Проблемот на Катар во една фотографија
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Голема криза го тресе арапскиот полуостров откако Саудиска Арабија, Бахреин и ОАЕ објавија дека ги прекинуваат дипломатските врски со Катар.
Фото: Getty Images
Медиумите пишуваат за можните последици од дипломатската блокада поставена на малата пустинска држава со површина од 11.586 километри квадратни чија единствена копнена граница е онаа со Саудиска Арабија.
Без разлика дали станува збор за недостаток на храна или очекувана инфлација, сигурно е дека Катар, чии два и пол милиони жители во просек се најбогатите во светот, е во големи проблеми.
Првата и најголемата дипломатска блокада од соседите ја почувствува познатата државна авиокомпанија „Катар ервејс“. За компанијата, која има 24.000 работници, чија флота вклучува 192 авиони кои летаат на повеќе од 150 дестинации во 73 држави во светот и која корисниците во повеќе истражувања ја прогласија за најдобра во светот, губењето на пристап до воздушниот простор на Бахреин, Емиратите и Саудиска Арабија ќе има катастрофален ефект.
„Губењето на пристапот на нивниот воздушен простор ефикасно ќе го призејми „Катар ервејс“, велат од Центарот за авијација.
Воздушниот простор на Катар, во најголем дел е опкружен со воздушниот простор на Бахреин, од источна страна им е воздушниот простор на Емиратите, а мали делови на југ се опкружени со воздушниот простор на Саудиска Арабија.
И додека губењето на саудискиот воздушен простор ќе ја чини компанијата поради менувањето на рутата на своите авиони кон Африка, губењето на пристапот на воздушниот простор на Бахреин би бил еднакво на катастрофа. Ако блокдата потрае, авионите на „Катар ервејс“ би биле присилени да летаат низ воздушен простор за кој немаат дозвола за поминување само за да стигнат до својата база во Доха.
И додека авио-компаниите не објаснија како ќе се справат со ова, дискутабилно е дали Бахреин и Емиратите можат легално да го забранат пристапот на авионите на „Катар ервејс“ на нивниот воздушен простор. Имено, иако можат да им го забранат правото на слетување, како потписници на Меѓународниот договор за услуги во воздушниот сообраќај (потпишан и од Катар), легално не можат да им оневозможат пристап до воздушниот простор.
Но, ова не значи дека Бахреин и Емиратите не можат да им го загорчат животот на пилотите од катарската авиокомпанија. Бахреин веќе испрати известување до пилотите во кое стои дека ќе ги ограничат летовите на катарските авиокомпании за и од Катар на една единствена рута низ бахреинскиот воздушен простор. Во превод тоа значи голема гужва и потенцијално доцнење за
авионите на „Катар ервејс“.