Џамбазов и колегите одржаа час по актерска игра!

Џамбазов и колегите одржаа час по актерска игра!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

За некои актери знаете дека недостигале на театарската сцена откако ќе се вратат. Знаете дека нивниот глас и маестралност прават разлика. Среќа е кога тие актери ќе се вратат. Тоа комплетно важи за Игор Џамбазов, човекот за кого враќањето е начин на живот. На големо задоволство на публиката, од минатата година се врати како актер на Македонскиот народен театар. За „Брачна игра“ со Весна Петрушевска се бараат карти повеќе, а од завчеравечер тоа сигурно ќе се случува и со „Говорна мана“, претстава според истоимениот текст на Горан Марковиќ, а во режија на Драгана Милошевски – Попова.



За младите што го знаат само од телевизија, време да го научат и во театар. Улогата на Мишел Радински, во одличниот текст на српскиот писател Горан Марковиќ, Џамбазов ја одигра маестрално, убедливо, „сугестивно“, што би рекол и самиот автор во текстот. Тоа беше вистински час по правоговор и однесување на сцената, оти денес, за жал, ретко слушаме правилен изговор на театарските сцени (третосложното акцентирање и акцентските целости за поновите генерации се апстрактни поими).



„Говорна мана“ е како текст создаден за денес, иако е стар речиси 20 години. Преку актерската професија и само три лика суптилно ги отвора прашањата на модерното време, леснотијата да посегнеме по нечесното и валканото за да успееме. Режисерката Милошевски-Попова не само што направила одличен избор со текстот, ами филигрански добро ги избрала и актерите со кои ќе соработува. Рамо до рамо со Џамбазов се Сашка Димитровска, која одамна не сме ја виделе на камерна сцена и извонредно ни го пренесе ликот на актерка и сопруга на познат актер, и Ивица Димитријевиќ, еден од актерите од поновата генерација, на кого режисерите можат комотно да се потпрат зашто тој може да одигра сѐ. Има одлична мимика, внимава на деталите, говорот, одличен партнер е на сцена. Димитровска е голема актерка и големи улоги како Славица треба да ѝ претстојат.

Во претставата играат и Арна Шијак, Билјана Јовановска и Ана Стојановска, кои ѝ даваат интересен детаљ на претставата, постојано одржувајќи го вниманието на публиката, да не заборавиме дека сме во театар.

Музиката на Горан Трајкоски е одличен партнер на претставата, како и целосниот дизајн на сцената и костимите на Илина Ангеловска. Драматург на претставата е Дејан Дуковски.

„Текстот е брилијантен, а се надевам дека и ние ќе бидеме такви“, вака најави Џамбазов неколку дена пред премиерата. И, не нѐ излажа!