Неверојатна фотографија го покажува патот на Сонцето на небото

Неверојатна фотографија го покажува патот на Сонцето на небото

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Не ви се потребни многу скапи материјали за да направите основна камера. Без разлика дали станува збор за стара лименка за кафе или нешто слично, можете да ставите фоточувствителна хартија на задниот дел и да отворите мала дупка во предниот дел за да дејствува како леќа.

Овие направени фотоапарати се забавни и не траат многу долго. Но, поранешната студентка по фотографија, Регина Валкенборг, покажа фотографија направена со ваква камера за која ѝ биле потребни повеќе од осум години за да ја направи.

Валкенборг направила камера од едноставна лименка од пиво и парче фотографска хартија за да го фотографира Сонцето и неговото патување по небото над астрономската опсерваторија на Универзитетот „Хертфордшир“.

Секоја линија лак низ небото на сликата ја претставува Сончевата патека во даден ден. Се движи нагоре и надолу на небото во зависност од сезоната. Фотографијата била направена во период од осум години и еден месец, што може да е најдолгата единечна експозиција направена досега.

Бидејќи дупката низ која влегува светлината била многу мала, камерата не барала никаков вид на фокусирање. Сонцето се претворило во мала светлосна точка што повлекувала линии преку хартијата.

За разлика од типичниот филм, фотографската хартија се изложува побавно, иако се користи сличен хемиски процес.

Според соопштението од Универзитетот „Хертфордшир“, Валкенборг се обидела да направи уште неколку слики, но ги изгубила поради влага или други фактори на животната средина.

сонце

Извор: Popsci.com
Фото: University of Hertfordshire