Студирање во странство? Како влијае на вашата кариера и на вашиот живот?
Подготвил:
Даринка Буровска MSc Entrepreneurship, Innovation and Management Nottingham University Business School
Дали секогаш барате нов предизвик? Дали сакате нова авантура? Ново искуство во вашиот живот? Тогаш, магистерски студии во странско е совршената патека која треба да ја изберете во вашите дваесетти години. Светот е полн со можности. Студирање во странство ќе ви го промени животот, засекогаш! Но, што точно значи тоа? Кога ќе магистрирате, секако ќе ја добиете „престижната” хартиена диплома. Но, всушност добивате многу многу повеќе. Што поточно?
1. „Изострени” вештини за „преживување”. Изложување на ризик.
Вашите родители ќе ве прашаат: „Како ќе патуваш со толку куфери, сам/а и без интернет?“ Па… ова е добар тест за вас, каде можете да го „изострите” вашиот ментален склоп и да излезете од вашата комфорна зона. Патување со многу куфери, без интернет, без 3G, прв пат во непозната земја...Преживејте! Можеби звучи страшно, но сепак ова е одлична можност да вежбате „преживување” во нова, непозната средина. Работа на ново работно место е иста ситуација. Ова е одличен „тренинг” кој ќе ве подготви добро за вашата идна кариера.
2. Работа под “притисок”, справување со ризик и несигурност
Британското образование го држи престижот за најдобро образование на глобално ниво со векови, што значи чувствто на одговорност, професионална етика и запазување рокови ќе станат јадро на вашата работна навика. Како што светот напредува со брзо темпо, ќе мора да се научите да се справуавте со ризик и несигурност, па ова е одличена шанса да се навикнете на чувството. Најбитно, не плашете се од огромниот материјал за учење и полагање четири испити во една седмица, посебно ако студирате бизнис. Преживувајќи го ова, ќе бидете спремни за „светот” што следува.
3.Ново знаење, нова кариера
-Во денешно време, менување на кариера се случува доста често и тоа е во ред. Ако сакате да научите нешто повеќе и вашата љубопитност не е задоволена, тогаш изберете програма во друга област. На пример, јас дипломирав софтверско инженерство и продолжив на магистерски студии по претприемништво и иновации. Кога ќе имате диплома во две различни области, учите за две индустрии/области и го зголемувате вашиот потенцијал за одлична кариера, бидејќи ќе „зборувате” два јазика. Од мое искуство, комбинација од техничко знаење со бизнис е во „demand” и ќе биде во уште поголема побарувачка во иднина.
4. Зголемена перцепција за светот, други култури и религии на глобално ниво
-На сите универзитети (во Англија), интернационалните студенти од цел свет заземат околу 30% од сите студенти. Ова значи дека ќе запознаете студенти од Зимбабве, Нова Каледонија, Јужна Африка, Јапонија….you name it... Студенти од сите континенти, дури од земји за кои никогаш не сте слушнале. Ова значи дека учите за нови култури, нов животен стил, нов начин на функционирање… Добивате подобар поглед за други религии, вредности и верувања. Со ова брзо темпо на глобализација, познавање на други култури, религии и вредности ќе бидат од голема помош во вашата кариера, вашиот бизнис или работно место. Покрај сѐ, запознавате нови пријатели со кои поминувате незаборавни моменти и авантури од вашиот студентски живот во странство, кои прераснуваат во одлични спомени.
5. Слободно време?
Да, секако дека имате слободно време. Научете нов спорт, ново хоби, нова вештина… Можностите да го пополните вашето слободно време на правилен начин се безброј… Ќе најдете спортски клубови за сите спортови, групни часови по спорт, дури и ваш персонален тренер. Исто така има и студентски организации и групи за секакво хоби што може да ви падне на памет. Како ви звучи: Мечување? Кајак? Часови по магија? Јавно говорење? Логорување? Качување по планини и карпи, бордање, готвење, религии…Или ќе се најдете во пивница на тура за традиционален начин на правење на пиво… Што било да ви падне на памет, ќе најдете млади луѓе со исти интереси, така што ќе поминете квалитетно слободно време.
6. Патување околу светот, универзумот
Студентите што заминуваат на студии во странство се храбри, полни се ентузијазам, сакаат да патуваат и истражуваат. Ќе запознаете студенти со кои ќе правите планови за големи патување од вашата “bucket list”. Ви гарантирам, нема да се двоумите дали да им се придружите. Патувањето ви отвора нов поглед кон светот, нови хорозонти и множности, така што патување од вашата “bucket list” е задолжително! Младите-“Millennials” допрва ќе бидат лидери во светот. Немаме друга опција, освен да ја преземеме одговорноста. Дотогаш, мораме да бидеме „наоружани” со знаење, вештини и искустава за да можеме добро да одговориме на „улогата”. Па, не се двоумете. Направете го првиот чекор!