Милениумците и генерацијата З сѐ повеќе одат на крстосување со бродови

Милениумците и генерацијата З сѐ повеќе одат на крстосување со бродови

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Податоците собрани од страницата „Trip.com“ укажуваат на зголемување од 344 отсто на годишно ниво на резервациите во периодот од јануари до октомври 2024 година. Скокот во бројот на резервации платформата го припишува на луѓето кои во едно патување сакаат да доживеат различни искуства и да посетат различни места.

- Помладите патници предничат во овој раст - пишува на платформата, откривајќи дека резервациите на милениумците се зголемени за повеќе од 850 проценти.

- Бројот на патници од генерацијата З е зголемен за 450 проценти - додаваат од платформата, нагласувајќи дека значителен пораст е забележан и кај постарите возрасни групи.

- Кај родените во 50-тите години е забележан пораст на резервациите од 112 отсто, а кај родените во 80-тите над 400 отсто - наведува „Trip.com“.

Еден од водечките оператори, „Норвеџиан круз лајн холдингс“, на 31 октомври објави дека постигнал „рекорден приход“ во третиот квартал од оваа година. Од „Карнивал“, со седиште во Флорида, во септември објавија дека нето-приходот на компанијата се зголемил за 60 отсто на годишно ниво во истиот период.

Индустријата е дополнително зајакната со резервации на даватели на услуги кои комбинираат крстосувања и авионски патувања, каде што патниците брзо пристигнуваат со авион до пристаништето од кое поаѓа бродот. Ваквите резервации се зголемени за повеќе од 500 проценти во споменатиот период, насекаде низ светот. Меѓународниот аеродром во Атина неодамна објави дека ќе дозволи пријавување на патниците на крстосување кои поаѓаат од грчкото пристаниште Пиреја. И авиокомпанијата „Норс Атлантик“ вовела нови летови што ги поврзуваат аеродромите во Манчестер и Лондон Гетвик, со точка на поаѓање на бродовите за крстосување од Карибите.

Според „Trip.com“, речиси 10.000 луѓе моментално се на листата на чекање за крстосување со „Дизни авантура“ од Сингапур, за кое платформата вели дека е најпопуларна дестинација во светот.

Ваквите „семејни“ опции за крстосување со луксузни бродови се сѐ попривлечни за туристите. Платформата пишува дека малезиското пристаниште Порт Кланг, Барселона, Токио и Џакарта се на листата со пет најпопуларни пристаништа со бродови за крстосување.

Извор: 24sata.hr

Фото: Freepik