Мислите дека на наставниците им е лесно?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Превземена колумна од Борис Јашовиќ за Зелена училница.. Секоја сличност со Македонија е случајна...
Велите дека нас, кои работиме во образование ни е лесно. Дека имаме слободно време за извоз. Дека не работиме ништо. Дека не произведуваме ништо. Дека сем паразити на грбот на буџетот. Напикани безбедно во државните училишта. Дека летниот одмор ни трае три месеци, а зимскиот два. Дека сме платени повеќе отколку што треба. Дека сме неработници. Дека сме виновни што сме живи. Дека сме ѓубриња...
Не набројувај драг мој наседнувачу на дневнополитичката пропаганда.
Ние сме група на високообразовни луѓе кои никогаш нема да почувствуваат удобност во напредувањето во кариерата. Ние сме заедница на високообразовни поединци чија плата секогаш ќе се врти околу националниот просек (воглавно малку под просекот). Ние сме фабрика на високообразовни работници кои произведуваат знаење. Ние сме конзилиум на високообразовни воспитувачи кои се занимаваат со крпење на дупките во воспитувањето на туѓите деца. Ние сме полигон на високообразовни пациенти над кои државата извршува реформски експерименти.
Но, не вреди да се плаче. Зошто да се леат горки солзи?
И онака државата повеќе ја попречува отколку што ѝ помага на просветната заедница. Со своите копирани правилници и останатите подзаконски акти, препишани од некаква илустрирана европска сликовница со наслов: „Како од просветен работник да се направи идиот?“ - државата го уништува и оној мал авторитет што се задржа на рабовите на професијата која посветено ја работиме.
Министерството лесно подлегнува на иновации чија единствена цел се рефлектира во рационално намалување и континуирано производство на армија на евтини работници. истите оние кои само ќе 'рмбаат, а притоа нема да поставуваат премногу прашања. Оние другите - способни да поставуваат премногу прашања (со диплома од државен факултет), сепак нема да бидат тука бидејќи ќе заминат во странство.
Но, не вреди да се плаче. Зошто да се леат горки солзи?
Кога не увидуваш, тогаш многу работи не гледаш почитуван просветен работнику. Да речеме, ти кој предаваш во средно училиште - дали ја гледаш подлата лингвистичка корекција на традиционалната вокација која ја извршуваш, а која без твоја согласност ја променија?
Ти повеќе не си професор, туку наставник.
Дали ценет просветен работнику забележуваш дека оние „од горе“ постојано ти го затрупуваат авторитетот неопходен за работа помеѓу четири училишни ѕидови.
Дали просветен работнику гледаш како некој зелен ти го уништува часот, а ти поради недостаток на средства за санкционирање на деликвентно однесување се оддалечуваш од часот? Дали сфаќаш дека во тој случај авторитетите на тие „од горе“ лесно можат да те обвинат дека не ја извршуваш работата за која си платен? Претпоставуваш дека ќе бидеш прекорен дека не си компетентен за работата за која си студирал?
Дека не си педагог ќе ти каже некој „од горе“ демагог. Уште повеќе и директорот ќе ти вика поради некоја обврска кон оние „од горе“.
Но, не вреди да се плаче. Зошто да се леат горки солзи?
За наставните амбиенти инаку се грижат државните службеници кои во своите скриени кабинети исполнети со мирис на лаванда, удобно седат во кожните фотелји на тркала, размислувајќи на кој начин добриот наставник може да создаде удобен амбиент за непречено одвивање на наставата, и тоа без основни средства за санкционирање на проблематичното однесување на проблематичен ученик, во атмосфера која неодоливо потсетува на онаа од кантина.
И тука секако е неизбежниот формализам и отуѓеност. Бидејќи сето тоа залудно планирање, подготвување, полугодишен и годишен извештај... Сето тоа бескорисно трошење на хартијата, непотребно затрупување на компјутерска меморија и изигрување на совршена бирократска организираност, неминовно води до еден можен резултат - концепцијата за отуѓување на Маркс.
Но, не вреди да се плаче. Зошто да се леат горки солзи?
Овој просветен работник е слика и прилика на отуѓениот човек на Маркс - и тоа за жал е реалност за која треба гласно да се зборува. Формализмот го отуѓува просветниот работник од предметите кои ги предава - но исто така го отуѓува и од учениците на кои им предава.
Синдикализмот кој сам по себе станува цел, отуѓува група наставници од втора, трета и четврта група на просветни работници.
Неформалните подгрупи во рамките на образовната заедница го отуѓуваат просветниот работник од друг просветен работник.
Менаџирањето и партиската надградба го отуѓуваат директорот на училиштето од базата на просветни работници.
Рационализацијата и политиката на штедење го отуѓуваат министерството за образование од егзистенцијалните и професионалните проблеми на заедницата на просветни работници.
Дехуманизацијата вреба од сите страни. А дехуманизацијата е составен дел од отуѓувањето кое ја јаде взаемната солидарност на учителите, наставниците, професорите...
Но, не вреди да се плаче. Зошто да се леат горки солзи?
Затоа, пред да ги нападнеш просветните работници, драг мој наседнувачу на дневнополитичката пропаганда - тврдејќи дека нам ни е лесно. Дека имаме слободно време за извоз. Дека не работиме ништо. Дека не произведуваме ништо. Дека сем паразити на грбот на буџетот. Напикани безбедно во државните училишта. Дека летниот одмор ни трае три месеци, а зимскиот два. Дека сме платени повеќе отколку што треба. Дека сме неработници. Дека сме виновни што сме живи. Дека сме ѓубриња... сфати дека најпрво сме заедница на високообразовни луѓе кои се премногу отуѓени едни од други (и од примарната улога на интелектуалци кои слободно зборуваат) и премногу фини за колективно и јавно да ти кажат да се гониш. (И поради тоа, верувај, ни малку не ни е лесно).
Автор:
Борис Јашовиќ