Јога за смеење - техника која „произведува“ паметни деца и среќни родители
Оваа техника, која од неодамна почна да се практикува и во Македонија, е комбинација од вежби за дишење и за смеење кои се погодни за сите возрасти, дури и за најмладите.
Десетина мајки заедно со нивните четиригодишни деца, наредени во круг, изведуваат јога-вежби. Но, атмосферата е малку чудна за час по јога – децата и возрасните прилично се раздвижени, мавтаат со рацете, потскокнуваат и се смеат гласно додека вежбаат. Ни налик на тишината и медитацијата која е карактеристична за атмосферата додека се практикува јога.
- Ајде, сега ја возиме на санката на Дедо Мраз. Вртиме лево, па нагло вртиме во десно. Па пак лево, па десно.... – се слуша гласот на инструкторката додека ги води децата и возрасните низ вежбите, а тие со уживање ја следат. Особено децата.
Ваква беше атмосферата на часот на кој присуствуваме, каде мајки со деца практикуваа јога со смеење. Станува збор за техника која е релативно нова во земјава и која засега ја практикуваат само неколку инструктори. Јогата за смеење, всушност, е комбинација од вежби за дишење и за смеење и која како техника е погодна за сите возрасти.
- Во јога за смеење се користат пранајама техники за дишење, основни вежби за растегнување и медитација – ова се сличностите со класичната јога. Другите вежби се сет на движења, мимики и вежби кои кај луѓето поттикнуваат разиграност, опуштеност и среќа којашто сме ја чувствувале како деца. Иако постојат четириесеттина основни вежби за смеење, листата може да стане бесконечна и на час по јога за смеење сѐ може да предизвика смеа и да стане јога вежба за смеење – објаснува Фросина Пандурска-Драмиќанин, сертифициран инструктор по јога за смеење од Laughter Yoga University, организација на Мадан Катарија од Индија.
Според неа, оваа техника се темели на идејата дека секој може да се смее без причина, а тоа да не е поврзано со шеги, вицеви и друг хумор како извор за смеење. Во вежбите учествуваат сите учесници и преку физички вежби, контакт со очите и контролирано дишење се постигнува вистинско заразно смеење. Пандурска-Драмиќанин објаснува дека оваа техника има многу придобивки за тие што ја практикуваат, меѓу кои и тоа што ги подобрува дишењето, концентрацијата, циркулацијата и имунитетот, релаксира, делува како терапија после поголеми стресови. Кај децата ја подобрува социјалната вештина и емоционалната интилегенција, а кај возрасните влијае врз подобрување на менталната, емоционалната и духовната состојба.
- Особено голем бенефит од оваа техника имаат повозрасните лица, децата и лицата со пречки во развојот. Во последно време во клубовите за јога за смеење се држат часови и за деца со аутизам, пациенти што боледувале од рак, неподвижни лица и слично. Во САД, Индија, а последниве години и во европските земји јога за смеење се практикува од најрана возраст – од градинките па сѐ до универзитетите – вели Пандурска-Драмиќанин.
Неодамна со оваа техника се запознаа и дечињата од неколку скопски градинки, на кои Пандурска-Драмиќанин им држеше часови и на кои тие покажале неверојатно голем интерес и активност. Таа неколкупати одржувала и бесплатни часови за родители со деца бидејќи увидела дека заедничкото вежбање неверојатно им годи на сите.
- Децата особено добро реагираат на јога за смеење, бидејќи смеењето за нив е природна состојба. Секое дете се смее околу 400 пати во текот на едно деноноќие, додека возрасните само десетина пати. Вежбите за јога за смеење се динамични, со движење, гестови и мимики, а тоа децата го обожаваат, особено вежбите за имитирање на животни и птици. Класичната јога е добра за децата, но не за сите, бидејќи потемпераментни деца не би издржале да седат во одредена положба подолго и да бидат тивки на часот. Добро во овааа техника е што секој може да измисли вежби и да биде креативен, па така часот може да почне со едни вежби, а да заврши со други што ги предложиле самите деца – вели таа.
Иако речиси сите луѓе кои ја пробале позитивно реагираат на оваа техника, интересот за неа во Македонија сѐ уште е мал бидејќи многумина не ни слушнале за јога за смеење. Пандурска-Драмиќанин смета дека таа лесно може да се прилагоди на распоредот во сите организации и институции, како и да се практикува на работно место, на семинари, тренинзи, тим-билдинг настани, конгреси, бизнис-конференции, дополнителнаа настава во училиштата, градинките и слично.
Јогата за смеење е создадена од индискиот доктор Мадан Катарија во 1995 година, кога при истражување на темата „ смеењето како лек“ дошол до заклучок дека човечкото тело не прави разлика меѓу одгумено и искрено смеење. Така тој направил сет вежби за дишење и смеење кои одлично влијаат врз човечкото тело. Првиот јога клуб за смеење е формиран од само 5 луѓе а сега оваа техника е проширена низ целиот свет и досега се формирани над 1.000 клубови ширум светот, а од скоро и на Балканот.