Познато е дека шведската компанија „Ериксон“ е една од најзначајните во светот што се однесува до развојот на телекомуникациите, но и една од најстарите компании во оваа сфера. Ларс Магнус Ериксон започнал да се занимава со овој бизнис уште во 1876 година, на своја 30-годишна возраст. Тогаш ја отворил првата телеграфска работилница во Стокхолм, а две години подоцна започнал да произведува и сопствени телефони, откако добро ги проучил моделите на Бел и Сименс.
Во 1879 година почнал да ги доставува сопствените телефонски апарати на првиот шведски телекомуникациски оператор „Стокхолмско генерално телефонско претпријатие“ и станал главен снабдител на цела Скандинавија со телефонска опрема.
Со оглед дека Санкт Петербург, тогашната престолнина на Руската империја сместена на брегот на Финското Море, било сосема природно и политички и економски да се потпира на Скандинавија, воопшто не зачудува фактот дека Романови, на крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век, нарачале изработка на телефонски апарати за потребите на царското семејство, токму од Ериксон.
Апаратот кој го барале бил таканаречениот
Skelettapparat, модел од 1892 година, кој останал запаметен во историјата како револуционерен, со оглед дека бил првиот апарат со куќиште врз кое се спуштала слушалката и така се прекинувала врската. Бил висок 30, широк 28 и длабок 14 сантиметри, а тежел пет килограми.
Примероците што специјално биле изработени за руското имеријално семејство имале детали од злато и слонова коска, а каблите биле во боите на руското знаме – бело-сино-црвени.
До 1930-тите години, „Ериксон“ продал преку два милиони примероци од овој модел, од кои, десет за
Романови.