Студентката Деа Беатовиќ дизајнира биро кое може да патува со вас

Студентката Деа Беатовиќ дизајнира биро кое може да патува со вас

Подготвил: М.Ф

Бидејќи технологијата, на луѓето им овозможува кариера во сите области без разлика на локацијата на која се наоѓаат во моментот, мојата цел беше да создадам производ што може лесно да се произведе, транспортира и да се склопува и расклопува секојдневно без примена на метални спојки – вели студентката Беатовиќ.



Биро на кое ќе може да јадете, да работите, а може и да го понесете секаде со вас, е дизајнот со кој студентката Деа Беатовиќ од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, од УКИМ се претстави на годинешниот Миксер фестивал во Белград. Таа е осми семестар на насоката Дизајн на мебел и ентериер , на УКИМ, а голема желба има магистерските да ги продолжи надвор од Македонија. Таа, покрај дизајнирањето на различни производи изработува и накит. За деветтото издание на Миксер фестивалот во Белград вели дека е настан фокусиран на развивање на културата, дизајнот, музиката и уметноста.

Таа ни објасни дека секоја година се обработува различна тема, а овогодинешната била миграција. Соодветно на тоа темата за конкурсот за дизајн била -нови номади, дизајн на било каков производ кој ќе им го подобри и олесни животот на номадите и мигрантите во светот.

- Се одлучив за биро бидејќи е симбол за образование и професионална продуктивност, иако знаењето доаѓа во многу форми и средини на опкружување. Освен тоа, бирото е нешто што им треба на новите номади , а не им требало на старите. Бидејќи технологијата им овозможува кариера во сите области без разлика на локацијата на која се наоѓаат во моментот. Мојата цел беше да создадам производ што може лесно да се произведе, транспортира и да се склопува и расклопува секојдневно без примена на метални спојки. Може да се користи како биро или како маса за ручек за двајца во дом со минимални димензии – вели Беатовиќ.

Инаку, ширината на работната површина на бирото е минимална , но тоа се надополнува со длабочината која наместо стандардните 60 сантиметри, е 79. Со ова се овозможува истовремено поставување лап топ/ компјутер и книги на иста површина.

Беатовиќ е студентка која се занимава со креативна област. Ја прашуваме и колку нашето образование им дава можности на учениците и на студентите да си ја развиваат креативноста и иновативноста. Ова е нејзиното искуство од досегашното школување:

- Факултетот ни нуди запознавање со техничкиот дел од процесот на дизајн , процесите на производство на мебел и изведба на ентериери и запознавање со можностите за реализација на нашите идеи и изучување на историјата , правците и развојот на дизајнот. Дизајнот е најтешка област за предавање , затоа што освен знаење и примена претставува мисловен процес кој треба да се поттикне кај студентот. Според мене студирањето би било уште попродуктивно доколку на студентите им се овозможи работилница каде би ги реализирале своите идеи во форма на прототип – вели Беатовиќ.

Таа веќе неколку години е и дизајнерка на накит. Изработува рачно изработен накит од полимер глина. Објаснува дека тоа е материјал на база на PVC кој на пазарот може да се најде во десетици бои и нијанси.

- Можноста да експериментирам со формата, нешто како сликање во просторот е постојана инспирација за мене, всушност тоа ми е првиот допир со применетите уметности, од каде што понатаму се насочив на дизајн на мебел и ентериер. Во моментов повеќе сум сконцентрирана на дизајн и 3D визуелизација , каде предизвикот е уште поголем бидејќи формата е ограничена со техничките можности на материјалот – вели таа.

После дипломирањето сака да стекне работно искуство и да аплицира за магистерски надвор од Македонија.

- Географски не сум ограничена каде ќе работам или студирам се додека средината ми овозможува напредок и остварување на личниот потенцијал.