Ниту гробот, ниту енергијата на Александар Велики е во Свети Николе
Интересно е како тие, што ги „погребале“ боговите на Шарков Рид, не научиле во текот на сопственото школување дека боговите не можат да умрат. Што да ви речам? Не им верувајте на волците, на аматерите, на парадерите! Туку на професионалците, вели археологот и универзитетски професор Виктор Лилчиќ-Адамс
Верувате на дилетанти, лажни сензационалисти, недоедуцирани самопрогласени криптографи, што немаат поим од старите писма и јазици, па не само што тресат „зелени“ за Шарков Рид кај село Црнилиште, туку се осмелија да го толкуваат каменот од Розета. А не им верувате на професионалци во големата желба да го видите невидливото. Вака деновиве на својот фејсбук профил се огласи археологот, проф. д-р. Виктор Лилчич Адамс, универзитетски професор и актуелен директор на Управата за заштита на културното наследство, за случајот со археолошкиот локалитет во Светиниколско, кој веќе три години ја скокотка љубопитноста на јавноста, особено на трагачите низ слоевите на минатото.
Скоро сите медиуми ја проголтаа јадицата кога пролетта 2014 години, хрватскиот истражувач Домагој Николиќ наеднаш објави дека во Овче Поле се наоѓа гробницата на големиот освојувач Александар Трети Македонски. Па следуваа информации дека експертски тим три месеци ќе врши истражувања на теренот кај „мистериозниот геоглиф“.
Лилчиќ-Адамс пред неколку дена објави осум факти, научно поткрепени за што навистина станува збор.
1. Не постои никаков геоглиф. Ридот се вика Шарков Рид, а не геоглиф ниту пак Канда. Канда се нивите на рамниот простор источно од ридот. Терминот геоглиф доаѓа од старогрчките зборови геос (земја) и глифеин (пишувам/запис), во превод запис во земјата.
2. Во текот на Првата Светска војна некоја, веројатно српска воена единица се вкопала на Шарков Рид. Тие ископале елипсовиден воен ров. Во средина ископале долг ров, на чиј што јужен дел ископале попречен ров во цик-цак форма. Оваа форма се должи на потребата од сокривање на војниците од железните гелери од гранатите. Уште еден попречен ров ископале на северниот дел од долгиот ров, за врска со западниот периметрален ров. На дилетантот кој го гледал ова и се обидел да го протолкува како мистериозен запис му заличило како комбинација на буквите Ѕ и Е, па го протолкувал како полетните букви на непостоечкиот бог Ѕе/Зе.
3. Со теренските истражувања, снимања и детектирања на Шарков Рид, се откриени над стотина чаури од боеви пушки со француско производство, сигнирани со годините 1915, 1916 и 1917. Откриено е и офицерско свирче за командување.
4. Концентрацијата на испуканите чаури е зголемена на источната страна од елипсовидниот ров, ориентирана кон патот од Железничката станица - Овче Поле до Свети Николе. Очигледна било стрелано на воените конвои што врвеле по патот.
5. Во рововите се откриени и монети од времето на СФР Југославија од 1963 година, потоа кутија од боја за чевли од фабриката „Пролетер-Скопје“, што посочува на секундарно користење на рововската формација за вежбовни активности од страна на локалните единици на ЈНА.
6. Педолошкиот состав на почвата на ридот во кој е вкопана рововската формација е локална песоклива земја со заоблени камења што геолошки претставува остаток од некое древно езеро/море. Почвата е интактна.
7. Откога овие податоци ги обелоденивме, воспалената група квази истражувачки аматери си ја промени тезата. Сега кажуваат дека е ридот природен и не бил вештачки насипан тумул/могила, па исфрлаат дилетантска хипотеза дека сепак под ридот има гробници на длабочина од 12-18 метри оформени преку ходници што биле отворени/ископани од подножјето на ридот.
8. Значи, на Шарков Рид, ниту е енергијата на Александар Македонски, ниту е таму гробот на Бог - Творецот на универзумот, ниту гробот на непостоечкиот бог Зе, ниту пак на големата неолитска божица мајка.
Интересно е како тие, што ги „погребале“ боговите на Шарков Рид, не научиле во текот на сопственото школување дека боговите не можат да умрат. Што да ви речам? Не им верувајте на волците, на аматерите, на парадерите! Туку на професионалците.