Фобијата која може да го спречи напредувањето во кариерата

Фобијата која може да го спречи напредувањето во кариерата

Подготвил: Маја Пероска

Многумина стравуваат од јавно зборување, односно обраќање пред поголема маса на луѓе. Според спроведени анкети, стравот од јавно зборување е најчестата и најголемата фобија меѓу испитаниците.


Вистинскиот проблем настанува кога оваа фобија не попречува во професионалниот развој, односно кога кариерата бара јавно говорење, а фобијата е присутна. Кај некои е толку многу изразена што дури и се откажуваат од работното место. Освен тоа, тој страв придонесува и до намалување на резултатите на работа.

Експертите секогаш потенцираат дека за успех во кариерата постојат три клучни фактори, а тоа се перформансот, имиџот и изложеноста. Во сегашно време, изложеноста е и најважна, односно јавното говорење и јавното прикажување на сработеното е она што е есенцијално за успех на бизнисот.

Видео конференции, презентации, бројни интервјуа, се само дел од модерниот начин на градење кариера и успешно водење на одреден бизнис. Комуникацијата е развиена на до сега највисоко ниво, па оттаму доаѓаат и сите овие предизвици. Но, тоа е голем проблем за сите оние кои имаат фобија од јавно говорење, а тоа ги спречува и во понатамошното напредување.

Чувството на страв е сосема нормално, бидејќи нашиот мозок е поверојатно да препознава закана отколку награда, истакнуваат познавачите. Па тоа и се случува кога се среќаваме со голема толпа на луѓе. Се ослободува адреналин, добиваме срцебиење, па следува потење и црвенеење.

Сепак, експертите сметаат дека подготовката е тајната за успешно јавно говорење. Помнење на почетните реченици, а потоа користење на потсетувачи за јавно презентирање. Исто така се советува да се визуелизира самата презентација за полесно да се запомни и да може да се пренесе. Но, она што е најважно е да се има позитивен пристап, па наместо да си мислите дека вашиот говор или презентација ќе биде катастрофален, мислете дека имате неверојатна можност вашето знаење, искуство и вештини да ги пренесете на останатите луѓе и да не дозволите стравот да ве спречи во понатамошниот професионален развој.