Градинката во Француско интернационално училиште - вистинско мало школо за децата

Градинката во Француско интернационално училиште - вистинско мало школо за децата

Подготвил: Н.Ф

Директорката Билјана Зашаровска Кракутовска, и заменик-директорката Веселинка Ковачева, членови на педагошката екипа на Француско интернационално училиште зборуваат за францускиот образовен систем, како е органзирана наставата и по што се разликува од останатите



Во рамки на Француско интернационално училиште работи и градинка, во која може да се вклучат деца од две до шест години. По каква програма работи градинката?
Билјана Зашаровска Кракутовска:
Во рамките на нашето училиште постои и работи француската градинка која е формирана во 1999 година. Таа ја следи официјалната програма на Министерството за образование и наука на Република Франција. Градинката е од едукативен карактер (родителите секогаш треба да прават разлика помеѓу едукација и згрижување ) и всушност првата фаза од образовниот процес кој се нарекува рано учење. Француската програма му помага на детето да стекне солидна основа од основни знаења која потоа во основното училиште ќе биде надоградена. Како акредитирана градинка, таа е под постојан надзор на францускиот инспекторат за Југоисточна Европа и гарантира за квалитетот на програмата односно за квалитетот на нашето училиште.

Велите дека повеќе може да се нарече прво училиште отколку градинка. Зошто?

Веселинка Ковачева: Градинката има за цел да му помогне на секое дете да стане самостојно и да ги усвои основните познавања. Основната цел на градинката е детето да стекне богат, организиран и разбирлив јазик за сите. Во предучилишната установа детето воспоставува врска со возрасните и другите деца, ја вежба моториката, рационалното и интелектуалното и го открива пишаниот збор. Ваквото учење има за цел да се развие кај секое дете желба и задоволство за учењето и на тој начин постепено да го научи како да стане ученик.
Основна образовна мисија на француската градинката е всушност првиот пристап до основните алатки на знаење со кои децата се подготвуваат за основно училиште, но исто така ги учи на принципите на животот во општеството.

На што најмногу се обрнува внимание?
Билјана Зашаровска Кракутовска:
Во текот на целото школување во градинката акцентот се става на развојот на социјализацијата, јазикот, моторните вештини и когнитивните способности. Во нашата институција најмногу се посветува внимание на развојот на говорот кај децата, збогатување на вокабуларот уште од најмала возраст. Нашата градинка располага со голема библиотека која има богат фонд на книги, но исто така и секоја училна, занимална има своја библиотека со детска литература според возраста на децата. Се инсистира на тоа децата постојано да објаснуваат за време на активностите.


Билјана Зашаровска Кракутовска - Директор на Француското Интернационално Училиште

Градинката ги воведува децата кон основните принципи на учењето. Активностите за усно изразување, пред се секвенците посветени на усвојување на вокабуларот, многубројните ситуации кои овозможуваат слушање текстови, на пример, кога учителот чита приказни, го насочуваат детето кон читање и пишување. Преку три клучни активности (работа со гласови во зборот, приближување кон принципите на азбуката, вовед во пишувањето), градинката го фаворизира систематското учење на читањето и пишувањето кои подоцна ќе започнат во подготвителната настава т.е. прво одделение. Во секоја група има максимум 15 деца со еден професор и еден асистент, а кај децата од прва мала група имаме еден професор и два асистенти.

Како е организиран денот на децата?
Веселинка Ковачева:
Бидејќи сме акредитирани од Министерството за образование на Франција, градинката има 24 часа настава неделно или 36 работни недели годишно. Работното време на градинката е од 7часот и 30 минути до 18 часот, но наставата и актвностите започнуваат во 8 часот и 30 минути и завршуваат во 15 часот. Од 15 до 18 часот децата се згрижени и чекаат да ги земат родителите. Градинката има 4 групи: прва мала група (деца од 1,5 до 3 години), мала група (3 до 4 години), средна група (4 до 5 години) и голема група (од 5 до 6 години). Децата имаат можност да земат три оброка: доручек, ручек и ужина. Менито секој месец го подготвува нашиот школски нутриционист Надица Илиевска. Секако да не го заборавиме биолошкиот ритам кај децата. Имено за малите деца од 2 до 5 години попладневниот одмор од 2 часа е задолжителен бидејќи потребата за спиење кај нив е од 12 до 14 часа. Секој ден, задолжително, децата имаат голем одмор од 30 минути во надвор во училиштето.


Веселинка Ковачева - Заменик Директор на Француското Интернационално Училиште

Во францускиот образовен систем голем акцент е ставен и на спортот, па затоа и нашата градинка е единствена градинка која има спортска сала само за децата од 2 до 6 години. Децата од големата група најчесто се вклучуваат во спортските активности кои ги нуди училиштето: искачување на карпи, карате, колективни спортови и пливање. Во текот на школската година има многубројни еднодневни излези, прошетки а секако и настава во природа од 4-5 дена, надвор од Скопје.

На кој јазик се активностите?
Билјана Зашаровска Кракутовска:
Активностите се одвиваат на француски јазик а се изучуваат францускиот јазик, математика, природа и општество, физичко воспитување, музичко и ликовно воспитување. Да нагласам дека македонскиот јазик се изучува со 2 часа и 30 минути неделно а веќе од средната група се воведува и англискиот јазик со 2 пати неделно по 30 минунит. Ваквото учење на јазици уште од најмала возраст, на крајот на основното училиште децата ги води кон одлична тријазичност.

Што е она што ве прави различни од другите градинки?
Веселинка Ковачева:
Она што ни прави различни од другите градинки е програмата, начинот на работа, големата традиција за предшколско образование на француски начин каде градинката се нарекува „мало училиште“. Препознатливи сме по индивидуалениот пристап на работа, по креативноста, по квалитетна педагошка екипа, по многуте генерации кои излегле од градинката како прекрасни ученици и првенци на генерации. Ние сме првата приватна градинка во Македонија, а тоа нешто значи. Посетете нe и уверете се.