Која е новата прва дама на Франција?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Фото: АР photo
Франција доби нова прва дама. Нејзиното име е Брижит Троње, и од Макрон е постара 24 години. Но, која е оваа жена?
Со Макрон се запознале додека тој посетувал часови по глума кај неа уште како средношколец. Кога имал 17 години ѝ рекол дека сака да се ожени со неа.
Нивната врска започнала кога Емануел имал 18 години и кога соработувал со неа на драмските часови во приватното училиште кое го посетувал.
Од добро ситуирано семејство
Брижит е најмлада од шесте деца на Симон и Жан Троње од Амиенс, универзитетски град на околу 140 километри северно од Париз. Пораснала во добро ситуирано граѓанско семејство кое поседувало фабрика за чоколадо основана во 1872 година и повеќе филијали, познати по специјалитетот
„Macrons d'Amiens“.
Не се знае многу за минатото на сопругата на Макрон. Со нејзиниот прв сопруг има две ќерки и син. До пред две години работила како наставничка, а потоа дала отказ за да му помогне на нејзиниот сопруг во политичките води.
Фото: Anadolu Agency
Француската телевизија „France 3“ објавила видео од училишна претстава од 1993 година на кое Макрон стои на сцената како плашило. Последните години од гимназија ги завршил во елитната париска гимназија „Хенри IV“ ДОДЕКА наставничката останала во Амиенс. Сепак, тие одржувале контакт, и со часови разговарале на телефон. Кога се разделувале, Макрон наводно ѝ рекол: „Што и да направите, јас ќе се оженам со вас“.
Во 2007 година му се остварила желбата. Брижит побарала развод од тогашниот сопруг и се преселила со Емануел во Париз. Кога Макрон влегол во водите на политиката, за многу Французи било тешко да се навикнат на парот. Но, тоа одамна се промени.
Жените во Франција сметаат дека љубовта на Макрон кон постара жена е навистина храбра. Тие сметаат дека оваа врска многу зборува за човек кој на 17 години успеал да освои постара жена, а сега сака да ја освои цела Франција.
Во предизборната кампања Брижит постојано го следела сопругот. На неговите манифестации игра активна улога и беше дел од стратегиите на предизборната кампања. За разлика од шефицата на националниот фронт, Марин ле Пен, Макрон на францускиот народ му дава можност да ѕирнат во нејзиниот приватен живот.
Таа опуштено контактира со медиумите кога станува збор за нејзиниот сопруг.