консолидација гледано според буџетскиот дефицит, што е, како и БДП-растот, опкружена со голема неизвесност. Сметам дека фокусот на фискалната консолидација треба да се стави на консолидација на непродуктивните расходи и преструктурирање на расходната страна во мера во која е возможно. Потоа, фокусот треба да се стави и на реализацијата на капиталните трошоци, бидејќи од една страна тие се многу важни за потенцијалното постковид-заздравување, а од друга страна, во предлог-буџетот за 2021 не забележувам некое позначајно структурно поместување при нивното планирање. Предвидениот механизам за подобрување на нивното извршување е чекор за поздравување, но секако останува да видиме дали и како тој би профункционирал, па потоа и да дадеме подетална оцена - потенцира Петрески.
Непродуктивни трошења за плати, нема намалување на расходи...
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини смета дека нема ништо ново во предлог-буџетот за следната година, и посочува дека не е оправдана висината на буџетот за следната година, ниту пак потребата од толку голем дефицит, иако се соочуваме со пандемија.
Џевдет Хајредини / Фото: Јутјуб, принтскрин
- За жал, не гледаме дека се планира намалување на јавната администрација, нема намалување на расходите за платите на државните службеници, туку напротив - се планира нивно зголемување. Најавено е значително зголемување на платите на уставните судии. Нема најави за намалување на платите за лица што со години не работат, а добиваат плати, и служат како партиски гласачи. Сега гледаме пак се најавува активирање на економски промотори, а истите беа критикувани од партијата која сега на власт, кога беше во опозиција... Сето ова влијае врз раст на буџетските расходи кои не се оправдани. Расходите за здравството е очекувано да се зголемат поради состојбата со вирусот, но другите расходни ставки не се оправдани. Наместо да се прават реформи во државната администрација, во судството, каде што вработените не ја вршат функцијата предвидена со закон, пари се трошат за исплата на плати, а тоа се непродуктивни трошења - истакнува Хајредини.
Повторно немаме развоен буџет
Воедно, поранешниот министер посочува дека средствата планирани за јавни инвестиции согласно досегашното искуство не се трошат за инвестиции, туку на стартот на есента се пренаменуваат за плати, односно за тековни трошоци, па очекувано е и следната година да го имаме истото сценарио.
Фото: Фрипик
- Иако ги планираат за капитални инвестиции, не се во состојба, ниту сакаат да ги потрошат за тоа, туку се пренаменуваат за расходи. Немаме развоен буџет, никогаш не сме ни имале развоен буџет. Најавуваат дека наредната година ќе имаме раст, како планираат раст кога не се знае колку ќе трае пандемијата, ниту со какви последици ќе излеземе од неа. Се најавуваат инвестиции, без конкретни податоци, а од каде би дошле пари кога секаде во светот, а особено во земјите што важат за инвеститори, има криза и не се знае како ќе се одвива ситуацијата. Многу оптимистички најави, дури и утопистички, но лично сметам дека треба да бидат повеќе реалисти отколку лажни оптимисти - заклучува Хајредини.
РАСПРЕДЕЛБА НА СРЕДСТВА НА БУЏЕТ
Економски работи - 70,2 милијарди денари
Здравство - 40,8 милијарди денари
Животна средина - 1,4 милијарда денари
Образование - 28,6 милијарди денари
Социјална заштита - 90,28 милијарда денари
Одбрана - 9,92 милијарди денари
Јавен ред и мир - 17,2 милијарди денари.