Серијата која засекогаш ја промени телевизијата

Серијата која засекогаш ја промени телевизијата

Подготвил: Тамара Гроздановски

За сите љубители на серијата „Twin Peaks“, 21 мај 2017 година ќе остане запаметен како датум кога на малите екрани, се врати оваа серија со нови епизоди. Серијата е дело на Дејвид Линч и Марк Фрост.

1

Истата екипа е задолжена и за враќањето на серијата, па фановите очекуваат мистерија, заплет, откривање на тајни...

„Twin Peaks“ е американска серија кој во Америка започнала да се прикажува на 8 април 1990 година. Серијата заврши на 10 јуни 1991 година. Биле снимени вкупно 30 епизоди, од кои првите 8 епизоди (вклучувајќи ја и „Pilot“ епизодата) спаѓаат во првата сезона, а останатите 22 епизоди се од втората сезона.

На почетокот, серијата била замислена да биде мини-серија од 8 продолженија, но поради големата популарност и гледаност, нејзиното снимање било продолжено и биле снимени уште 22 епизоди. Денес оваа серија е телевизиски феномен кој засекогаш ја промени телевизијата, а се смета за култна серија.

Поради големата популарност на почетокот на емитувањето, „Twin Peaks“ веднаш станала дел од поп-културата, а многу референци можат да се најдат во стриповите, видео игрите, филмовите и песните.

Во текот на втората сезона, гледаноста на серијата започнала драстично да опаѓа што довело до нејзино прекинување после само 30 снимени и прикажани епизоди.



Приказната на серијата започнува утрото на 24 февруари во малиот град Твин Пикс, сојузна држава Вашингтон. Дрвосечачот Пит Мартел на брегот на реката открива тело завиткано во пластика. После доаѓањето на локалниот шериф Хери С.Труман, неговиот помошник и д-р Вил Хејворд сите заедно откриваат дека станува збор за локалното девојче Лора Палмер - симбол за чистота и невиност на нивната мала заедница.

Во меѓувреме, од другата страна на границата, пронајдена е претепана, но жива, девојката Ронет Пуласки. Поради тоа што е пронајдена преку граница, агентот на ФБИ Дејл Купер го добива случајот да открие што се случило.

Купер наскоро ќе ги запознае сите важни ликови од серијата: таткото на Лора, успешниот адвокат Леланд Палмер кој после смртта на неговата ќерка ќе доживее нервен слом; најдобрата пријателка на Лора, Дона Хејворд која ќе започне тајна врска со Џејмс Харли (тајното момче на Лора) и со кој, со помош на својата братучетка Меди Фергусон, ќе започнат самостојно да го истражуваат животот на Лора - особено нејзиниот психотерапевт д-р Лоренс Џајкоб.

Откако гледаноста во втората сезона започнала драстично да опаѓа, продуцентите ги присилиле креаторите да го откријат убиецот на Лора Палмер. Но, гледаноста до крајот на втората сезона не се поправила така што продуцентите одлучиле да го прекинат снимањето.

2

Идејата за серијата, Дејвид Линч и Марк Фрост ја презентирале на 10 минутен состанок во 1988 година на Чед Хофман, претседателот на телевизиската куќа „ABC“. Оригиналната замисла била да се создаде мистерија околу убиството на Лора Палмер и тоа да се стави во прв план, но истовремено да се развие приказна со останатите ликови. Идејата била прифатена.

Дејвид Линч бил задолжен за агентот Купер, додека Фрост бил задолжен за останатите ликови. Пилот епизодата била снимена за 1.8 милиони долари со договор дека ќе биде снимен и алтернативен крај за да се направи филм за подрачјето на Европа, доколку серијата не помине.

Но, после емитувањето на пилот епизодата, скоро цела Америка ја зафати манијата денес позната како: „Кој ја уби Лора Палмер?“ и „Twin Peaks“ започна со емитување. Серијата собра 3 Златни глобуси за првата сезона, а музиката од воведната шпица е една од најпрепознатливите музички теми на сите времиња, а од оваа серија произлегуваат и песните „Into the Night“, „The Nigtingale“ и „Falling“.

После серијата, во 1992 година е снимен и филмот „Twin Peaks: Fire Walk with Me“, кој е пролог, а не епилог од серијата. Филмот не доживеал голем успех, меѓутоа се смета за неизоставен дел од серијата, особено затоа што ги прикажува последните седум дена од животот на Лора Палмер.



Во недела, на 21 мај е закажана премиера за продолжението на оваа култна серија, која фановите со нетрпение ја очекуваат.

Мини-серијата продолжува 25 години после истрагата за убиството на Лора Палмер; откриени се досиеа со документи за градот и самиот случај, тајни документи, обдукции, а Марк Фрост, ја напиша книгата „The Secret Lives of Twin Peaks“ која ја пополнува празнината помеѓу сезоните.

Филмската екипа е голема - се враќаат скоро сите актери од оригиналната серија, а нив им се придружуваат познати имиња. Сезоната ќе има 18 епизоди, а после премиерата на две епизоди кои ќе траат еден час, веднаш онлајн ќе бидат достапни и третата и четвртата епизода.