Кои детски списанија ги има на нашиот пазар?

Кои детски списанија ги има на нашиот пазар?

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Во учебната година што изминува децата од училишна возраст можеа да ги читаат „Мини ЛИБИ“ и „ЛИБИ“, а од „Росица“ и „Супер Смешка“ учеа во градинките



Сосема е јасно дека квалитетните книги, помошните и нагледните средства, илустрираните сликовници, учебниците и другите приспособени содржини се исклучително важни во процесот на раст и развој на децата. Со соодветен пристап до информациите и до квалитетната литература, децата ќе тргнат во првите читачки подвизи, ќе научат нови зборови и ќе најдат скапоцени одговори на многу прашања.

Согласно Конвенцијата за правата на детето, секое дете мора да има еднаков пристап до квалитетно образование и едукација приспособена на неговите потреби. Во тој контекст, одговорноста на издавачите што се залагаат за висока свест и промовирање на своите вредности, не само формално туку и суштински, е да ги идентификуваат предизвиците на општеството во кое дејствуваат. Нивна задача е и да помогнат во решавањето на некои од најголемите проблеми со кои се соочуваат децата, но и наставниците, во напорот за обезбедување на подобро разбирање на нивните потреби и култивирање генерации на ученици и деца што ќе бидат подготвени да направат голем чекор напред кон позитивни промени за себе како поединци, но и за својата заедница.

Детските списанија имаат многу важна улога во образувањето на децата, во утврдувањето на стекнатото знаење на училиште, но и негово проширување на позабавен начин. Меѓу другото, списанијата постојат и за да ја задоволат желбата за љубопитство на децата, што е море без дно, а ја поттикнуваат и љубовта кон читањето книги.

Кои сè списанија ги имаат како опција читателите од училишната популација?

Ако одите во некој киоск или ако погледнете полици со списанија во некој маркет, она што до скоро го имаше како избор од детски изданија беа главно списанија за деца на српски јазик (со многу брендирани шарени страници, а малку едукативна содржина) и по некоја боенка. Во училиштата веќе една година не се користат списанија, откако списанијата „Другарче“, „Развигор“ и „Наш свет“, во издание на „Просветно дело“, престанаа да излегуваат од печат.

Но, она што претставува вистинско освежување низ киосците и маркетите во земјата се списанијата за ученици „Мини ЛИБИ“ (1 до 3 одд.) и „Либи“ (4 до 6 одд.), во издание на „Арс Ламина – публикации“ од Скопје. Станува збор за модерно дизајнирани списанија што ги покриваат содржините предвидени со наставните програми во основното образование. Овие списанија засега можат да се набават во киосците низ цела држава, како и во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, а издавачот се надева дека од септември ќе се најдат и во училиштата.




Како издавачка куќа со висока свест за потребата од квалитетно детско списание, „Арс Ламина“ се охрабри да инвестира во развивање на целосно нови изданија, пандан на светските детски магазини, што ќе создаваат читачки навики кај децата и ќе ја поттикнуваат нивната љубопитност.

„ЛИБИ“ и „Мини ЛИБИ“, од април годинава, веќе се на домашниот пазар, а оваа недела од печат излезе и јунското издание. Овие две списанија веќе на прв поглед се издвојуваат од другите на пазарот и истовремено одговараат на потребите на денешните деца. Преку нив, на учениците им се нуди можност да прочитаат содржини посветени на науката, културата, нивното опкружување, но сето тоа во корелација со предвидените наставни содржини, а истовремено и во чекор со современите општествени текови, најнови научни откритија и трендови што се привлечни за децата, велат од издавачот.

Списанијата излегуваат еднаш месечно за време на училишната година, на 36 богато илустрирани колорни страници.

Во слободна продажба веќе една година може да се најде и списанието „Колибри+“. Тоа произлезе од додатокот „Колибри“, кое весникот „Нова Македонија“ го објавуваше од 1958 година.

Од изминатата учебна година низ градинките можеше да се добие и списанието „Супер Смешка“, издание на „Едука мак“ од Скопје, на кое предвесник во минатите три години му беше списанието „Смешко“.