Оценката - нејзиното временско димензионирање и врамување во калапот на воспитно-образовните грешки

Оценката - нејзиното временско димензионирање и врамување во калапот на воспитно-образовните грешки

Ни се случуваат навистина крупни воспитно-образовни грешки. Не прашуваме зошто се брза со оценувањето. Не се осмелуваме да прашаме. Зошто па ние да прашаме, кога никој не прашува. Прифаќаме дека мора. Ја стишуваме професионалната немоќ да допреме до децата и да им инјектираме дози на чесност, со кои цел живот ќе бидат имуни на фаќањето кривини и покусите патишта…

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

И ете. Стасавме безмалку до крајот на првиот класификационен период, кој не сметајќи ги викендите и празниците, трае 50 дена (од 1.10. 2020, кога годината започна, до 19.11. 2020, кога оценките мора да бидат заклучени и уредно спуштени во дневниците, бидејќи овие 50 дена го чинат првото тримесечје). Ќе почнам вака:

Многу говорев и пишував на темата Образование и низ годините наназад и сега, во напор да го посочам очигледното, како фактичка и болна деформација која остава длабоки последици врз цели генерации. Во напор и да го свртам фокусот на важните нешта во оваа најсуштествена сфера од општественото живеење и да посочам дека нештата не треба да изгледаат така како што изгледаат, ако сакаат да се викаат Училница, Ум, Знаење, Почит, Дигнитет. Трите децении зад мене и повеќе од 4.000 деца кои покрај мене и моите колеги раснеа и созреваа ги чувствувам како долг поради кој и понатаму сметам дека треба да се посочува, апелира, да се бара поинаку. Да се дискутираат исклучиво професионалните решенија, во интерес на оние пред кои стоиме. Затоа, денес ќе почнам со една сликичка од мојата училница, децении наназад:

Бев млада, полна со ентузијазам, себепронајдена во професијата. Матуранти, некаде овој дел од годината. Правевме тест. Ги делам оценетите тестови наредниот час и им посочувам да си проверат и доколку имаат прашања околу вреднувањето, слободно да ми се обратат. Уште ја помнам. Трета клупа до ѕидот, од кај вратата. Симпатична, со остар, црн поглед од зад очилата (години подоцна, нејзиниот син ми стана ученик. Од последната клупа во средната редица, ме гледаа истите очи и многу бев среќна што гледам прекрасна верзија на мајка му, каква што ретко се среќава). Нејсе. Таа крева рака и вели:
„Извинете, професорке, ако можете да дојдете, има грешка кај моите поени.“
Јас си го земам црвеното пенкало за да направам корекција и бројам. Навистина има грешка. Ја гледам малку збунето, малку во неверување.
„Гледајте, професорке, сте ми ставиле 10 поени повеќе“ – ми вели таа.
Нејзиното црно око се смешка со онаа прекрасна доза на младешка чесност, која ретко кога низ годините потоа ја сретнав. Што да кажам? Со тие 10 поени повеќе таа влезе во оценката 5. Можеше да премолчи. Јас можеби при наредната проверка на поените немаше ни да забележам. Но ете, она што го изговори си го чувам како редок спомен на еден поглед на знаењето, на вредноста на училницата, на чесноста, конечно:
„Јас учам, професорке. Не сакам вака да имам 5.“

До крајот на годината си учеше таа, навистина. Реално гледано, сите параметри од нејзиното портфолио (ги водам за секој ученик поединечно со децении наназад ) не оформуваа оценка 5 (самата си го кажа тоа кога на крајот на годината, пред да се разделиме, заеднички дискутиравме за напорот и резултатите како годишна оценка). Но јас ѝ пишав 5. Пред целиот клас. И кажав зошто – затоа што ја знаеше најважната лекција: Трудот е она што е важно. Резултатот од тој труд е таа самата. Нејзиниот ум и она што го знае, оти тоа го учела и го сфаќа. Чесноста е она што на светот му недостига.

Зошто ја споделив оваа убава сликичка денес? Затоа што во време кога на нашите ученици, кои толку многу ни недостигаат, со кои се гледаме преку монитор и со кои во основа не се познаваме и препознаваме како составни делови на еден ист процес, многу тешко успеваме да им влееме едно вакво ниво на свесност, кое дефинира чесно гледање на сопствениот труд, пред сè. Секако, и на ставот на млад човек дека оценката не е она што треба да се освојува како врв, туку треба да се инсистира на она што зад неа стои и останува како вкус на успехот, кој произлегол од личен ангажман, од одговорноста, од желбата да се учи и да се знае.

Не сметам дека децата се виновни за тоа што единственото нешто што ги интересира во едни вакви мачни услови на опстанување, но морам да кажам, и низ годините наназад, е оценката. Навистина не ја гледам вината кај нив. Како од нив можеме да очекуваме да имаат поинакви мерила и погледи на она што им се случува во училницата, особено во сегашнава, виртуелна, ако оние што таа оценка треба да ја градат низ пропишаните механизми (кои повеќе се сведуваат на декларативни заложби отколку на реално поставени параметри во услови кога ништо веќе не е исто) ја сведуваат на проформа, набрзина и по секоја цена постојна големина, врамена во даден рок во рамките на кој за ништо нема доволно време? Овде мислам на надлежните, кои по 50 дена работа со учениците, во рамките на кои треба и да се предаде материјалот и да се пријде до секое дете поединечно, за да види што, колку и како може, бараат оценка.

Две оценки до полугодието, не една.

Го читав Упатството за оценување во онлајн-наставата. Убаво е срочено. На хартија, механизимите се тука. Ги имаме објективните тестови со избор од повеќе понудени одговори, тестовите со краток одговор, есејските прашања, дискусии, изведбени активности. Истовремено се нагласува дека акцент треба да се стави на она што е важно, а не на споредни факти или детали. „На терен“ сепак, состојбите не се така идилични.

Во трка со времето, ги занемаруваме важните нешта кога е совладувањето на материјата во прашање. Маваме по децата сите ние, сакале да признаеме или не. Многупати сум кажала досега - многу им е. Не им понудуваме модели преку кои ќе сфатат дека оценката не треба да е важна и дека самата ќе си произлезе од тоа што го прават. Затоа во еден ден имаат и неколку испрашувања, тестови, средби од кои сите имаме очекувања кои ќе значат спас – сите ќе си го имаме она што од нас се бара. Оценки.

Ние среќни оти нема да сме етикетирани дека не сме стасале, кога ете, сите други го сториле тоа. Тие среќни оти имаат оценка која не е објективен параметар на нивното знаење. Зошто тогаш се исчудуваме што посегнуваат по низата „техники“ на снаоѓање од типот на читање од однапред подготвени ливчиња како „технички помагала“ шепкање отстрана, залепени ливчиња на ѕидот пред нив или ѕиркање во монитор, ако од нас не можат да видат релаксирачки приод кој ќе подразбере дека сакаме од нив да видиме што сфатиле и како навистина гледаат на тоа што го учеле? Зошто тогаш нè боли што веќе немаме ученици кои ќе ни кажат дека сме згрешиле и по цена на нивната загуба, само затоа што сфатиле што сакаме од нив? Зошто тогаш со тага умееме да кажеме: „Ееееее, какви ученици имавме некогаш...“ без да си се запрашаме дали децата беа подобри или всушност ние бевме?

Ни се случуваат навистина крупни воспитно-образовни грешки. Не прашуваме зошто се брза со оценувањето. Не се осмелуваме да прашаме. Зошто па ние да прашаме, кога никој не прашува. Прифаќаме дека мора. Ја стишуваме професионалната немоќ да допреме до децата и да им инјектираме дози на чесност, со кои цел живот ќе бидат имуни на фаќањето кривини и покусите патишта. Забораваме дека низ сето она што им се случува додека се со нас ги учиме на живот.

Ги научуваме дека оние „споредните факти и детали“ во животот стануваат битни, ако целта им е сведена на бројка наместо на квалитет, на форма наместо на суштина. Тажиме што тоа е така, несвесни дека имаме право и долг да поставуваме прашања, да потсетуваме дека базата најдобро знае и дека од врвот, нештата не се согледливи. Во меѓувреме, редиме оценки без да признаеме и да апелираме дека со инсистирање на оценките по секоја цена, оценките кои важат за период на кој реално не му припаѓаат и со нивното временското димензионирање, единствено што успеваме да постигнеме е да ги врамиме во калапот на низата воспитно-образовни грешки.