Објавени се прашањата за екстерно тестирање
Учениците од шесто одделение до трета година средно од денеска имаат шанса да ги видат прашањата предвидени за екстерното тестирање кое ќе се реализира од 5 до 9 јуни.
Прашањата достапни се на интернет страницата
prasanjaeksterno.dic.edu.mk, 20 проценти од нив се обновени. Учениците од четврто одделение и петто одделение годинава ќе можат да здивнат. Нема да полагаат екстерно.
Новината се применува од годинава откако лани беа направени измени на законите за основно и средно образование. Оценките добиени од екстерното тестирање на учениците ќе им бидат впишани во додаток на свидетелство, не како претходно во него и нема да им влијаат на средниот успех.
Учениците, наставниците, но и родителите доколку имаат забелешки за прашањата ќе можат да ги внесат, коментарите на интернет страницата од денеска до 15 Мај. Распоредите за тестирање по денови ќе бидат објавени на 29 Мај, а по кој предмет ќе полагаат учениците ќе знаат три дена пред тестирањето. Така на пример оние кои ќе полагаат на 5 Јуни на 2-ри ќе бидат информирани по кој предмет ќе полагаат. Тестирањето е електронски по два предмета. Од Државниот испитен центар велат дека прелиминарни резултати ќе бидат објавени на 15 Јуни по што следи период за поднесување на приговори, ќе трае три дена. Конечните резултати ќе бидат објавени на 27 Јуни.