Мадридско чудо - нагло намален бројот на заразени со коронавирусот
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во Мадрид, кој рушеше рекорди по бројот на заразени со коронавирус, бројот нагло се намали. И додека медиумите зборуваат и пишуваат за „мадридското чудо“, епидемиолозите го наведуваат воведувањето на брзи антигенски тестови како главна компонента.
На крајот од септември Мадрид го сруши неславниот рекорд во бројот на новоинфицирани со коронавирус, оставајќи ги зад себе другите шпански области. Така, на 29 септември, 14-дневна инциденца на 100.000 жители беше 785 случаи, додека другите автономни региони забележаа помалку од 500.
И тогаш се случи пресврт. Бројките почнаа да паѓаат и денес во шпанската престолнина има околу 300 новозаболени лица во 14 дена, додека во исто време рестораните и кафулињата работат до полноќ, а парковите се полни со луѓе.
Медиумите зборуваат за „мадридското чудо“, пресврт на трендот кој не е целосно објаснет, но епидемиолозите го наведуваат воведувањето на брзи антигенски тестови како главна компонента. Баш во екот на вториот бран тамошните власти купија 5 милиони антигенски тестови и почнаа интензивно тестирање во проблематичните области.
Другите шпански региони, како Каталонија, каде што се воведени строги мерки за затворање што сериозно влијаат врз туризмот и угостителството, се скептични во однос на бројките во
Мадрид, но официјалните лица од Мадрид велат дека податоците од болниците не лажат.
На почетокот од октомври повеќе од 2.500 пациенти беа примени во болниците, а оваа недела само околу 200 на ден, додека повеќе од 300 излекувани лица беа пуштени. Тестовите за антиген биле клучни. Заменик-министерот за јавно здравје Антонио Запатеро вели дека состојбата на теренот им овозможила на властите да воведат насочени затворања, а потоа и отворање веднаш штом ситуацијата се подобри.
Извор:
6yka.com
Фото: Pixabay