Кои се шансите НАСА да најде траги од живот на Марс?
Можеби е полесно да се детектираат знаци за живот во старо време на Марс отколку што е на Земјата, велат научници поврзани со следната мисија на НАСА.
Во 2021 година на Црвената планета е предвидено да слета робот со шест тркала, а неговата цел ќе биде обид за идентификување на докази за биологија од минатото. Роботот ќе бара траги во карпите кои можеби се стари 3,9 милијарди години. Потврдувањето дека на Земјата имало живот пред толку многу години е тешко, но на Марс можеби има подобро зачувување, велат истражувачите.
Сѐ се сведува на динамичните процеси на нашата планета кои постојано ги тресат и рециклираат карпите - процеси кои можат да ги избришат трагите од живот, но кои запреле на Црвената планета рано во нејзината историја.
-На пример, не веруваме дека на Марс имало тектоника на плочи, како што имало на Земјата во текот на поголемиот дел од нејзината историја. Поголемиот дел од карпите на Земјата се уништени со субдукција под океанската кора. Но, дури и карпата која останува на површината е загреана и згмечена на начини на кои можеби не била на Марс. Па, парадоксално, можеби постарите карпи на Марс се подобро зачувани од многу помладите карпи на Земјата - вели Кен Вилифорд од НАСА.
Новиот ровер ќе слета во кратерот Језеро, во кој сателитските набљудувања сугерираат дека некогаш имало длабоко езеро.
Фото: BBC
Научниците се надеваат да најдат траги од присуство на микроби во седиментите, ако тие живееле во или околу ова тело од вода.
Во најдобар случај, роверот би налетал на формации кои личат на строматолити. Роверот ќе го избере најпримамливото место и ќе ископа примероци кои може да се соберат во кутија и да се остават на тлото за подоцна да се земат.
Научниците од НАСА и нивните колеги од Европската вселенска агенција планираат заеднички потфат за собирање на околу 40 примероци собрани од роверот,
веројатно во раните 2030-ти.