Ади Имери, Џијан Емин, Филхармонија - најдлабок наклон!
Кога по малку тажни знаете дека можеби никогаш нема да се случи во живо да ги чуете култните „Пинк Флојд“, концерт од ваков тип предизвикува колективна радост
Дваесетилјадна публика се распосла синоќа во Градскиот парк во Скопје жедна за ретко музичко доживување на отворено и можноста да ги слушне вонвременските композиции на омилените „Пинк Флојд“! Наклон до земја заслужија сите што се погрижија концертот на Македонската филхармонија под диригентство на Џијан Емин да биде настан за паметење! Мултимедијалниот проект „Види музика, слушни слика, добиј книга“ – дело на Филхармонијата и Младинскиот културниот центар, подобро и не можеше да го одбележи десеттото издание, покажувајќи од година в година дека публика се создава кроце, дека мора да се биде современ во изразот и да се опипува пулсот на публиката.
Концертот убеди многу луѓе и од други градови да се упатат во Скопје, затоа што тоа се прави за омилените музика и бенд. Кога по малку тажни знаете дека можеби никогаш нема да се случи во живо да ги чуете култните „Пинк Флојд“, концерт од ваков тип предизвикува колективна радост!
Мултиталентираниот музичар Џијан Емин во последните неколку години од концерт во концерт докажува дека имаме одличен музичар што заслужува почит, публика и, и пред се, доверба. Големите уметници се такви - тивки, ненаметливи и оставаат делото да зборува за нив! Најголемиот „товар“ на концертот го понесе токму тој, се погрижи за оркестрацијата на делата и го водеше оркестарот.
Сепак, најблискиот допир го оствари Ади Имери, гитаристот и вокалист со топол глас во една песна, со снажен во друга. Да се изведат антологиските песни што сите ги знаеме наизуст пред толку бројна публика, е ни малку лесна задача, а Имери го направи тоа со многу љубов и страст.
Wish you were here, Astronomy Domine, Another Brick in the Wall, Time, Money, Us and Them, Comfortably Numb, Hey you…беа дел од репертоарот, а филхармоничарите и сите учесници на концертот им кажаа „благодарам“ на присутните изведувајќи ја Shine on Your Crazy Diamond, со која и го почнаа концертот! Покрај Имери, бендот го составија Александар Поп Христов, гитара, Иван Бејков, електричен бас, Александар Пујовски, гитара, Мартин Вучиќ, тапани, Благоја Перуновски, клавијатури, Маријана Николовска, пијано и Владимир Поп Христов, Сара Николовска и Ана Костадиновска, придружни вокали. За време на концертот на големите платна поставени странично од сцената уметнички дела создадоа Јулијана Гешовска и Илија Спасовски-Чендо. Најупорните добија и бесплатен примерок од книгата „За одењето по мраз“ од германскиот режисер Вернер Херцог.
Концертот со музика од „Пинк Флојд“ дефинитивно беше круна на една одлична сезона на Македонската филхармонија, исполнета со незаборавни концерти, гостувања на големи уметници.