Преспанското Езеро во „хистерезис“. За 50 години уништивме нешто што живеело милиони години

Преспанското Езеро во „хистерезис“. За 50 години уништивме нешто што живеело милиони години

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

За Охридското Езеро можеби има спас, за Преспанското, искрено не верувам, вели проф. д-р Златко Левков од Институтот за биологија

Во биологијата нема магично стапче. Може да предизвикате моментална еколошка катастрофа, но за да се подобри состојбата, потребни се децении, векови, милениуми. Во овој момент единствено можеме да се обидеме да го задржиме барем она малку што остана значајно од Преспанското Езеро и да се надеваме дека по 4.000 години повторно ќе блесне во сиот свој сјај. Во овој момент е ѕвезда во изумирање, која ќе повлече изумирање на Охридското Езеро и формирање биолошка „црна дупка“ која никогаш нема да се оправи, вели проф. д-р Златко Левков од Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје во интервјуто за Факултети.мк.

Крани (фото: Macedoniafromabove.mk, 360 степени визуелен водич низ Македонија)

Периодов вршите истражувања на Преспанското Езеро, кое годинава е драматично повлечено. На што беа фокусирани Вашите истражувања?

- Преспанското Езеро е едно од најинтересните, но и најзначајните езера во Европа, и заедно со Охридското Езеро се нераздвоив систем, како од аспект на хидрологија така и од аспект на биологија. Во изминатите 20-ина години се направени поголем број истражувања на Преспанското Езеро, главно насочени кон утврдување на моменталната состојба со живиот свет, неговиот состав, распространетост во езерото, но и во насока на осетливост на видовите кон силните еколошки промени во езерото. Но и покрај децениските истражувања, езерото сè уште крие тајни кои чекаат да бидат откриени. Сепак, промените што се случуваат во изминатите години, особено во однос на количината и квалитетот на водата, би можеле да имаат големо влијание врз живиот свет. Тоа е и целта на истражувањата, да се види колкаво е влијанието на изменетите услови во езерото врз живиот свет, особено врз многубројните ендемични видови кои го населуваат.

Како се најде езерото во оваа состојба? Дали досега воопшто е забележано олкаво повлекување?

- Генерално, влошената состојба со Преспанското Езеро датира од пред речиси две децении, но во скорешно време се интензивира и доби многу поголема видливост. Во екологијата е позната појавата наречена „хистерезис“ или т.н. задоцнета реакција. Езерото, иако е под силно влијание во подолг временски период, не реагира бурно и успева да ги амортизира влијанијата, сè додека не се надмине критичната точка, по што следува драматична реакција. Тоа е нешто што се случува во моментов. Интензивните човекови влијанија изразени преку користењето вода за наводнување, (не)контролирано користење вештачки ѓубрива и особено пестициди, загадување со цврст комунален смет (формирање поголем број диви депонии на брегот на езерото), исфрлање  големи количини смет во реките кои се влеваат во езерото, доведоа до катастрофални промени во хемиските и физичките карактеристики на водата во езерото. Дополнително, со намалување на количината на атмосферски талози (врнежи од дожд и снег), се намали и нивото на водата, што од друга страна доведе до концентрирање на хранителните и загадувачките материи во езерото. Тоа доведе и до намалување на количината на кислородот, па дури и негово отсуство во подлабоките слоеви на водата. Со тоа е загрозен опстанокот на севкупниот жив свет.

Проф. д-р Златко Левков / Фото: Борче Поповски

Намалувањето на количината на водата, проследено со интензивно загадување, е огромен проблем за живиот свет, особено за ендемичните видови. И во минатото, пред десетици илјади години (за време на последната ледена доба), но и пред околу 1.000 години нивото на езерото било ниско, но во тоа време го немало интензивниот притисок на човекот. Во тој момент живиот свет се приспособува на новонастанатите услови и продолжува да егзистира. Сегашното намалување на нивото има далекосежни последици бидејќи настанува во краток временски период (од геолошка гледна точка), проследен со загадување. Оваа комбинација е смртоносна.

Како намалувањето на водата влијае врз живиот свет во езерото? Има ли евиденција колку и кои видови се изумрени?

- Ова е тешко прашање за кое во моментов никој не може да даде конкретен одговор. Потребни се континуирани истражувања во текот на 30 години и доколку не се најде видот во жива состојба, тогаш се прогласува за изумрен/исчезнат. Во овој момент може да се констатира дека видовиот состав на алгите е драстично променет. Имено, претходните истражувања по дисертацијата на А. Цветкоска укажаа дека голем број (над 50%) од ендемичните видови што моментално го населуваат Охридското Езеро во минатото го населувале и Преспанското Езеро. Како резултат на еколошките промени во езерото, тие се исчезнати и веќе не се сретнуваат во жива состојба во Преспа. Колкав ефект ќе имаат последните промени, ќе знаеме за 20-30 години, кога ќе биде веќе предоцна! Неопходно е да се преземат итни мерки кои ќе овозможат барем зачувување на оние сè уште преостанати, пред сè, ендемични видови. Овие видови успеале да преживеат милиони години бидејќи квалитетот на водата не е значително променет. Ние, луѓето, успеавме во рок од 50-ина години да уништиме нешто што егзистирало со милиони години. Тоа е повеќе од жално и страшно.

Велите дека науката уште пред 10 години алармирала за ова што го гледаме денес...

- Резултатите од истражувањата редовно ги објавуваме во научни списанија, различни интервјуа за медиуми, извештаи до соодветните министерства, но многу малку е направено за да се подобри состојбата. Иако постојат голем број проекти, главно финансирани од странски донатори (амбасади, фондови, агенции), кои делумно ја подобрија состојбата, или барем делумно го подигнаа нивото на свеста кај локалното население и пошироката јавност, сепак, најголем дел се со краткотрајно влијание. По завршување на финансирањето на проектите речиси сите активности запираат. Без локална поддршка од страна на надлежните институции (министерствата за животна средина, за водостопанство, за образование и наука, за транспорт...) позитивните ефекти се или минорни или целосно отсуствуваат. И истражувањата што беа спроведени пред 10-ина години беа финансирани од меѓународни извори. Во континуитет говориме дека отсуствува реална, долгогодишна студија на езерото во која ќе бидат вклучени голем број истражувачи (а истите постојат во Македонија), досега на овој план ништо не е преземено. Да бидам уште подиректен, во моментов никој не знае што се случува со живиот свет во езерото.

С. Коњско, Преспа

Пред десетина години се случи хистерезис на езерото, односно задоцнета реакција на децениското уништување на животната средина. Што е најстрашно, и во овој момент не знаме колкава е штетата направена врз езерото. Истражувањата на Јовановска и соработниците објавени во 2016 година покажаа дека по релативно мало, но интензивно влијание на вулканска прашина исфрлена од вулканите во Италија, живиот свет се враќа во нормална состојба по долг временски период од 4.000 години. Многу е веројатно дека по вакви интензивни влијанија и промени состојбата со езерото би се нормализирала по 4-5.000 години. Ако воопшто се врати.

Споменавте дена Охридското Езеро во моментов е во ситуација во која била Преспанското Езеро. Тоа се два поврзани екосистема. Како едниот влијае врз другиот?

- Дефинитивно Охридското Езеро е во слична состојба со Преспанското Езеро од пред 30-40 години. Моментално, Охридското Езеро поради неговата големина сè уште има капацитет да ја одржува рамнотежата, но тоа не значи дека не реагира, и тоа видливо. На пример, со појавата на масовен развој на зелени алги во крајбрежјето - еден од најочигледните показатели за комунално загадување. Тоа е особено изразено во зоните околу урбаните центри. Се очекува Охридското Езеро во наредните 10-ина години да реагира бурно, но ако тоа се случи, веќе ќе биде предоцна.

Охридско Езеро

Интересно е да се напомене дека неколку истражувања и од постар и од понов датум укажуваат дека центарот на биолошката разновидност било Преспанското Езеро, додека голем број видови подоцна го населиле Охридското Езеро, но поради неговата големина, отпорност и еластичност, истите опстанале. Охрид е само рефугиум (прибежиште) на видовите, додека тие во основа се настанати во Преспанското Езеро. Тоа практично би значело губење на основниот извор и центар на разновидност, но со тенденција неповратно да го изгубиме и вториот локалитет (Охридското Езеро). Во таков случај и двете езера го губат епитетот „најзначајни“ и стануваат обични езера како илјадници други во светот.

За двете езера со години заседаваат меѓуресорни тела, меѓународни комисии, а најчесто сè останува и завршува на хартија. Што губиме во меѓувреме?

- Како и за многу други работи, во Македонија имаме многу хартија и време потрошено на различни документи, стратегии, планови за управување итн. Сето тоа е супер, и на т.н. експертско ниво функционира, сè додека дојде моментот да се имплементираат. На пример, според ревизијата на Планот за управување со Преспанското Езеро, утврдено е дека само 3% од предложените мерки и активности се реализирани во изминатите пет години. А огромни 97% НЕ. Тоа само кажува што и колку правиме за спас на овие два екосистема. Во многу скоро време е подготвен и Планот за управување со Охридското Езеро и искрено би бил многу изненаден ако неговата примена биде поголема од 3%. Тоа не зависи од меѓународни комисии, тела, фондации... Oд нас зависи. Нема ниту волја ниту желба, а ниту вистинска намера да се подобри состојбата. Ниту локалната ниту централната власт во изминатите 30 години, поради некои, пред сè, социјални, финансиски или политички причини не преземаат никакви или речиси никакви конкретни мерки. А загубите се многукратни. Да поседувате нешто највредно и да се однесувате кон тоа како кон нешто најобично и безначајно, во најмала рака е глупост. Јас не се грижам толку ако ја изгубиме заштитата од УНЕСКО, тоа е само ливче хартија. Ние губиме екосистем со уникатни вредности, кои биле зачувани со милиони години, а ние успеавме да ги упропастиме за 50-ина години. На полето на биологијата, Охридското и Преспанското Езеро се најпрепознатливи, претставуваат заштитен знак, белег на државата. Губењето на тој белег не би претставувало само национална катастрофа, туку многу поширока.
Езерата на начинот на кој ние ги познаваме, нашите деца веќе никогаш нема да ги видат и запознаат. Дали е тоа целта на нашето постоење? Ние не ја наследуваме Земјата од нашите предци, туку само ја позајмуваме од нашите деца (индијанска поговорка). Нашите долгови очигледно е дека нашите наследници многу долго ќе треба да ги отплаќаат.

Има ли спас за двете езера? Што мора итно да се направи?

- За Охридското Езеро можеби и има. За Преспанското, искрено не верувам. Единствено што е возможно во овој момент е да се обидеме да го задржиме барем она малку што остана значајно за езерото. И да се надеваме дека по 4.000 години Преспанското Езеро ќе светне повторно со целиот свој сјај. Во овој момент е ѕвезда во изумирање, која ќе повлече изумирање на Охридското Езеро и формирање на биолошка „црна дупка“ која никогаш нема да се оправи.



Во изминатиот период се направени поголем број консултации со пошироката научна јавност и предложени се голем број мерки кои би требало да придонесат барем за задржување на постојната состојба, со надеж дека во наредните децении ќе придонесат и за подобрување. Која било преземена мерка нема да даде резултат веднаш. Тоа не треба да се очекува. Во биологијата нема магично стапче. Може да предизвикате изумирање на голем број видови и да предизвикате моментална еколошка катастрофа, но за да се подобри состојбата, потребни се децении, векови, милениуми. Нивото на загадување и еутрофикација на Преспанското, а делумно и на Охридското Езеро се толкави, што со ефектите од нив ќе треба долго време да се бориме. Но, никогаш не е предоцна да се преземат мерки. Намалување на загадувањето, на користењето вода за наводнување, прочистување на отпадните води, забрана за депонирање отпад, отстранување мртва органска материја од крајбрежјето, мораториум за градби и многу други мерки се предложени. Но, нивната примена треба да биде долгорочна, а не еднократна, чисто да се покаже дека нешто во моментот се презема, како чист маркетинг.