Млади иноватори креираа дигитални решенија за инклузија на деца и млади со попреченост
Избрани петте тима што ќе ја реализираат својата идеја и ќе продолжат во втората фаза на вториот глобален младински предизвик Generation Unlimited
Викендов се одржаа тридневни design thinking работилници на кои педесетина млади иноватори од нашата земја работеа на нивните дигитални решенија за премостување на бариерите со кои децата и младите со попреченост се соочуваат во образованието и секојдневниот живот. Овој младински предизвик е дел од партнерството на Фондацијата „Телеком за Македонија“ и УНИЦЕФ за намалување на дигиталниот јаз и користење на технологијата за еднаква вклученост на децата и лицата со попреченост.
- Истражувањата покажуваат дека децата со попреченост имаат подобар образовен и социјален успех кога учат рамо до рамо со своите врсници во редовните училишта. Исто така, истражувањата велат дека вклучувањето на децата со попреченост им помага на сите деца во училницата да научат што е емпатија, праведност, соработка и солидарност, а дека, пак, со овие вредности се подобруваат оценките и училишните резултати - изјави Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.
Тимовите на возраст од 14 до 24 години креираа иновативни решенија како: бионичка рака и паметна инвалидска количка, па сѐ до мобилни апликации за подобра комуникација и учење. Беа избрани пет тима кои добија финансиски средства и дополнителна менторска поддршка за развивање на своите идеи.
- Најголемиот предизвик на нашето време не е како да изградиме дигитално општество, туку како да изградиме фер дигитално општество, каде што ќе има место за сите, без исклучок. Најдобриот начин да направиме чекор напред е да ги поттикнеме младите да креираат решенија и да ја користат технологијата како алатка која треба да им служи на луѓето. Сите тимови што беа дел од овој младински предизвик покажаа дека само треба да им се даде „ветер во грбот“ на младите за да можат да ги поместат границите - изјави Никола Љушев, главен извршен директор на „Македонски телеком“.
Во јуни 2020 г. две финални решенија од земјата ќе конкурираат на светско ниво. Овие решенија ќе имаат шанса за дополнителни средства во износ до 20.000 долари, заедно со глобална програма за инкубација од партнерите на Generation Unlimited. „Младинскиот предизвик - дигитална инклузија“ на УНИЦЕФ и Фондацијата „Телеком за Македонија“ се реализира со Smart Up со поддршка од Македонскиот извиднички сојуз.
1. Bionic Team (Бионички тим): Роботска рака со достапна цена која ги чита мускулните сензори и им помага на луѓето без екстремитети во секојдневниот живот; развиен со отворен код и 3Д-печатач, моделот чини меѓу 150 и 200 долари.
2. Mind Benders (Распаметувачи): Дигитално ресторанско мени инклузивно и достапно за сите, развиено со помош на принципите за универзален дизајн. Во апликацијата се собрани менија од ресторани, при што се претставени во различни формати, приспособени за различни нарушувања на видот, слухот, дислексија, интелектуална попреченост. Употребената технологија може да се користи за подобрување на достапноста на информациите во други сектори, вклучувајќи ги образованието и здравството.
3. Zero to Hero (Од ништо до нешто): Паметна инвалидска количка која се управува со контрола на очите и има сензори за следење на физичката состојба на корисникот, како и сензори за детектирање предмети.
4. PortComSign (ПортКомСајн): Апликација која го претвора говорниот јазик во знаковен и обратно.
5. Something Unordinary (Нешто необично): Мобилна апликација Еден + Еден која поврзува волонтери со семејствата на деца и млади со интелектуална попреченост. Преку оваа апликација семејствата ќе можат да најдат волонтер да организираат социјални активности за своите деца.
Глобалниот младински предизвик Generation Unlimited 2019/2020 - година се одвива во 40 земји во светот, меѓу кои е и нашата
https://www.genunlimited.mk/. Отворениот повик ги повикува младите да креираат решенија со кои ќе се поддржат трите главни столба на Generation Unlimited: средно образование; вештини за учење, вработување и работа и работно оспособување. Во земјава младите беа поканети да понудат иновативни одговори на прашањето: „Како може дигиталната технологија да придонесе за поактивно вклучување на децата и младите во образованието и во секојдневниот живот?“
Фото: Ена Утевска