Дали треба да примите вакцина ако сте прележале Ковид-19? Еве што велат експертите
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Милиони луѓе се заразија со коронавирусот и се излекуваа, а постојат и такви што биле асимптоматски, а не го знаеле тоа, па сега сите тие имаат едно заедничко прашање: Дали треба да се вакцинираат иако веќе го прележале вирусот?
Д-р Вилијам Шафнер, професор по инфективни болести на Медицинскиот центар на Универзитетот „Вандербилт“, вели дека и оние што веќе го прележале вирусот би требало да примат вакцина. Тој образложува дека заштитата од вакцина може да биде подолготрајна од антителата што некој ги добива од природното заразување.
Многу експерти за болести сметаат дека коронавирусите се меѓу оние што предизвикуваат нецелосен имунолошки одговор. Ова е причината зошто лекот допрва треба да се најде.
Д-р Грегори Поланд, директор на групата за истражување на вакцини на клиниката „Мајо“ во Рочестер, вели дека луѓето ќе го изгубат имунитетот за неколку месеци или за една-две години, со оглед на тоа што циркулираат четири сезонски бета-коронавируси што предизвикуваат горнореспираторни инфекции.
Тој вели дека постои можност луѓето што имале лесни симптоми или биле асимптоматски да не создале траен имунитет.
Д-р Амеш Адаља од Центарот за здравствена безбедност на институтот „Џонс Хопкин“ вели дека иако природната инфекција обезбедува заштита одреден временски период, сè уште не може да се предвиди колкав е одговорот кај поединци.
Адаља објаснува дека кај оние што веќе закрепнале,
вакцината ќе го зајакне природниот имунитет на организмот. Оттука, таа ќе биде поефикасна во спречувањето на болеста. Тој истакнува дека пациентите со Ковид-19 не треба да мислат дека нема да имаат корист од вакцината.
Истражувачите очекуваат дека клиничките испитувања за вакцините на „Фајзер-Бајонтек“ и „Модерна“ ќе можат да им дадат поголем увид во однос на претходно заразените пациенти. Во испитувањата се вклучени дури и оние што веќе биле заразени. Тие ќе бидат следени со месеци или години потоа.
Извор:
Ibtimes.co.uk
Фото: Freepik