Градинките во Канада: Една воспитувачка чува најмногу три деца во јасли!

Градинките во Канада: Една воспитувачка чува најмногу три деца во јасли!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Се работи според програма „Учење преку игра“, според која децата имаат можност да одберат што сакаат да прават (уметност, спознавање, драма, читање и сл.), а воспитувачот треба да го следи нивниот интерес и да се вклучи интерактивно во развивањето на детската креативност.



Канада е земја на која од многу причини секојдневно ѝ се одушевуваме, добро организирано општество, граѓанинот на прво место, современ премиер кој дава пример за цел свет. Тоа нè испровоцира да провериме како градинките, кои се особено важни за раст и развој на децата, се организирани во оваа земја. Поразговаравме со Билјана Тасевска, родена скопјанка, која 15-ина години со своето семејство живее во Торонто, а од пред неколку години работи како воспитувачка во детска градинка. Завршила колеџ за претшколска возраст, а денес работи во градинка која е дел од школа за англиски јазици, каде што новите имигранти имаат можност да учат англиски јазик, а додека се на час, нивните деца се згрижени во градинката. Тоа го добиваат бесплатно.

- Ова е една форма на градинка во која родителите мора да поседуваат т.н. карта за постојан престој, што секој ја добива штом ќе влезе во Канада со имиграциона виза. Истото право го има и групата на бегалци. Работиме под исти услови и иста програма како и редовните градинки, значи со полно работно време од 8:30 наутро до 15 часот попладне, како и три пати навечер од 18 до 21 часот – вели Тасевска.



Во Канада децата се згрижуваат во градинка од 6 месеци, нешто како кај нас во јасли. Постојат три групи на возраст: 6-19 месеци јасли, 19-30 месеци (мали деца) и 30-48 месеци - претшколска возраст. До четиригодишна возраст децата се во т.н. центри за дневна грижа, каде што работат воспитувачи со асистенти.

Во повеќето градинки се работи според програма „Учење преку игра“ , според која, децата имаат избор да одберат што сакаат да прават (уметност, спознавање, драма, читање и сл.), а воспитувачот треба да го следи нивниот интерес и да се вклучи интерактивно во развивањето на детската креативност.



Процесот започнува со опсервација на интересот на детето и потоа тоа се поддржува со соодветни помагала. Ако сака да црта, му се дава избор на фломастери, креони и сл. И истовремено се развива комуникација меѓу воспитувачот и детето со цел да се поддржи во изградувањето на јазикот или речникот, идеите и сл. - објаснува Тасевска.

Во фокусот е, пред сè, развитокот на говорот и на меѓусебните односи, како што се почит, заедничка игра, поддршка на групна активност, меѓусебно разбирање и сл.

- Децата редовно се изнесуваат на прошетки, без разлика на времето. Се верува дека децата подобро ќе се приспособат на временските услови ако од најрана возраст се изнесуваат надвор – категорична е Билјана.

Без разлика во која градинка се згрижени децата, сите имаат право на партиципација врз основа на месечните примања на родителите. Ако родителите не работат, децата посетуваат градинка бесплатно, ако еден родител работи, може да плаќаат само 100 долари месечно…



Постои скала за партиципација според која семејствата добиваат помош од државата.

Цената е најскапа за најмладите и се движи од 1.200 до 2.000 долари месечно. Следната група е малку поевтина и се движи од 1.000 до 1.500 долари месечно и најевтино е за претшколската возраст, што не е повеќе од 1.000 долари. Цената зависи од тоа во која градинка е сместено детето. Главно сите се приватни, а државата ги помага со поволни кредити за почеток на работата. Покрај приватните, има и такви што се финансирани од владата на провинциско ниво или на федерално ниво. Мојата градинка е финансирана на федерално ниво, поточно од Citizen and emigration of Canada - објаснува Тасевска.

Во овие центри односот на вработени и деца е следен:
6-19 месеци возраст, еден воспитувач на 3 деца,
19-30 месеци, еден воспитувач на 5 деца
и 30-48 месеци еден воспитувач на 8 деца од претшколска возраст. Вообичаено е да има двајца вработени во група.

Од четири години децата се згрижени во школите во две нивоа на забавиште или тука познати како градинки за мали (4-5 год.) и градинки за поголеми (5-6 год). Во забавиште се од 8:30 до 15 попладне. Истовремено во училиштата има и центар за дневно згрижување за саатите пред и после забавиште, кои работат од 6 до 9 наутро и попладне од 15 до 18 часот. Во градинките работат заедно еден воспитувач и еден наставник со вкупно 24 деца во група.

Дневна програма:
8:30 Слободни активности (целата просторија е поделена на неколку катчиња: уметност/вештини, драмско читање, спознавање и сензорни табли. Сите се отворени и децата прават избор на активност!
9:30 Појадок
10:00 Време за групни активности – музика, танц, раскажување приказни
11:00 Физички активности на кои се посветува многу внимание
12:00 Ручек
12:30 Време за одмор. Децата што не сакаат да спијат се поддржани со активности кои нема да го нарушат одморот на останатите.
14 часот – Слободни активности

Што се однесува до платите, тие варираат од градинка до градинка. Генерално подобро се платени во градинки финансирани од државата, иако има и приватни кои се исто така подобро платени. Сепак, генерално е мислењето дека треба да се платат повеќе.

Според payscale.com, околу 46.500 долари годишно заработува воспитувач во градинка, а ако се знае дека околу 50.000 долари е просечна плата во Канада, поконкретно во Онтарио, тогаш може да се каже дека оваа професија не е така лошо платена во Канада.

Од пред пет години секој воспитувач мора да биде сертифициран за да може да работи како воспитувач, појаснува Тасевска.