Поранешниот припадник на американските специјални служби, Едвард Сноуден, на својот „Твитер“ профил објавил дека тунелите што ги бомбардираше американската авијација во Авганистан, а за кои Пентагон тврди дека се бази на ИД, всушност се објекти што ЦИА им ги изградила на Исламската држава.
Станува збор за пештерскиот комплекс Тора Бора во авганистанската провинција Нангарар.
„Тунелите на ИД што ги бомбардиравме во Авганистан? Ние ги плативме“, навел
Сноуден, заедно со еден извадок од текст во „Њујорк тајмс“ од 2005 година, каде што пишува дека изградбата на објектите ги финансирала ЦИА.
Како што пишува во извадокот, комплексот се простира на повеќе од 13.000 метри квадратни, на 35 милји југозападно од Плант (главниот град на провинцијата Нангарар).
Тора Бора била тврдина со снежни врвови, стрмни долини и утврдени пештери. Нејзините километарски тунели, бункери и базни логори, ископани длабоко во камените ѕидови, биле дел од комплексот изграден за ИД, а кој го финансирал ЦИА, пренесува „Спутник Интернејшанал“.
Во друг твит, Сноуден наведува дека „бомбата фрлена среде пустелија во Авганистан, чинела 314.000.000 долари“, за што како доказ прикачил линк до текст од „Лос Анџелес тајмс“ од ноември 2011 година, каде што се наведува дека американската војска нарачала 20 бомби од типот GBU-57A/B (MOP) од компанијата „Boeing“.
Сепак, бомбата исфрлена во Авганистан е од типот GBU-43/B (MOAB), чиј производител е „McAlester Army Ammunation Plant“ од Оклахома. Податокот што може да се најде на интернет е дека една ваква бомба чини 16 милиони долари. Не е познато колку од нив се фрлени врз мети во Авганистан деновиве.