Која е Рената Тренеска Дескоска?

Која е Рената Тренеска Дескоска?

Подготвил: М.Ф.

Образованието во следните години ќе ни го води правник. Професорката од Правниот факултет од Скопје, Рената Тренеска Дескоска.



Новата министерка ја чекаат многу предизвици во образованието. Таа ќе треба да реши многу горливи проблеми, меѓу кои и преиспитивање на Кембриџ програмата, квалитетот на учебниците за средно и основно образование, модернизирање на средните стручни училишта и усогласување со потребите на пазарот на труд. Потребно е и преиспитување на Законот за високо образование кој доживеа многу промени, анализа кои се резултатите од воведување на Болоњската декларација...Екстерното тестирање денеска ќе биде укинато, но потребен е ефикасен модел за контрола на напредокот и постигањата на учениците и квалитетот на наставата, како и работата на наставниците. При најавата за укинување на екстерното, Тренеска Дескоска нагласи дека тоа е првиот чекор кон промените во образованието кое им го ветиле на граѓаните.

- Сакам да им порачам на учениците и на нивните родители - оваа година ќе нема екстерно тестирање – рече Дескоска.

Магистранд со просек 10

Која е Рената Тренеска Дескоска? Основно и средно образование завршила со континуиран одличен успех за што била прогласена за првенец на генерација. Дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 1994 година со просечен успех 9,55. Последипломски студии завршила со просечен успех 10,00 и магистрирала на тема “Типови извршна власт” во 1997 година на Правниот факултет во Скопје. Докторирала на Правниот факултет во Љубљана во 2002 година со што се стекна со назив доктор по правни науки. Од 2012 година е избрана за редовен професор на научната област уставно право и политички систем, на Правниот факултет во Скопје. Таа е позната и по своите политички ангажмани. За пратеник во Собранието на Република Македонија е избрана на изборите во 2014 и во 2016 година. Потпретседател на Собранието била од септември 2015 до декември 2016 година. Таа е член на Парламентарното собрание на Советот на Европа од септември 2015 година.

Новата министерка за образование има и поетска душа

Поминала и неколку студиски престои и пракса во странство, како пракса во Судот за човекови права во Стразбур и студиски престој на University of Idaho, УСА. Авторка е на многу научни трудови и на 14 книги на македонски јазик. Има објавено повеќе трудови во зборници, годишници и други списанија на македонски јазик во областа на правото и политичките науки. Но, новата министерка за образование и наука има и поетска душа. Таа на книжевната сцена, дебитирала во 1991 година, со драмата „Бермудски триаголник“, објавена во едицијата „Алфа“ на Книжевната младина на Македонија. Во 1991 година ја објавила нејзината втора книга, збирката поезија „Лотосова метаморфоза“, во издание на „Студентски збор“ од Скопје. Во 1992 година, таа ја објавила втората збирка поезија „Сепак возможно“, повторно во издание на „Студентски збор“, додека во 1996 година ја објавила новелата „Сепа“ во издание на издавачката куќа „Матица Македонска“.