Овие пет држави немаат надворешен долг

Овие пет држави немаат надворешен долг

Подготвил: Б.Б.


Огромни градски зданија фотографирани ноќе
(Фото: Reuters)

Според World Debt Clock вкупниот светски долг во моментов изнесува 70.245.101.408.799 долари (над 70 илјади милијарди) и постојано расте. Една третина од овој износ отпаѓа само на САД.  Една шестина – на Јапонија. Грција, заради низа причини, за малку ќе колабираше финансиски и со себе комплетно ќе ја повлечеше и ЕУ, дури и САД и остатокот од светот. Венецуела, исто така, е на работ од провалијата.

На Саудиска Арабија дури ѝ се заканува и политички распад, ако вака продолжи должнички да колабира заради ниската цена на нафтата.  За нациите од Третиот свет кои во буквална смисла се наоѓаат во должничко ропство, не вреди ниту да се зборува.

Сепак, во ваквата глобална светска слика, постојат и пет  нации кои немаат ниту цент надворешен долг. Според  податоците на ЦИА, тоа се Лихтенштајн, Макао, Брунеи, Британските Девствени Острови и Палау, нација која е лоцирана во Пацификот.

Секоја од нив има сопствени различни причини зошто не се наоѓаат на „црниот должнички список“. Лихтенштајн, на пример, е држава со големина од само 160 квадратни километри и околу 40 илјади жители, но затоа пак е одличен производител на колбаси, дентална протетика, но истовремено се смета и за „континентален даночен рај“.

Макао, пак, е полуавтономен во однос на Кина, и таму се лоцирани некои од најголемите коцкарници на светот.

Палау одлично живее од туризам , но исто како и Британскте Девствени Острови лоцирани на Карибите, освен туризмот како главна стопанска дејност, се сметаат за едни од најпопуларните даночни оази во светот. Истовремено, станува збор за впечатливо мали држави, па нивната финансиска политика е едноставна за управување, а немаат ниту сопствени валути, што дополнително им ја олеснува работата.

Лихтенштајн на големо го користи швајцарскиот франк. Макао е „верен“ на хонгконшкиот долар. Палау и Британските Девствени Острови „судбински“ се поврзани со американскиот долар.

Во ваквата слика единствено не се вклопува  моќниот султанат Брунеи, кој поседува сопствена валута – брунејски долар.  Со површина од само една петтина од Македонија и помалку од половина милион жители, нивната моќна економија речиси 90% отпаѓа на бизнисот со нафта. Султанот Хасанал Болкиах со својот имот од околу 20 милијарди долари е еден од најбогатите луѓе на светот. За разлика од Саудиска Арабија, која како и Брунеи е сунитска држава и апсолутистичка монархија чија економија  зависи  од нафтата, Брунеи не е вахабистичка монархија, што оваа држава ја прави екстремно различна во основата. Брунеи изразито води сметка за социјалната сигурност на своите граѓани, обезбедува бесплатно образование на сите нивоа, како за студентите така и за постдипломските студии. 

Дополнително, обезбедуваат и бесплатно школување на универзитетите во странство, вклучувајќи и сместување, исхрана, учебници и патувања, на сличен начин како што во минатото тоа го обезбедуваше режимот на Моамер Гадафи во Либија, земја која исто така во тоа време не само што немаше надворешен долг, туку  имаше 150 милијарди долари резерва.