Љубовта за себе секогаш ќе се појави колку и да е тешко, ама ние не сме овде за да се сакаме саде себеси!
Автор: Мирослав Пендароски, универзитетски професор, психолог
Во природата, а таа не е вештачки создадена човекова творба, секое нешто има две лица, т.е. лице и опачина. Не постои ниту едно нешто во животот да биде такво како во него да би имало само едно нешто без својата спротивност, без своето инакво, различно... сите физички појави имаат своја спротивност или друг дел од себеси, или инакво нешто кое го комплетира првото, или го надополнува, подобро речено. Дури и основните елементи се комплементарни и опонентни едни на други. Огнот наспроти водата, земјата наспроти воздухот. И страните на светот исто, запад наспроти исток, север наспроти југ. Сонцето наспроти Месечината, Месечината наспроти Земјата, Земјата наспроти другите небесни тела итн. Ако ова двојство меѓу двата елементи на една целина го помножиме со нивната внатрешна дијалектика, т.е. двојство, добиваме – четворство!
И сè е четворно, коцкесто и некако полно, оти четворката е полниот број, бројот на основите и стабилноста, без неа нештото е осудено на нестабилно, болно и сигурно пропаѓање... и види лебати, каде и да се свртиш, не си ни знаел дека сè е четворно, или не си обраќал внимание на истото. Четири годишни времиња, четири страни на светот, четири животни елементи, четири аспекти на битието (физичко, ментално, емоционално, спиритуално), четири агли на куќата, четири ногарки на столот, четири седишта во автомобилот, четири човечки темпераменти, четири седмици во месецот, четири тримесечја во годината, четири екстремитети на речиси сечие тело (не само човековото), четири психички основни функции (мислење, интуиција, емоција, осет), четири тркала на автомобилот, збирно четири парни сетила (две очи и две уши)... Кога човек се раѓа, како оди?! Четвороношки, нели... Кога човек умира, пак се враќа еволуциски на сите четири, како метафора, т.е. снеможува, се предава, затоа што сè што постои има тенденција да се врати на земјата откаде што и произлегло... Има човек чувство на некоја чудна доверба во четворката, како да е стамена и цврсто застаната наземи, небаре не можеш да ја поместиш... ама човекот самиот си ја правел бељата низ еволуцијата одбегнувајќи ги законите кои не мора да бидат запишани оти се вткаени во кодот на филогенскиот систем на повторуваното низ милениуми и милениуми и кој не е тука за да го менуваме, туку да го почитуваме и зацврстуваме колку можеме...
Да, ама човекот секогаш сакал да го расипе тоа што не го создал! Исто како што детето полесно ќе ја распарчи туѓата играчка, токму оти не е негова, нели. Па така, човекот почнал да верува во тројства, петорства, шесторства итн. до бескрај. Дури и почнал да оди на две небаре ќе ѝ пркоси на Земјината тежа... О, да, да, тој ѝ пркоси, така и живее на две, ама секоја вечер природата го принудува да посака да се одмори на сите четири, нели... Секогаш кога може, човекот седнува и си отпочинува несвесно почитувајќи ја гравитацијата која е исто така природна сила и појава. Човекот лета со помош на параглајдери, едрилици, авиони, хеликоптери и други помагала, ама самиот не е создаден за воздухот да му биде место низ кое ќе се движи... Човекот создал и бродови и чамци и подморници и се спуштил длабоко во водата и научил да плови низ неа, ама секогаш најубаво се чувствувал кога ќе стапнел на земјата...
Човекот го измисли и т.н. петти елемент, демек љубовта, ама секогаш кога ќе загусти, ја бара љубовта Господова или онаа на природата, оти сфатил дека и тој петти елемент го создал заради сопствена корист, а не дека е роден со него. Не, природата не е ниту добра ниту лоша, исто и љубовта која е дар токму од природата баш затоа што човекот докажа дека не умее да ја поднесе... Инаку, зошто би велел везден дека страда токму од и заради или без љубов?! Та нели таа е највозвишеното нешто?! Тогаш, зошто човекот во првата тешка кривина и првиот вистински предизвик ја напушта личноста што ја љуби?! Зошто тогаш тој секогаш ја одбира самољубовта ако везден тврди дека врвно е да се љуби и воспева другиот?! Ако толку ја двори токму таа љубов што вечно ја воспева, зошто тогаш ги подучува другите дека љубовта за себеси е најважна?! Та нели токму таа љубов за себеси треба да се подразбере и е многу поприродна од љубовта за другиот, дека, нели, ние се раѓаме самите со себе и умираме самите на светов и некако вткаено ни е да се сакаме себеси...
Секогаш сум мислел различно од многуте други и не ми е гајле... Еве и сега ќе ви го шлапнам в лице баш ова од предмалку, баш дека сум барем искрен околу свесноста дека силуваме нешто што е природно, а отпишуваме нешто што самите треба да го научиме, ама бидејќи не сакаме, го заташкуваме на сметка на она што природно ни е дадено... И тоа е единственото нешто при кое го силуваме природно даденото и го испрчуваме пред своето постоење, а не мораме, затоа што тоа е нешто кое се подразбира... Знаете што е тоа?!
Љубовта за себеси... Ми се смачи да читам од лаици, па сè до психолози и разни други стручњаци (од овие во кои и самиот спаѓам најмногу ми се гади!) како било, пази богати, најважно да се сакаш самиот себе, па после другите... дека најважна била љубовта за себеси, дека без да се сакаш себеси, не можеш никого да сакаш, дека ти си најдобрата верзија од себеси, дека нема поважен никој од тебе, врати ја љубовта кон себеси, дај си љубов оти никој друг нема да ти ја даде ако сам не си ја дадеш... Па да де, токму тоа го ломотам! Никој никому не дава оти сите сме опседнати да си дадеме себеси иако не гледаме дека тоа доаѓа со сопственото битие и самата егзистенција која ја носиме во себе како еволуциска сила за преживување... Ако не сме се сакале себеси, тогаш како уште постоиме? Ако не сме се сакале себеси, тогаш како научивме да ги мразиме другите?!
Природна даденост е да се сакаш себеси дури и ако таа чудна љубов те довела до депресија, токму заради искривоколченоста на љубовта кон себеси во која самиот си се довел учејќи се да се сакаш нарцисоидно, егоистички и самобендисано, без само да оставиш природната грижа за себе (читај: љубов) да си го направи своето... Полека, полека, сакавте баш кај депресијава да ме опонирате?! Па токму до депресивната состојба во која основно отсутно чувство е себепочитување или себељубов доаѓа баш дека не сме си ја испочитувале природната вродена љубов за себеси како егзистенцијалистичка неопходност, туку сме ја силувале барајќи ја од другите, и кога не сме ја добиле, сме почнале помалку да се сакаме себеси баш дека сме помислиле, поради туѓите критериуми, дека не вредиме за таа себељубов! Или, со други зборови, човекот никогаш нема да биде депресивен доколку само ѝ дозволи на природната себељубов да не биде поматена од критериумите на другите за тоа дали некој вреди да се сака себеси...
Па како очекуваме да ни помогне да си се љубиме себеси повеќе некој друг ако е вистина дека сите везден се учиме и едуцираме дека сами на себе сме си најважни?! Не е ли тоа парадоксален оксиморонски депресивен потфат кон самоуништувањето? Ако не ни е важна љубовта кон и од другите, како тогаш нивната нељубов кон нас или нашата нељубов кон нив доведува до тоа да престанеме да се сакаме себеси?! Па нели љубовта кон себеси е најважното и единственото нешто?! Ако е така, тогаш зошто не ни е сеедно дали некој нè љуби?! Аха, ајде сега речете дека не треба да ни биде гајле дали некој нè љуби затоа што е најважно да се љубиме самите себе! И што мислите, ако успееме да живееме со тоа дека не ни е гајле дали некој нè љуби, дека тоа ќе значи оти сме ја послушале природата? Ма не, само сме останале во сопствената себедоволност опкружени со наместено-среќно-насмеаните слики на социјалните мрежи, без да си признаеме дури и себеси дека секоја ноќ пред заспивање плачеме над сопствената осаменост и трагедија само поради „доволноста“ на љубовта за себеси, и згора на тоа, малку инает и гордост. Ама не, мора да се расипе сето тоа, нели... Мора да се држи во живот искривоколчениот број кој не е четворка, туку тројка, петка, шестка итн., а најлошо од сè е дека всушност цело време е само единица!!! Чиста единица како самољубовта на која се учиме во ова искривоколчено индивидуалистичко, себично, ратоборно и петпараџиско време-невреме...
Токму затоа ова човештво и не заслужува повеќе од една стабилна единица, кец, бандера и како уште сакате по школски. Токму затоа што не гледаме дека љубовта за другиот е баш човеков производ и ние сега од тој производ се откажуваме и се обидуваме да ѝ кажеме на природата дека ние подобро од неа можеме да се научиме да се сакаме себеси, а што е нејзин производ?! Ма дајте ви се молам, да не се правиме поголеми католици од папата... Љубовта за себеси секогаш ќе се појави колку и да е тешко, ама ние не сме овде за да се сакаме саде себеси! Заборавивме на една основна работа, а тоа е дека четворката може да се дели само со четири бројки: нула, еден, два и четири... Само еден од овие 4 броја води до природно делење на четворните нешта во природата... Нулата дава само нула, ништовило, непостоење, ич... единицата ќе те врати само на она што веќе природата ти го дала – четири... четворката веќе видовме, ќе те направи една солидна и себична и до коски искривоколчена субјективна единица... Само двојката ќе те донесе до вториот природен број, а тоа е двојката... Сега да ве прашам, чудно ли е што четворката некако најприродно и најлесно е да се подели со два?! Вратете се сега на почетокот од текстот и ќе сфатите зошто почнав со два, а продолжив со четири!
П.С. Нашиот народ убаво рекол некогаш одамна – важните работи се кажуваат во четири очи! Оставете ги лажните проповеди за саморазвојот кој ги отпишува сите освен вас самите, заборавете на восклиците – ти си бог! Наместо тоа, потсетете се дека сите еден ден ќе отидете повторно во природата, и тоа сами, и четворката која е тука за да ве држи сè додека еволуцијата не ве повика за да ве замени со нешто посилно, поделете ја со два, и тогаш, првпат во четири очи онему кого го сакате кажете му дека сте научиле да го сакате... Додека не е доцна, додека самата четворка не ве подели со нула после која нема веќе делење... и споделување... кој разбра разбра, кој не разбра, ќе сфати тогаш кога ќе биде спремен да разбере...
Фото: Борче Поповски